1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сонот на татко ми и чудото пред Божик во Солун

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
23 декември 2024

Пред една недела во Солун стана јасно колку силен аргумент во одбраната на македонскиот јазик и култура е токму Договорот од Преспа. Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/4oVpH
Солун навечер
Солун навечерФотографија: Diogenis Dimitrakopoulos/DW

Има нешта за кои  толку долго сонував што, кога се остварија, ги доживеав како чудо. Затоа што имам егејско потекло, знам  дека  многу сонови  не се остваруваат. Сонот на татко ми да се врати „дома”, во Овчарани (Meliti), остана неостварен до смртта. Во Граѓанската војна во Грција, на петнаесет години, во една зимска ноќ 1947-та,  тој пребега, заедно со родителите, преку грчко-југословенската граница. Мајка му, баба ми Кица, не стигна до границата. „Умре на патот”, се велеше во мојата фамилија. На патот на бегалците  низ  Леринското поле. Татко ми цел живот сонуваше да се врати во Грција, за да го најде гробот на  мајка му. Приказната за тој  сон, една година по неговата смрт 1996-та, ја запишав во  книгата „Егејци” („Култура”,Скопје,1999). Ја нареков книгата „Егејци” затоа што таа приказна беше  и на многу  други егејски бегалци.  Кога излезе од печат, некои од тие со кои растев во Југославија ми рекоа дека  насловот  на книгата бил „грд”. Се разбира, „Егејци” отсекогаш беше и негативен стереотип. Подоцна дознав дека тој наслов е  „одбивен”  и за многу Грци. Сега  сум уверена дека е вистинскиот наслов.На конференцијата во Солун сфатив дека  оваа книга го сочува жив сонот на татко. Тој сакаше да се врати за да им ја раскаже својата бегалска приказна на тие со кои растеше. Цели 77 години по бегството, минатиот викенд книгата „Егејци” сведочеше за тоа. На македонски! Само тоа е веќе  чудо, доколку се знае дека причината за многу Македонци во Егејска Македонија да станат партизани беше забраната на нивниот мајчин јазик во Грција. Со тоа долгогодишното табу за македонскиот јазик во Грција беше „скршено”.

Празник на македонскиот јазик среде Солун

Тоа што симболично споменот на татко ми „ја премина” границата со книгата „Егејци”, беше заслуга на храбри научници на универзитетот во Солун, од катедрата  за славистички и ориентални студии.Тие, во соработка со Филолошкиот факултет од Скопје,  ја организираа конференцијата за  литературниот превод и интеркултурниот дијалог. 

Mazedonien Skopje Flaggen
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Всушност, се работеше за литературни преводи од два јазика –  грчкиот и македонскиот. На македонски, за официјалната грчка политика се‘ уште забранетиот и непостоечки јазик, се  читаше литература. Секако, со превод на грчки. Тој чин беше најубавото признание на македонскиот јазик. Тоа се случи благодарение на храброста на Александра Јоаниду, професорката по славистика и македонистика во Солун. Секако, конференцијата не ќе беше можна без поддршката од професорката Фотини Цимпириу, раководителката на катедрата за арабистика и славистика.

Овој празник на македонскиот јазик среде Солун за мене беше не само почеток на научната соработка меѓу двете земји, туку и почеток на  помирувањето на Грците и Македонците. Во таа желба досега бевме обединети во долгогодишно пријателство само јас и Александра. Гркинката, со татко бегалец од Мала Азија, од градот Смирна, и Македонката, со татко  бегалец од Грција, од  селото Овчарани. Не‘ поврза паметењето на  болката на нашите таковци по својата изгубена родна земја. Не‘ поврза книгата „Егејци”. Во 2009-та Александра со порака преку Фејсбук ме праша каде може да ја купи, затоа што како славистка сакала да говори за неа на  конференција во Солун. „За жал, не можам да Ви помогнам, затоа што книгата е распродадена”, и‘ одговорив кратко. Всушност, тогаш не можев да  поверувам дека има Гркинка или Грк што сака да ја прочита токму  таа книга. Во следната порака Александра ми раскажа повеќе за нејзините истражувања на македонскиот говор во Егејска Македонија, а јас тогаш ја препорачав кај пријатели во НУБ. Тие и‘ направија фотокопија од „Егејци”. Само две години претходно, издавачот „Култура” во Скопје ми беше соопштил дека немаат интерес да печатат ново издание.Александра Јоаниду беше храбра и подоцна реферираше за книгата „Егејци” на неколку меѓународни конференции.Додека беше визитинг-професор на универзитетот во Јена, во 2015, таа го убеди шефот на тамошната славистичка катедра да ме поканат  да ја претставам „Егејци” пред германски студенти.

