Седум „слуги на народот“ подготвени за трка
4 март 2024Со граѓанска и со партиска поддршка Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски изминатиов викенд се приклучија на кандидатите кои веќе обезбедија поддршка за учество во изборната трка на претседателските избори: Бујар Османи (ДУИ), Арбен Таравари (Коалиција „Вреди“), Максим Димитриевски (ЗНАМ), Билјана Ванковска (Левица) и Стевчо Јакимовски (ГРОМ).
Со кандидатите поддржани од двете најголеми македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, досега се сигурни седум учесници во претседателската трка. И речиси е извесно дека тој број ќе остане непроменет, бидејќи другите претенденти за претседателската трка според бројот на досега собраните потписи (под или нешто над илјада) сѐ уште се далеку од можноста да ги собeрат неопходните 10.000 потписи, до крајот на рокот, 8-ми март. Еден од нив пред неколку дена и објави дека се откажува од трката.
Второ соочување
Ова ќе биде второ соочување на Пендаровски и Силјановска-Давкова, по претседателските избори во 2019 година. Пендаровски тогаш ја бараше довербата на граѓаните под слоганот „Заедно напред“, а Силјановска под слоганот „Правда за Македонија - татковината повикува!“ По победата пред пет години, Пендаровски се надева и на нова победа, не само на изборите во кои ќе учествува тој.
„Не само на претседателските, туку и на парламентарните избори, СДСМ и коалицијата, ќе ја направат коалицијата што ќе ја води Македонија во следните четири години“, порача Пендаровски на синоќешниот Конгрес на СДСМ, на кој партијата ја официјализираше поддршката за негово учество во трката за втор претседателски мандат.
„Јас очекувам двојна победа. Зошто? Затоа што македонските граѓани знаат дека алтернативата на ова што го нудиме, со сите грешки што ги признаваме и за кои јавно сме се извинувале и ќе се извинуваме, е заробена држава, е малтретирање на администрацијата на оние кои не се нивни, криминал од енормни размери и тотална изолација на државата од евроатлантските интеграции“, рече Пендаровски.
Според него, со таква „алтернатива“, Македонија ќе биде на маргините на Европа, со перспективи никогаш да не стане дел од ЕУ.
„Нивната теза е, прво ќе дојдеме на власт, ќе се обидеме економски да ја кренеме Македонија на здрави нозе и велат - на странските амбасадори им велат - во втората половина од нашиот мандат ќе се обидеме со Бугарите да се договориме. На кој начин? На тој начин што ќе ги натераме Бугарите да го променат нивниот Устав, за да можат да бидат признаени нашите Македонци кои таму живеат. Јас одовде им велам - ако успеат да ги стават Македонците во Уставот на Бугарија, да ги натераат Бугарите да го променат нивниот Устав и ако успеат Македонците кои се таму во огромен број да бидат признаени како национално малцинство, јас ќе бидам првиот кој ќе се зачлени во ВМРО-ДПМНЕ“, рече Пендаровски, оценувајќи ги тезите на опонентите како „детски муабет“.
Како се станува Европеец?
Во двојна победна на изборите е уверена и ВМРО-ДПМНЕ.
„Имаме незавршена работа, започната од последните локални избори - комплетна промена и двојна победа на претседателските и парламентарните избори“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на завчерашната партиска конвенција, на која беше официјализирана кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова за претседател на државата.
Според Мицкоски, таа победа мора да е јасна и убедлива, со 61 пратеник, заради три причини: за економски реформи, за остварување на правдата и одговорност за сите кои правеле криминал, и за сигурно управување на институциите без уцени и диктати.
„Не се станува Европјанин, не се вежба европеизација преку реторика ЕУ, ЕУ, ЕУ… Не!“, порача Силјановска-Давкова.
„Мора владеењето на правото да ни биде прво. Мора слободите и правата на човекот да ни бидат во фокусот. Мора пазарна економија да градиме. Мора да ги почитуваме индивидуалните права, ама исто така и малцинските права“, рече кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа потенцираше дека ќе гради сојузи и сојузништва, ќе интегрира и нема да дезинтегрира, а се осврна и на улогата на претседатолот.
„Колку пати се обрати претседателот пред Собранието? Пред Нова година, ама во Уставот се вели најмалку еднаш годишно. Замислете да видиме претседател кој ќе се обратеше за преговарачката рамка пред да замине за Париз и ќе се повикаше на единството, на консензусот за најважните национални прашања во македонскиот парламент. Не го стори тоа и ја урниса нашата преговарачка позиција. Треба да научиме од соседите кои се повикуваат на линиите што ги утврдиле и кои се во согласност со интересите на граѓаните“, рече Силјановска-Давкова.
Народот на прво место
Под слоганот „Народот на прво место“, и Коалицијата „Вреди“ (Европски сојуз за промени) вчера го промовираше нивниот кандидат за претседател, Арбен Таравари, во Гостивар - градот каде што живее и ја извршува градоначалничката фунција.
„Мислам дека заврши времето на претседателите кои сечат ленти и живеат во кристални претседателски палати, губејќи го секој допир со реалноста. Заврши! Сакам да бидам претседател на народот, претседател кој ги претставува интелектуалците, професорот, студентот, механичарот, докторот, наставникот и кој било друг што уште не си заминал. Сакам да ги претставувам Албанците, Македонците, Турците, секоја етничка припадност, за да ја направиме оваа земја поубава, а не поделена“, рече Таравари.
Тој повтори дека основата на неговата програма се уставните измени, бидејќи тие се услов за продолжување на европскиот пат.
На конвенцијата се обратија и лидерите на другите партии од Коалицијата. Претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, ја обвини ДУИ дека „ги организира животите на Албанците“.
„Им ги пишува вестите, историјата, им бира лекари, ги назначува судиите, па дури диктира и каква музика да се слуша. А кој ќе се осмели да ги прекрши правилата на партијата - се отпушта со монтирани пресуди, со дискредитација на медиумите, и сето тоа во име на националната кауза“, обвини Меџити.
Обраќање имаше и Нора Таравари, сопругата на кандидатот на претседател.