1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Шест прашања за трагикомедијата со Судскиот совет

6 јануари 2024

Реинсталирањето на Весна Дамева е исправање на една неправда, но тоа не значи дека довербата во судството ќе почне да се враќа со сигурни чекори. За тоа се потребни огромни напори од самите судии. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/4av8t
Северна Македонија судски совет
Има многу прашања како во иднина ќе дејствува Судскиот советФотографија: Petr Stojanovski/DW

Враќањето на Весна Дамева на чело на Судскиот совет по пресудата на Управниот суд може да изгледа како една задоволна воздишка во стотиците други издишување околу владеењето на правото во Македонија. И може да значи враќање на довербата во судството, како што самата Дамева изјави пред новинарите, по нејзиното реинсталирање на претседателската функција.

Би можеле ли да се согласите со ваквата објава на Дамева? Осум души од десетмина веројатно би одмавнале со главата, иако лично кај Дамева сигурно се зголемила вербата во непристрасноста на судството.

Има многу прашања како во иднина ќе дејствува Судскиот совет и дали тој ќе излезе од калта во која е заглавен. Ние ќе поставиме само шест, кои може да изгледаат веродостојни.

1. Дали одлуките што Судскиот совет ги носеше под претседателство на Сашко Георгиев се законски валидни?

По реинсталирањето на Весна Дамева, Судскиот совет соопшти дека сите одлуки во времето на Сашко Георгиев „се во правна сила“. Од гледна точка на членовите на Судскиот совет тоа изгледа легитимно, затоа што тие сакаат да ја избегнат целата какофонија што би настанала ако се стават под прашање десетиците одлуки за именување на претседатели на судови, унапредување на судии, избор на судии, дисциплински казни за некои судии. Доколку тие одлуки се прогласат за ништовни, тогаш Судскиот совет би се нашол во уште поголема неволја од онаа во која беше досега.

Кога Дамева лани во мај беше разрешена со неочекуван пуч внатре во Советот, неговите членови и тогаш и подоцна тврдеа дека нејзината смена била со правна сила. И дека сѐ било регуларно. Но Управниот суд пресуди дека ништо од тоа не било регуларно, ниту законски. Коалицијата „Сите за правично судење“ пред некој ден реагираше дека „ништовноста на одлуката за разрешување, ги прави ништовни и сите дела, права и обврски засновани врз ништовниот акт, што меѓу другото ја вклучува и одлуката за избор на нов претседател“.

Ако одлуките на Судскиот совет ги потпишувал Сашко Георгиев, кој со пресуда беше прогласен за нелигитимен претседател, каква правна сила би можеле да имаат тие документи? Професорот по управно право, Борче Давитковски, во изјава за Канал 5 назначи еден пат како засегнатите страни би можеле да постапуваат понатаму. Тој рече дека во секој поединечен случај, ако некое од засегнатите лица поднесе барање за преиспитување на одлуката „пресудата во корист на Дамева е основа за поништување на соодветната одлука што се однесува на него“. Давитковски уште додаде: „Мислам дека судот сосема коректно, правилно и законито ја донел оваа пресуда“.

Бидејќи Судскиот совет не е тој кој пресудува дали актите што ги носел во „нелигитимно време“ се со правна сила, може да се очекува дека повеќе од оние лица што биле засегнати со одлуките додека претседаваше Сашко Георгиев би се обратиле до Управниот суд. Дали и колкумина тоа ќе го направат останува да видиме?

Северна Македонија Весна Дамева
Весна Дамева беше разрешувана двапатиФотографија: Petr Stojanovski

2. Дали Судскиот совет сега ќе биде хармонично тело?

Тешко дека некој би можел да стави опклада за такво тврдење. Сите се сеќаваме како оние што ја сменија Дамева се однесуваа на самата седница. За нејзина смена крена рака и наследникот Сашко Георгиев.

Да се потсетиме дека Дамева беше разрешувана двапати. Првиот пат, на 26 април лани, седум члена, предводени од заменик-претседателот Селим Адеми, гласаа „за“. Адеми тогаш констатираше дека Дамева е разрешена и закажа итна седница за избор на нов претседател. Но, тоа тело, кое кое сега тврди дека сите донесени одлуки до пред некој ден имаат правна сила, тогаш сфати дека нејзиното разрешување тешко може да биде законско, па десетина дена подоцна одржа седница зад затворени врати, на која ја отповикуваа претходната одлука за разрешување на Весна Дамева и потоа во друга постапка ѝ била изгласана недоверба и била разрешена. Веднаш потоа на друга седница, исто така затворена за јавноста, Георгиев беше избран за нов претседател на Судскиот совет.

Истите тие луѓе, освен двајца кои поднесоа оставки, се уште во Судскиот совет. Дали сега ќе завладее „мир, љубов и харомија“ меѓу нив заради единствената цел – да останат во Советот, ќе видиме наскоро. На јавната прва седница за разрешување се гледаше дека Дамева беше дури изложена на „булинг“ од одредени членови на Советот, како да е безвредна.

Љупчо Поповски
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Дамева, во обраќањето пред новинарите оваа недела сакаше да ги остави настрана тие непријатни мигови и да пледира за стручно и непристрасно работење на Судскиот совет како колективно тело. Јасно е дека има многу разочарани меѓу неговите членови од реинсталирањето на Дамева. Колку таа ќе успее да ги хармонизира односите е неблагодарно да се каже кога лани пролетта велеше дека „на јавноста ѝ е јасно зошто сум разрешена“.

