1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски и Мицкоски во кампањи за иднината на Македонија

ДТЗ
26 октомври 2022

Додека концептот на СДСМ е „силно и одлучно кон иднината“, опозицијата им порачува на граѓаните дека се потребни „промени за подобра иднина“. И двете опции тврдат дека го имаат вистинскиот клуч за напредокот на земјата

https://p.dw.com/p/4Ih8X
Парламент Северна Македонија
Додека концептот на СДСМ е „силно и одлучно кон иднината“, опозицијата бара „промени за подобра иднина“. Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Битката меѓу власта и опозицијата се префрли на терен, каде преку трибини и средби со граѓаните се обидуваат да ги приближат на граѓаните своите концепти за иднината на земјата. Како увертира на битката меѓу двете визии за излез од кризата и за напредокот на земјата кон ЕУ, која што следи во парламентот, каде треба да се изгласаат уставните измени за влез на Бугарите во Преамбулата, започнаа теренски активности во обид да се убедат граѓаните да го одберат „вистинскиот пат“. Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски есента ја минува во посета на општините коишто се управувани од градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и средби со граѓаните на коишто им се презентира економскиот и политичкиот план за излез од кризата, најавувајќи „градежна пролет“ и обединување за „заедничка иднина“. Владејачката СДСМ, пак, синоќа од Битола ја започна серијата граѓански трибини на коишто ја презентира визијата за иднината на Северна Македонија. 

„Мојата визија е економски силна и стабилна држава, полноправна членка на ЕУ. Членство во ЕУ до 2030 година со заштитен македонски јазик и идентитет. На тоа сум посветен, на тоа работам“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во Битола. Додека концептот на СДСМ е  „силно и одлучно кон иднината“, опозицијата им порачува на граѓаните дека се потребни „промени за подобра иднина“.  

 Два концепти

Премиерот Димитар Ковачевски изминатиов период во повеќе наврати испрати порака дека во земјата има два концепти околу коишто ќе се кршат копјата. Тој во обраќањето во с. Селце, прилепско на 16 октомври кажа дека е предводник на концептот за европска Македонија кој значи заштита на македонската традиција и идентитет и сигурна европска иднина, за подобар живот на сите граѓани, а за разлика од него, на спротивната страна е ВМРО-ДПМНЕ чиј концепт ја води земјата во изолација и враќање кон минатото. 

„Државата има два концепти, едниот концепт на чие чело сум јас, тоа е концептот за Европска Македонија. Тоа е концепт кој значи европска иднина, со кренати глави, заштитен македонски јазик, заштитен идентитет, да седиме на големата маса во Брисел, рамноправни. И јас го делам чувството на нашиот народ и ми беше тешко во разговорите и тоа го кажав како некој да ве сече со нож во стомакот. Но, на крајот на денот мора да се донесе одлука, да се обезбеди европска иднина. Другиот концепт е оној на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тој концепт ја води земјата во изолација и враќање назад во минатото, да седи народот сам, раскаран со светот, со ЕУ. Имаме многу јасна разлика”, упати слична порака премиерот и неколку дена претходно на прославата на 11 октомври. 

Димитар Ковачевски
Димитар Ковачевски вели дека е предводник на концептот за европска Македонија кој значи заштита на македонската традиција и идентитет и сигурна европска иднинаФотографија: Government of North Macedonia

Вакви пораки провејуваа и на трибината во Битола каде тој ја обвини опозицијата дека е заглавена во криминалната матрица, без државнички капацитет на кои поважно им е пласирањето на фабрикувани невистини, за наводна асимилација, бугаризација и за загрозување на идентитетот, организирање насилни протести, со единствена цел за исполнување на нивните лични интереси.

„Силно и одлучно кон иднината е наша одлика и на сите треба да им биде јасно дека нема да не поколебаат ниту нечесни политичари ниту нивните нечесни методи! ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица ниту се извинија, ниту пак честитаа за успехот на државата, но граѓаните гледаат и судат. Затоа им се случи првиот изборен пораз на првото изборно соочување откако јас сум на чело на СДСМ, граѓаните покажаа дека не сакаат деструктивност, враќање назад, кочење на државата”, порача претседателот на СДСМ.

Битка на два фронта

Додека СДСМ ќе држи трибини, опозицијата на два фронта ја води битката против владејачката гарнитура. Во услови на кревко парламентарно мнозинство во парламентот, каде претстои донесувањето на важни одлуки за иднината на земјата, ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно обелоденува афери во кои мета е премиерот Ковачевски, но и други партиски функционери кои се обвинуваат за злоупотреби. Партијата која што не ги прекина своите „предизборни активности“ изминатиов период и понатаму е присутна речиси секојдневно на терен на средби со граѓаните во обид да издејствува предвремени избори и смена на власта. 

„Сите обединети поради истите проблеми, тешкиот живот, беспарицата и желбата за иднина. За работите кои ќе ги менуваме, за заедничката иднина“, порача Мицкоски на неодамнешната средба во скопски Сарај. Претходно го посети и Чаир, каде што  порача дека „маката за сите е подеднаква, поради промените мора да се случат час поскоро и да ја поразат оваа влада“. 

Христијан Мицкоски
Мораме заеднички да се бориме за промени и подобра иднина, порачува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Народот секој ден е сѐ посиромашен, а владата сѐ побогата. Затоа промени! Мораме заеднички да се бориме за промени и подобра иднина. Потребен е ангажман на секој еден човек за пораз на оваа неспособна влада и за издигнување од бездната во која ја доведоа и оставија државата. Македонија пак ќе застане на нозе и заедно ќе донесеме иднина“, се главните пораки кои провејуваат на средбите на опозицискиот лидер со граѓаните остварени изминатиот период.

Две партии ги исправаат граѓаните пред тешка одлука за прашања коишто се важни за иднината на земјата. И двете ветуваат дека го имаат вистинскиот клуч за вратата која води кон успех на државата.

„Патот не е лесен и треба да се носат одлуки за идните генерации, за поубав животен стандард како членка на ЕУ“, предупредува Ковачевски, кој смета дека патриотизам е кога македонскиот јазик е еднаков со останатите на Унијата, а во услови на економска и енергетска криза - граѓаните имаат повисоки плати и пензии. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи