До уставни измени со влада без ДУИ?
7 јуни 2023Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски разговараа за уставните измени во четири очи, но конкретен договор во Клубот на пратеници не е постигнат. На лидерската средба премиерот на маса ставил неколку предлози, на кои опозицијата одговорила со контрапредлози. Според првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот предложил широка влада со петмина министри од опозицијата, додека Мицкоски бара влада во која нема да учествува и ДУИ. Тој бара гаранции од ЕУ за уставните измени, кои смета дека треба да стапат на сила по влезот во Унијата.
Мицкоски оцени дека ситуацијата околу уставните измени не само што е мрдната нанапред, туку е полоша од лани, но за премиерот не е се така „црно“. Тој вели дека имале конструктивен состанок, во добра волја, којшто треба да продолжи и понатаму. Истакна дека слушнал поинаков став на средбата, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ не се против уставни измени во земјата. „Тоа е заеднички заклучок и клучна порака од оваа средба“, изјави Ковачевски.
Непосредно пред да започне лидерската средбата Извршниот комитет (ИК) на опозициската партија го овласти партискиот лидер да ја брани позицијата дека е против уставни измени под диктат.
Предлогот на Ковачевски
На средбата премиерот и предложил на опозицијата заедно да ги изгласаат уставните измени, бидејќи смета дека тоа е вистинското решение што граѓаните го очекуваат од нив.
„Доколку сите заедно ги изгласаме, тогаш предложив дека веднаш по гласањето може да одиме на избори. Во текот на изминатиот период сфатив дека за нив е важно да бидат дел од власта и за да покажеме дека ние како Влада не сме ориентирани кон добивање политички поени само за себе и дека не сме водени од свој партиски интерес и дека не сме фокусирани само на резултатот на следните избори, предложив заеднички да го изгласаме отворањето на Уставот со две третини и веднаш утредента ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ковачевски.
На тој начин, премиерот смета дека ќе обезбедат влада која обединува и која ги обединува сите политички партии кои се за евроинтеграција. Во однос на барањето на опозицијата одредени партии да не бидат дел од владата, Ковачевски вели: „Ни треба влада која ќе биде широко обединување на сите, која ќе има јасна цел. Тоа ќе биде влада на обединување, на европска интеграција а нема да биде влада на изолација и дестабилизација, други сценарија можат да доведат до други резултати во општеството“.
ВМРО-ДПМНЕ сака да влезе во влада, но без ДУИ
Мицкоски на ваквиот предлог излегол со контрапредлог. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со останатите политички партии, но без учество на Демократската унија за интеграција. Оваа идеја е прифатлива и за ДУИ.
Партијата, преку министерот за надворешни работи и портпарол на партијата, Бујар Османи, на Фејсбук соопшти дека се подготвени да поддржат Влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и тие стапат на сила пред формирањето на таа влада.
„Европската иднина на граѓаните е пред сѐ!“, вели Османи.
ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави подготвеноста на ДУИ да оди во опозиција и порачаа дека останува уште партијата да се согласи за одложена примена на измените се до периодот на влез на Македонија во ЕУ, „откако ќе се увериме дека нема други условувања за македонскиот идентитет“.
Мицкоски денеска на новинарско прашање дали ако не следните озбори „победат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, партијата нема да се согласи на формирање влада со ДУИ, рече дека по во 2017 година веќе не важи правило влада да формираат „победникот со победникот“.
„Завршена е таа работа. Во иднина ќе мора владите да се прават на основа на политики, на основа на реформи, а не на основа на тоа победник со победник. Тоа е суштината. ВМРО-ДПМНЕ и јас лично ќе направиме се во рамките на демократијата, законот и Уставот, после следните – дали ќе бидат предвремени или редовни парламентарни избори, каде што очигледен и јасен победник ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ да биде во опозиција и тоа е добро да помине одреден период во опозиција, поради внатрешно реструктуирање. Секогаш е добро за една политичка структура да помине една своевидна катарза во опозиција за да може поподготвена да настапи на следните избори и потоа со свежи идеи и политики да биде дел од некоја идна влада“, додаде тој.
Гаранции - се крши ли Преговарачката рамка?
Мицкоски изнесе и други детали од средбата во Клубот на пратеници. Тој рече дека „јасно му кажал“ на Ковачевски дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата стои на ставот дека уставни измени под бугарски диктат на ваков начин и под овие околности нема да поддржи. Вели дека премиерот предложил во рамки на парламентот да почне дискусија и да се отвори и да се изгласа со две третини потреба за промена на Уставот, а потоа да биде формирана влада во која од десетте ресори кои ги менаџира СДСМ, пет да бидат дадени на ВМРО-ДПМНЕ. „Тој предложи да бидат завршени уставните измени, да отпочне процесот на преговори и потоа да бидат затворени едно две или три поглавја во зависност од брзината, а таа Влада да оди на парламентарни избори“, рече Мицкоски.
Опозицијата бара и дополнителни гаранции - евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамки на ЕУ од парламентите на 27 земји членки. Мицкоски вели дека премиерот ваквиот предлог го протолкувал како кршење на преговарачката рамка.
„Тогаш му предложив да одиме на предвремени избори кои ќе се одржат на три датуми на есен, да се формира влада на широко национално единство во која нема да биде дел ДУИ и бидејќи ниту една земја членка на ЕУ нема против македонскиот многувековен идентитет, традиција, култура, обичаи, македонски јазик, тогаш еве јас сум подготвен да разговарам со неколку премиери на следниот состанок на Европскиот совет да изгласаат потврда или гаранција за сето ова што го зборуваме“, вели Мицкоски, кој бара гаранции за Македонците во Бугарија и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Ковачевски е подготвен дополнително, иако тоа е веќе обезбедено во Преговарачката рамка, уставните измени кои ќе се донесат во своите завршни и преодни одредби да имаат одредба со која важат во моментот на одржување на втората меѓувладина конференција која е закажана без никакво одлагање.
„Се друго вон тоа е разговор надвор од преговарачката рамка, бидејќи таа е донесена од страна на сите 27 земји членки на ЕУ“, дециден е премиерот.
Иницијативата без двотретинско мнозинство
Паралелно со разговорите со опозицијата, течат подготовките околу иницијативата за промена на Уставот. Таа би можела во наредните 10 дена да влезе во собраниска процедура, а да биде ставена на гласање кога ќе се создадат услови. Мицкоски вели дека не само што нема услови, туку нема ни двотретинско мнозинство за да помине иницијативата.
„Лидерската средба ги покажа јасно позициите дека во овој момент нема двотретинско мнозинство во парламентот и дека час поскоро треба да има релаксирање во општеството, а единствен начин на релаксирање на општеството е практично час поскоро да одиме на предвремени парламентарни избори за да можат граѓаните да добијат влада онаква каква што заслужуваат, а не влада која што не ги застапува нивните интереси“, вели Мицкоски.