Седми октомври: Блискиот Исток една година подоцна
7 октомври 2024Откако Саудиска Арабија ги замрзна преговорите за нормализирање на односите со Израел по 7 октомври, тој потенцијален договор стана дел од мировните преговори меѓу Израел и Хамас. Во меѓувреме, 7 октомври повторно ја разгоре пропалестинската солидарност во оваа земја, вели за ДВ Себастијан Зонс од германскиот институт КАРПО.
Сепак, политички и економски гледано, војната меѓу Израел и Хамас повеќе се доживува како директна закана за амбициозната општествено-економска трансформација на кралството.
„Затоа саудиската политика се фокусираше на дипломатско балансирање во последната година“, истакнува Зонс.
Една година подоцна во Либан
Веднаш по нападот на Хамас врз Израел, влијателното вооружено крило на Хезболах во Либан - кое ЕУ го класифицираше како терористичка група - почна да го напаѓа северен Израел.
„Најпрво Хезболах беше критикуван поради неговата одлука да војува со Израел и да го вовлече Либан во конфликт. Но, од 7 октомври Хезболах ужива зголемена поддршка кај либанското население“, вели за ДВ Кели Петило, експертка за Блискиот Исток во Европскиот совет за надворешни односи.
Според неа, многу Либанци се огорчени од однесувањето на Израелво Газа и од фактот што меѓународната дипломатија не дава резултати.
„Тие почнаа да го гледаат Хезболах како единствен гарант за солидарност со Палестинците“, додава Петиљо.
Сепак, по речиси една година од она што аналитичарите го нарекуваат „ограничени борби“, во септември се случи ескалација.
Една година подоцна во Јордан
Соседниот Јордан, кој потпиша мировен договор со Израел во 1994 година, веќе една година балансира на политички затегнатото јаже.
„Од 7 октомври Јордан во голема мера се обидува да ја балансира силната домашна поддршка за палестинската кауза со своите односи со Израел“, објаснува Кели Петило за ДВ.
Јорданскиот крал Абдула Втори и неговата сопруга, кралицата Ранија, која има палестинско потекло, повеќепати изјавија дека не се подготвени да примат повеќе палестински бегалци. Тоа ќе ја загрози палестинската кауза како целина и директно ќе го прекрши мировниот договор, вели Петило.
„Сепак, сега, со потенцијалното отворање на нови фронтови не само во Либан, туку и на Западниот Брег, Јордан се соочува со сопствен кошмар“, смета аналитичарката.
„Оваа ситуација повторно ги буди стравовите што се појавија веднаш по 7 октомври, имено ширењето на конфликтот и миграцијата на Палестинците во Јордан како резултат на тоа“, додава Петило.
Една година подоцна во окупираниот Западен Брег
„Ситуацијата на Западниот Брег беше многу напната дури и пред 7 октомври“, изјави за ДВ Петер Линтл, соработник на одделот за Африка и Блискиот Исток во германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања.
Палестинската самоуправа е слаба со години, еврејските доселеници ги напаѓаат Палестинците, а сегашната десничарска израелска влада дополнително ги влоши тензиите - со тоа што во својата коалициска програма објави дека Западниот Брег, или како што го нарекуваат, Јудеја и Самарија, може да му припаѓа само на еврејскиот народ, објаснува Линтл. „Сето тоа е засилено од 7 октомври“.
Екстремистичките еврејски доселеници ги напаѓаат палестинските цивили, а тензиите меѓу израелската војска и палестинските милитантни групи на окупираниот Западен Брег достигнаа ново највисоко ниво во септември.
„Западниот брег е буре барут што може да експлодира во секој момент“, вели Линтл. „Во нормални времиња, може да се каже дека ситуацијата е веќе неподнослива со исклучително голем број жртви, само што сега е во сенка на војната во Газа и настаните од 7 октомври“, додава аналитичарот.
Една година подоцна во Сирија
„Војната што избувна на 7 октомври дополнително го оттргна вниманието на медиумите од Сирија и конфликтот што таму трае повеќе од 13 години“, потсетува во изјава за ДВ, Лоренцо Тромбета, аналитичар од Блискиот Исток со седиште во Бејрут и консултант на агенциите на ОН.
Тој наведува дека во граѓанската војна во Сирија сè повеќе доминираат странски сили, како Русија, Иран, Турција, Израел и САД. „Сите овие актери тврдат дека се борат против тероризмот и дека нивната цел е стабилност и безбедност“, објаснува Тромбета.
Во меѓувреме, сирискиот претседател Башар ал-Асад, кој првично беше широко изолиран поради неговата брутална репресија врз сириското население, се повеќе е добредојден назад во арапските и европските кругови.
„На домашен фронт, владеењето на Асад повеќе не се доведува во прашање“, истакнува Тромбета.
Тој наведува дека Асад последната година молчи за настаните и последиците од 7 октомври, додавајќи дека неговиот „пристап со тивка дипломатија, далеку од медиумското внимание, е насочен кон постигнување на долгорочни внатрешни цели“.
Една година подоцна во Египет
Од сите земји во регионот, само Египет најде начин да ја искористи кризата за зајакнување на неговата геополитичка важност по 7 октомври, оценува за ДВ, Тимоти Е. Калдас, заменик директор на Институтот Тахрир за блискоисточна политика со седиште во Вашингтон.
Египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси соработуваше со Израел за дозволи за премин на стоки во Газа и помогна да се одржи блокадата, објаснува Калдас. Исто така, како што вели, централната улога на Египет во преговорите за прекин на огнот повторно ја зацврсти важноста на Египет.
„За возврат, Каиро доби многу дополнителна поддршка од Вашингтон“, нагласува Калдас. Белата куќа одобри воена помош во износ од 1,3 милијарди долари (1,16 милијарди евра) за 2024 година. „Ова е првпат администрацијата на Бајден да ја даде целата сума“, рече тој, додавајќи дека во минатото Вашингтон барем задржуваше дел од помошта што беше условена со прашањата за човековите права. „И, состојбата во Египет всушност стана многу полоша во врска со ова прашање“.
Освен тоа, пред 7 октомври, Египќаните најмногу беа фокусирани на влошената економска состојба во земјата.
„Сепак, ужасните воени злосторства извршени од Израел врз палестинските цивили во Газа, исто така, се најдоа во фокусот на вниманието“, вели Калдас.
Тој верува дека јавното мислење може дополнително да се смени, бидејќи Египќаните сè повеќе ја гледаат нивната влада како дел од проблемот. „Раководството на Египет ќе мора да постигне деликатна рамнотежа во иднина, бидејќи ќе се обиде да ја задржи поддршката од Западот“, заклучува Калдас во изјавата за ДВ.