3. Можат ли да се поправат лошите оценки за судството кои дојдоа по пучот во Судски совет?

Со еден потег не се решаваат сите проблеми, ниту пак една одлука може да ја смени перцепцијата и оценките. Кога беше разрешена Весна Дамева, Холандија стави во мирување голем проект кој го спроведува со Судскиот совет. Амбасадорот Дирк Јан Коп го нарече Советот „нелигитимно тело“. Иста квалификација имаше и американската амбасадорка Анџела Агелер. Тешко дека нивните оценки ќе добијат драматична промена само поради одлуката на Управниот суд. Проблемите се многу поголеми. Драматично поголеми. Како што тогаш рече амбасадорот Коп: „По двегодишното напредување во правосудниот систем, сега е очигледно влошувањето на функционирањето на системот“. Ако одлуките на „нелигитимното тело“ се со правна сила, како што одлучи Судскиот совет, тогаш е нејасно како меѓународните партнери бланко ќе поверуваат дека се врти нова страница. Тие веројатно ќе гледаат како ќе се однесува Судскиот совет по очигледните политички и други влијанија за после да ја менуваат својата оценка.

4. Колку настаните во Судскиот совет влијаеја врз оценката во Извештајот на Европската комисија и дали за тоа се свесни неговите членови?

Пучот во Судскиот совет беше една од клучните забелешки во оценката за владеењето на правото. ЕК во Извештајот нагласува дека постои сериозна загриженост за несоодветно надворешно влијание врз работата на Судскиот совет и судството, укажувајќи дека треба да се зголеми транспарентноста во процесот на одлучување во Судскиот совет. „Во ноември 2022 година, претседателот на Судскиот совет поднесе оставка во знак на протест против наводните обиди за несоодветно влијание од судството и бизнис заедницата. Новиот претседател, кој ја презеде функцијата во декември 2022 година, беше разрешен во април 2023 година преку контроверзна процедура, покренувајќи прашања за почитување на законите и процедурите. Граѓанските организации и правниците го осудија овој чекор без преседан и ги повикаа сите членови на Советот да поднесат оставки“, пишува во Извештајот.

Сега официјално нелигитимниот претседател Сашко Георгиев и други членови изјавуваа дека ќе ги разгледаат овие забелешки. Ниту тогаш некој им поверува на нивните зборови, ниту пак тие направија нешто со кое ќе ги адресираат овие забелешки. Европската комисија беше таа што презеде чекори – испрати Оценска мисија која достави 40 предлози како да се поправи работата на Судскиот совет. И за нив „нелигитимното тело“ велеше дека ќе ги разгледа и ќе се изјасни.

Ништо од тоа не се случи и можеби немаше да се случи ако не стигна одлуката на Управниот суд. Може ли сега Весна Дамева со „освежен“ мандат да иницира посериозна расправа за сите овие забелешки и членовите на Судскиот совет конечно да се погледнат самите себеси и да се запрашаат – колкава е нашата вина за лошите оценки во Извештајот на Европската комисија. Ако воопшто водат грижа за тоа или им се важни некои други интереси.

5. На кое место сега ќе се најде Македонија на скалата на „Транспаренси интеренешнел“?

Тоа ќе го дознаеме на крајот на јануари, кога меѓународната организација ќе го објави индексот за перцепција на корупцијата во 180 земји во светот. На ланската листа Македонија беше на 85. место, напредувајќи едно скалило погоре. Ќе видиме што ќе се случи сега. Но кога се знае дека извештаите се подготвуваат до октомври, ноември - и дека настаните во Судскиот совет може да бидат една од точките кои би се споменале во оценките за корупцијата и владеењето на правото, нема да биде изненадување Македонија наместо да напредува да оди повеќе скалила подолу. Рангирањето на оваа листа може да одигра важна улога во кампањата за изборите во мај, а сегашната Влада да се најде во комплицирана ситуација.

Дали и за тоа членовите на Судскиот совет ќе почувствуваат одговорност? Ако се суди според нивните досегашни изјави, малкумина би очекувале таков потег. Тие и натаму се однесуваат како некоја секта која многу често по неразбирливи критериуми унапредува судии, а други ги остава да чекаат. Па макар имале повеќе бодови од останатите.

6. Можно ли е враќање на довербата во судството?

Само оние што се наивни може да поверуваат дека одлуката на Управниот суд е клучот за враќање на довербата во судството. Стотици други пресуди или непостапувања, или одолговлекувања, или сослушувањето на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, пред дисциплинската комисија на Судскиот совет, го составуваат мозаикот за многу ниската доверба во судството, дури занемарлива. Видовте јавно како еден од членовите на Судскиот совет ја испрашуваше Адеми како да седи на стол на некаков инквизитор, без да води сметка какви се реакциите во јавноста или експертите и стручните здруженија. Нему му изгледаше поважна некоја друга агенда.

Бидејќи Судскиот совет соопшти дека сите одлуки од времето на Сашко Георгиев се „со правна сила“, веројатно така би требало да биде и со комисијата која ги испитува „гревовите“ на Беса Адеми. Па нема да биде чудно и по реинсталирањето на старата претседателка Беса Адеми да заврши на „судската гилотина“. Во интерес на „мирот, љубовта и хармонијата“ на членовите на Судскиот совет и оние што стојат зад нив.

Бидејќи е совршено јасно дека независноста побегнала „главом без обзира“ од оваа правна секта.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар