1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со условените оставки ДУИ пакува „три во едно“

31 јули 2023

Според аналитичари, потегот на ДУИ освен кон опозицијата, е наменет и кон гласачите на интегративците, но и кон меѓународната заедница за пред неа да покажат конструктивност и кооперативност

https://p.dw.com/p/4UZkr
ДУИ  Мала Речица
Седиштето на партијата ДУИ во Мала РечицаФотографија: DW/S. Toevski

Без сериозна анализа и со иронични контрапредлози испливаа првичните реакции по вчерашната најава на Али Ахмети дека министрите од ДУИ поднеле оставки од функциите, но ќе станат ефективни откако ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени.

Ова го објави лично лидерот на ДУИ на неговиот Фејсбук профил, споделувајќи го писмото во кое за овој чекор го информирал премиерот Димитар Ковачевски.

Во писмото се наведува декаДУИ се решиле на таков чекорбидејќи земјата се наоѓа во критична фаза за нејзината европска иднина, а ДУИ ја презема одговорноста како политичка партија со оглед наусловот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поддржи уставни измени доколку има влада без интегративците.

Ахмети потенцира и дека тој и ДУИ остануваат посветени на ставот дека евроатлантската интеграција на земјата - членството во НАТО, во ЕУ, како и непрекинатото сојузништво со САД, сѐ и остануваат најголем интерес на сите граѓани без разлика на нивната националната и верска припадност.

Овие пораки не ја расколебаа најголемата опозициска партија. Оттаму вчера експресно одговорија со кусо соопштение, во кое оценија дека е „добро е што ДУИ по 20 години власт е подготвена да замине во опозиција од каде ќе може да одговара за криминалот и да ја докажува својата невиност“.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети објави дека министрите од ДУИ поднеле оставки од функциите, кои ќе станат ефективни откако ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измениФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Откако ДУИ го направи првиот чекор - си поднесоа оставки, сега само тие да бидат неотповикливи и да одиме на брзи избори, бидејќи сѐ друго е одолговлекување и играње играчки на грбот на државата и иднината на граѓаните“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Жртвување или фолирање

Според аналитичарот Исен Салиу, добро што партиите го вадат целиот политички арсенал на маса, пред да биде првото гласање за уставните измени.

„Чекорот на ДУИ со оставките мислам дека треба посериозно да се анализира од ВМРО - ДПМНЕ, бидејќи на овој начин мислам дека се исцрпени политичките алибија на партијата на Христијан Мицкоски. Ако овој чекор на ДУИ е искрен, тогаш претставува еден од најискрените политички жртвувања во политичката сцена во независна Македонија. Но ако се вистинити некои сомнежи појавени кај одредени политички аналитичари, дека ДУИ ги доставиле оставките откако се увериле деканема да поминат уставните измени, и дека ќе нема потреба тие оставки да се активираат, тогаш мислам дека јавноста лесно ќе го препознае тоа“, вели Салиу.

Какво е правното дејство на вака условените оставки? Според правен експерт со кој разговараше ДВ, во моментов не може да се зборува за правен чин, туку, пред сѐ, за политички.

„Што се однесува до правното дејство на оставките, за такво нешто не може да стане збор во овој момент, бидејќи оставките треба да се проследат до Собранието каде треба да се констатираат на првата наредна седница, а според сегашниот распоредтоа е онаа закажана за 18-ти август.Во овој момент имаме изјави во кои се вели дека оставките се поднесени до претседателот на Владата и ќе бидат ефективни со изгласување на уставните амандмани, односно, со иден, прилично неизвесен, услов. Впрочем, дури и сега да се поднесат ефективни оставки, без какви било услови, тие секако ќе останат на своите функции до констатирањето на оставките, што во минатото не било секогаш на првата наредна седница“, објаснува нашиот соговорник.

Во понудата до опозицијата тој препознава и самопрепорака на ДУИ кон нејзините гласачи и кон меѓународната заедница.

„Оставките, пред сѐ како некаков политички чин, колку што се упатени до опозицијата со цел да се изврши некаков притисок, се чини дека уште повеќе се наменети за сопствените гласачи и меѓународната заедница, пред која треба да се демонстрира конструктивност и кооперативност со цел да се добие нејзината благонаклонетост, особено во контекст на изборите кои ќе следат. Впрочем, веднаш дојде уште една потенцијална оставка од пратеничка функција, а нема да изненади доколку денешниот ден донесе нови такви најави од политичките субјекти на албанската етничка заедница“, вели правен експерт.

Вчера пратеникот од опозициската Беса, Фадил Зендели на Фејсбук објави дека ќе си поднесе оставка од пратеничката функција доколку ДУИ и СДСМ гласаат за отстранување на формулацијата „20%“ и ако албанскиот јазик се впише во Уставот. Истовремено на социјалните мрежи се намножија бројни сатирични и условени предлози, за начинот на кој може да се решат дел од актуелните проблеми во македонското општество.

Втора ракавица

Вчерашната понуда од ДУИ не е прва. Интегративците му фрлија ракавица на Мицкоски и на 7-ми јуни, веднаш по неговата средба со Ковачевски, на која двајцата разговараа за уставните измени.

„ДУИ е подготвена да поддржи влада без ДУИ до избори, доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и тие стапат во сила пред формирањето на таа влада. Европската иднина на граѓаните е пред сè", објави тогаш портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

 Христијан Мицкоски Димитар Ковачевски
Христијан Мицкоски: Од двете опции што ги понудив на лидерската средба со Ковачевски останува само една на маса - предвремени парламентарни избориФотографија: Petr Stojanovski /DW

Таквиот став на Османи уследи откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ по лидерската средба изрази подготвеност неговата партија да влезе во влада, но во неа да не биде ДУИ. Но, Мицкоски тоа го кажал како одговор на понудата на Ковачевски - да почне процесот на уставните измени, а СДСМ од своите десет министерски места пет да ѝ отстапи на ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изразил подготвеност да влезе во влада со СДСМ и со други партии, но без учество на ДУИ, и со уште еден услов: евентуалните уставни измени да важат од денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во ЕУ од парламентите на 27-те земји членки.

Вториот предлог кој на таа средба го дал Мицкоски е: избори наесен (со три предлог-датуми), поддршка и гаранции од европски институции за националниот идентитет и јазик, економски пакет од Европската Комисија, како и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур.

Бидејќи чекаше, но не доби одговор кој од двата предлози е прифатлив за власта, Мицкоски на крајот на јуни објави дека понудата веќе не важи.

„Двете опции што ги понудив на лидерската средба беа на маса, но сѐ уштене слушнав од Ковачевски која опција ја прифаќа.Од денеска има само една опција на маса - предвремени парламентарни избори“, порача лидерот на ВМРО -ДПМНЕ на крајот од јуни.

Денеска опозициската партија се огласи со ново соопштение и со истите ставови.

„Убаво е што ДУИ почна да се подготвува за падот на оваа влада. Оставките кои ги поднесоа нека ги активираат и да се оди на брзи избори за народот да се отараси од ова криминална и корумпирана власт. Веруваме дека времето во опозиција и на СДС и на ДУИ добро ќе им дојде за да се реформираат и да си подготват добра одбрана кога ќе одговараат за криминалите кои ги направија во овие години. Народот воопшто не е потресен доколку некој министер од оваа влада си поднесува оставка, туку напротив тоа го гледа како меѓучекор до конечен пад на оваа власт. Изборите се единствениот излез од ќорсокакот во кој ја доведоа Македонија“, се наведува во партиското соопштение.