Остварување на сонот преку Договорот од Преспа

Сепак, уште не беше остварен мојот сон, за „Егејци”, за сонот на татко ми, да зборувам на грчки универзитет. Тоа на 14-ти декември го овозможи токму Договорот од Преспа. Иако тоа за многу Македонци, дури и кога се Егејци, е уште несфатливо.  Тогаш, во 2018-та, Александра и јас силно го поддржавме Договорот, затоа што ние долго пред тоа бевме сознале дека нема друг пат за народите на две соседни земји, да се запознаат и да ги надминат историските трауми и стереотипи, освен помирувањето. Обете знаевме дека литературата  може да одигра улога на предвесник на тој пат. Кога во мојот прв текст, два дена пред да се потпише Договорот од Преспа, го поддржав како признание на македонскиот јазик и народ, но и како почеток на помирувањето на двата народа, во Македонија бев прогласена за „предавник”.Кога  две недели подоцна, во превод на Александра Јоаниду, грчкиот весник „Авги” ја објави мојата колумна „Помирување на Балканот-утопија или реалност?”, во Грција на социјалните мрежи ме нападнаа грчките националисти како „македонска националистка”, која, затоа што татко и‘ бил бегалец од Грција, ќе го барала неговиот имот. А јас во таа колумна јасно реков дека тоа што за многу  уште  се чини утопија - да читам на македонски од книгата „Егејци” пред атинските ученици – со Договорот од Преспа еден ден  ќе стане реалност. И дека сонувам  за тоа!

Потпишување на Преспанскиот договор во јуни 2018 година
Потпишување на Преспанскиот договор во јуни 2018 годинаФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Тој сон за мене се оствари на конференцијата во Солун. А таа беше возможно само затоа што постои Договорот од Преспа. Само затоа што во него грчката страна го прифати  постоењето на македонскиот јазик, на македонскиот народ и неговото културно наследство. Затоа што тој е меѓународен договор што ги задолжува двете земји. А тоа значи дека Грција со Договорот од Преспа ги признава сите обележја на македонскиот идентитет, а тоа се јазичните и културните посебности на македонскиот народ. Се разбира,  во ураганот на огорченост од Договорот од Преспа 2018-та, ме стигматизираа  како „предавник” дури и многу потомци на егејските бегалци. Ги разбирав, затоа   што, поради бегалската траума, многумина  не можат да ја напуштат улогата на „вечна жртва”. Токму затоа тие не можеа да ме разберат кога пишував дека признавањето на посебноста на македонскиот јазик и на македонскиот  народ како словенски, ќе им понуди на Македонците во Грција да добијат парадигма со која ќе се идентификуваат како различни  од Грците. Патем, тие што ја познаваат грчката „борба за Македонија” од почетокот на минатиот век, знаат дека најголемите грчки националисти се бореа против „Словените”, зашто, според нив,  Словени во Грција никогаш не постоеле.Само затоа истакнувањето на словенскиот карактер на македонскиот јазик и народ во Договорот од Преспа е пораз за грчките националисти.

