1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц: Сега е моментот за Северна Македонија

БГ
5 октомври 2023

Германскиот канцелар Шолц го повика Скопје да ги донесе потребните одлуки за почеток на преговорите со ЕУ. Бугарскиот премиер Денков повикува на обединување на политичките ривали.

https://p.dw.com/p/4X8vh
Германија Бугарија Олаф Шолц Николај Денков Берлин
Германскиот канцелар Олаф Шолц и бугарскиот премиер Николај Денков на прес-конференција во БерлинФотографија: Political-Moments/IMAGO

Германскиот канцелар Олаф Шолц смета дека сега е моментот за приближување на земјите од Западниот Балкан кон ЕУ и ја повика Северна Македонија да ги донесе потребните одлуки на тој пат.

„Сега е време и земјите од Западен Балкан да станат членки на Европската унија. Ние како Европска Унија ја презедовме таа обврска во Солун пред 20 години“, рече Шолц на заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер Николај Денков во средата во Берлин.
Прашан на пресот, дали на средбата со Денков станало збор и за Северна Македонија и дали постои дополнителен ангажман од Софија на таа тема, Шолц не одговори директно, туку потсети на ветувањето од Солун и го повика Скопје да ги донесе потребните одлуки.

„Затоа е многу, многу важно сега да го придвижиме тој процес напред - ова секако ја вклучува и Северна Македонија, која сега може да ги донесе потребните одлуки - и сите ние сакаме заедно да го придвижиме овој процес напред. Се надевам дека тоа ќе се случи и во тесна соработка со Бугарија“, рече Шолц. 

Бугарскиот премиер Денков не ја спомена директно Северна Македонија на прес-конференцијата, но говореше за интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во ЕУ.
„Разговаравме и за Западниот Балкан. Разговаравме за тоа дека земјите од Западниот Балкан мора да се интегрираат како полноправни европски земји. Ги знаеме поединечните потешкотии, но мораме да работиме заедно со овие земји, за и тие да ја пронајдат својата иднина во Европа“, рече Денков. 

Николај Денков
Македонците треба да го реализираат она за што се договориле со Европската комисијаФотографија: Political-Moments/IMAGO

Денков бара обединување во Скопје  

Бугарскиот премиер посвети повеќе време на спорот со Македонија во интервју за австрискиот весник Стандард. На забелешката на новинарката дека во Скопје недостасува неопходното мнозинство за гласање на уставните измени, Денков како можно решение го препорачува бугарскиот модел, односно широката владина коалиција меѓу неговата партија, „Промената продолжува“ и ГЕРБ.
„Најлесно е да ескалира дебатата меѓу општествата и политичарите. Ние сакаме да го избегнеме тоа. Доколку сакаат да бидат европејци, Македонците треба да го реализираат она за што се договориле со Европската комисија. И ние исто така, затоа што сакаме да бидеме проевропски, се обединивме со нашите најголеми политички ривали во заедничка влада. Мислам дека тоа не е невозможно, но доколку главниот интерес е борбата за изборни гласови, тогаш тоа секако не оди“, рече Денков за Стандард.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема