1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Весна Дамева: На јавноста и е јасно зошто сум разрешена

5 мај 2023

Чиј интегритет го штитеа зад затворени врати? Вчерашниот чин нема законска основа. Одговорност за незаконско постапување и одлучување мора и треба да има, вели за ДВ Дамева за повторното „разрешување“ од Судски совет

https://p.dw.com/p/4QvyF
Судски совет Северна Македонија
Судски совет Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Што се крие зад „вистинските“ причини за моето повторно разрешување, а без присуство на јавноста и со грубо прекршување на сите правила и процедури, убедена сум дека тоа на јавноста и` е веќе добро познато, вели за ДВ Весна Дамева, претседателка на Судскиот совет, која вчера одново беше „разрешена“, во постапка која не е предвидена со закон и деловник, а потоа за нов претседател на Судскиот совет беше избран судијата Сашко Георгиев.

Од 13 членови со право на глас, за Георгиев 8 гласале „за“, што е минимален број гласови потребен за да се избере претседател. Четворицата членови кои гласале „против“, изјавија дека тоа е нивен принципиелен став, бидејќи Сашко Георгиев гласал за разрешувањето на Дамева и со тоа придонел за состојбата во која се најде Судскиот совет изминатите денови.

Единствената со право на глас која не присуствувала на гласањето, е Весна Дамева. ДВ побара коментар од Дамева за вчерашниот чин во Судскиот совет.

„Очигледно е дека вчерашниот чин, кој за некои најверојатно е завршница на претходните дејствија, нема ниту правна ниту законска основа. Одговорност за незаконско постапување и одлучување мора и треба да има. Судскиот совет беше блокиран изминатите денови, мое мислење е дека истото е со цел да се обезбеди потребното мнозинство за мое разрешување и за избор на нов претседател. Целата оваа ситуација стана предмет на јавен интерес. Но, и покрај тоа, Судскиот совет одлучи да ја исклучи јавноста, со што ја лиши од правото да знае што се случува зад затворените врати во оваа важна институција, која треба да се грижи за самостојноста и независноста на судството. Пред да ја напуштам салата за да не бидам учесник во понатамошните дејствија, јасно укажав дека јавноста не смее да биде исклучена и остро се спротивставив на тоа. Се прашувам, чиј интегритет се штитеше зад затворените врати. Мојот?“, коментира Дамева.

Беззаконие со продолжено дејство

По нејзиното „прво разрешување“ на 26-ти април, таа изјави: „Оваа одлука ќе биде противзаконска, но очигледно треба да бидат исполнети некои желби. Јас навистина не знам ова како ќе заврши, освен што одредени лица од политиката ќе бидат и тоа како задоволни ако успеат во ова“.

Осум дена подоцна, Дамева е уверна дека на јавноста веќе и` е јасно кои се причините за ваквото нејзино разрешување.

„Што се крие зад ‘вистинските’ причини за моето повторно разрешување, без присуство на јавноста, со грубо прекршување на сите правила и процедури, убедена сум дека тоа на јавноста и е веќе добро познато. Јас останувам доследна на изјавата која ја дадов на денот на мојот избор за претседател на Судскиот совет - дека за корумпираните судии нема место во судовите. Од оваа заложба не отстапувам и токму поради тоа останувам да бидам член на Судскиот совет, сѐ додека не се обидат да ме ‘отстранат’ и од таа позиција. За корумпираните судии компромис нема. Граѓаните заслужуваат да живеат во правна држава во која владее правото, а државата заслужува самостојно и независно судство“, вели Дамева.

Како што е познато, Дамева еднаш веќе беше „разрешена“ од функцијата претседател на Судскиот совет, кога на 26-ти април седум члена предводени од заменик-претседателот Селим Адеми, гласаа „за“. Адеми тогаш констатираше дека Дамева е разрешена и закажа итна седница за избор на нов претседател. Но таа седница беше одложувана, сѐ до вчера кога се одржа зад затворени врати, на која било одлучено да ја отповикаат претходната, прва одлука за разрешување на Весна Дамева, и да ја стават „вон сила“. Веднаш потоа во друга постапка на Дамева и` била изгласана недоверба и била разрешена, а потоа на друга седница, исто така затворена за јавноста, се гласало за избор на нов претседател на Судскиот совет.

Страшна трговија со влијание

Ваквиот серијал што се одигра во Судскиот совет во изминатите 8 дена, правни експерти го оценуваат како „беззаконие со продолжено дејство“, а причините што тоа непречено се одвива го лоцираат во надворешни влијанија врз Судскиот совет заради нечии интереси.

Од кулоарите на Судскиот совет уште пред седницата од 26-ти април произлегоа информации дека на повидок е обид да се спречи на дневен ред да дојде иницијатива за одговорност на апелационен судија, кој девет месеци држел во фиока предмет од висок профил. Тие тврдења останаа до денес, а ни по „првото разрешување“ на Дамева до денес, не беше активиран ниту еден законски механизам за да се утврди што се случувало во Судскиот совет.

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Билјана Ивановска, вчера изјави дека очекувала барем Собранието да изреагира.

„Ние ги повикавме и останатите институции коишто имаат свој придонес, односно предлагаат членови на Судскиот совет, да излезат со своја реакција. Искрена да бидам, очекував дека можеби требаше Собранието тука малку поинаку да изреагира, во најмала рака да свика некаква надзорна комисија, да побара отчет од учесниците во целата таа драма, да кажат зошто тоа го направиле така, кои се причините, едноставно да дадат свое објаснување пред јавноста. Тоа е мој личен став, мислам дека така требаше да биде“, рече Ивановска на ТВ 21.

Такво нешто не се случи, а вчерашниот епилог во Судскиот совет таа го оцени како чин на „страшна трговија со влијание“.

„Мислам дека се случува страшна трговија со влијание, позадински, врз членовите на Судскиот совет, од некои што имаат интереси. Ова не е само мое мислење, ова е мислење што излезе во јавноста и што ми стои дека е кредибилно“, рече Ивановска.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи