Совет на Европа стави крај на обвинувањата за дискриминација
8 февруари 2023Комитетот на министри на Советот на Европа усвои Резолуција за националните малцинства во Северна Македонија со која се потврдува дека не се основани обвинувањата од страна на Бугарија дека земјата се врши системска дискриминација врз малцинствата. Од МНР информираат дека во процесот на усвојување на Резолуцијата на Комитетот на министри на Советот на Европа (СЕ) за национални малцинства во С Македонија, биле поднесени многубројни амандмани од друга заинтересирана делегација, кои не наишле на поддршка од мнозинството земји членки. Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи неодамна информираше дека Бугарија инсистирала преку амандмани во Резолуцијата да биде вметната формулацијата системска дискриминација во контекст на бугарската заедница во земјата.
„Помеѓу останатото, аргументацијата на високото мнозинството претставници е дека ваквите процеси не треба да бидат прекумерно политизирани и билатерализирани, туку истите треба да се засноваат на духот и принципите на меѓународното право и стандарди, како и објективните наоди на независните експерти кои рефлектираат на реалната состојба“, соопшти МНР.
Евалуација
Како што информира МНР, во Комитетот на министри на Совет на Европа денеска е комплетиран петтиот циклус на редовна евалуација на Северна Македонија, во смисла на нејзино спроведување на обврските преземени со пристапувањето кон Рамковната конвенција за национални малцинства. Мониторинг процесот, кој трае определен период и низ кој циклично на 5 години поминува секоја земја-договорна страна на Конвенцијата, кулминира со усвојување на Резолуција од страна на Комитетот на министри. Резолуцијата е базирана врз наодите и препораките на Мислењето на независните експерти на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за национални малцинства, кои меѓу другото, остварија и посета на земјата во ноември 2021 година.
Препораки
Резолуцијата содржи препораки за итна акција во кои се наведува дека земјава треба да преземе дополнителни чекори кон унапредување на едно интегрирано општество базирано на почитување и доверба меѓу различните заедници, засилување на напорите за спречување случаи на кршење на човековите права од страна на полицијата против Ромите и подобрување на пристапот за ромските деца до квалитетно образование. Особено се нагласува потребата од подобар пристап на жените Ромки до здравствени услуги.
Од МНР потенцираат дека земјата останува посветена на почитување и заштита на човековите права, вклучително и малцинските, независно за која етничка заедница станува збор, и отворена за соработка и дијалог со релевантните механизми за човекови права.