„Словенски Македонци“ и „грчки Македонци“

Пред една недела во Солун стана јасно колку силен аргумент во одбраната на македонскиот јазик и култура е токму овој договор. Откако  еден ден пред конференцијата беше објавена програмата, во парламентот во Атина, најекстремната десничарска партија, која многумина во Грција ја нарекуваат „фашистичка”, бараше од Владата да  ја „забрани” конференцијата. Врз ректорот на универзитетот во Солун политиката вршеше притисок, од  Александра Јоаниду да побара конференцијата да не се одржи на универзитетот, туку на друго место. Затоа што универзитетот е највисоката научна институција, а кога таму ќе се говори на македонски, тогаш тоа е официјално признание на тој јазик. Сите грчки медиуми пишуваа за настанот. И демократските-либерални и ектсремно десните и профашистички  медиуми. Конференцијата, сепак, се одржа. Профашистичките студенти не се појавија, за да ја спречат, додека левичарските студенти беа првите што побараа збор да ги поздрават учесниците. Тоа беше јасна поддршка за правото на словенските Македонци во Грција да зборуваат на својот јазик, маедонскиот. Зошто мора да се истакнува, во грчки контекст, „словенски Македонци”? Затоа што во тој дел од Македонија, кој ние го нарекуваме Егејска Македедија, во дваесеттите години доселените Грци од Мала Азија веќе изградија свој идентитет според  името на регионот во кој дојдоа – Македонија. Нивниот идентитет е денес „грчки Македонци”. За жал, тие  се најчесто екстремните грчки националисти кои, слично на  некои македонски националисти, се сметаат за потомци на  „античките Македонци”. Затоа беше многу значајно што на конференцијата читаа поезија многу грчки поетеси и поети, но со македонско потекло.

Како што се надевав, дојдоа многу Македонци од разни краишта од Егејска Македонија. Ми пријде пред конференцијата еден човек од Овчарани. Тој го познаваше татко ми, затоа што неговиот постар брат живееше во Скопје.Присутен беше и некогашниот кмет на Овчарани, син на првите соседи на дедо ми.Татко ми раскажуваше дека еден од неговите браќа бил неговиот најдобар другар. Одеднаш сфатив дека веќе се наоѓам во сонот на татко ми, во чудото. На тие, со кои тој порасна, им ја раскажував  бегалската приказна на татко ми, а тие мене ми кажуваа нешта за фамилијата на  дедо ми, кои јас не ги знаев. На пример, дека името Барџиеви, не можело да се преведе на грчки и сите, до ден денес, за  фамилијата на дедо ми го употребувале тоа име. Додека читав извадок од „Егејци”, во публиката многумина плачеа. Потоа тие  ми кажаа дека приказната на татко ми била и таа на нивните родители. Плачеа и  Грци, потомци на бегалците од Мала Азија. Затоа  што и нивните фамилии имале иста бегалска судбина. Многу од присутните Македонци  ме прашуваа кога книгата „Егејци” ќе биде објавена во Грција. Затоа што моето учество на конференцијата беше и најавата дека  идното лето еден реномиран атински издавач ќе го објави преработениот и проширен ракопис на  „Егејци”, во превод на грчки на Александра Јоаниду.

Потребни се повеќе визионери

За да се оствари помирувањето меѓу Грците и Македонците се потребни, во двете земји, многу повеќе визионери како мојата пријателка Александра Јоаниду. Сепак, значајно е што патот е веќе отворен, а еден од првите  чекори  на  тој пат беше конференцијата во Солун. И затоа што чудата ни ги отвараат очите да ги видиме вистински нешта, додека пишувам се сетив дека универзитетот во Солун е на улицата „Игнација”. За тие што не знаат, „Via Ignatia“ е латинско име за патот кој  Рим го поврзувал со Константинопол. А поминувал и преку Македонија и Грција. Тогаш сфатив дека географските заеднички патишта од минатото ги  препознаваме како шанса и за нас, дури откако  во срцата ќе почнеме да сочувствуваме со траумата на Другиот, на засега уште непознатот Грк и  Македонец.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.