САД не сакаат да испорачуваат оружје за голем напад на Рафах
9 мај 2024Доколку израелската војска во офанзива ги нападне густо населените делови на градот Рафах, тоа ќе има последици за испораката на оружје од САД, изјави американскиот претседател Џо Бајден во интервју за Си-Ен-Ен. Тој тврди дека нема да испорача оружје за целосна инвазија. Владата на САД веќе задржа пратка со муниција за израелските вооружени сили поради акциите на Израел во градот Рафах во јужниот дел на Газа.
Израелските војници во вторникот (7.05) влегоа во делови од градот Рафах. Според сопствените изјави, армијата ја презела контролата и на граничниот премин Рафах на палестинска страна. Според израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, операцијата во Рафах е насочена кон ослободување на преостанатите израелски заложници и уништување на терористичкиот Хамас.
САД, како најважен сојузник на Израел, во последните недели постојано ја предупредува израелската влада да не почнува копнена офанзива од големи размери во Рафах - Бајден во март зборуваше за „црвена линија“. Сега американскиот претседател тврди дека израелската војска сè уште „не напреднала во населените центри - она што тие го направиле е директно на границата“. Тој тврди дека јасно им ставил до знаење на Нетанјаху и на неговиот воен кабинет дека не можат да сметаат на поддршката од САД „доколку навистина влезат во овие населени центри“. Тоа е „едноставно погрешно“ - и САД нема да обезбедат оружје и артилерија за тоа.