Спасовски најави „жесток“ одговор кон сите провокации
31 јануари 2023Полицијата ги анализира сите ризици во пресрет на чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека имаат план и преземаат активности за да се спречат евентуални инциденти на 4 февруари. Тој е дециден дека македонското и бугарското МВР ќе преземат сѐ за да не се дозволи радикални структури да ги нарушуваат односите меѓу двете земји.
„Мора да деескалира состојбата која што неодговорни политичари, групи и поединци сакаат да ја доведат до огромна ескалација“, порача Спасовски, повторувајќи дека полицијата „нема да дозволи ескалација и инцидент“, ниту пак ќе дозволи какво и да било „понижување на македонскиот народ и држава, од кого и да е“.
Спасовски повика на мирно и достоинствено чествување на гробот на великанот. „Мора да упатиме порака до сите политички субјекти да бидеме одговорни во овој процес, бидејќи неодговорноста не прави ништо добро за граѓаните и државата. Мирот и стабилноста е одговорност на секој од нас. Да не им се дозволи простор на радикалите кои сакаат да ги нарушат односите со Бугарија“, истакна Спасовски.
Во полицијата се прават секојдневни анализи, формиран е и посебен штаб во кој се вклучени сите безбедносни институции кои што ги земаат предвид сите ризици во пресрет на 4 февруари. Дали на група политичари и граѓани од Бугарија, кои што се спорни за македонските безбедносни институции, ќе им биде дозволено да ја преминат државната граница ќе се знае на 4 февруари. „Одлуките ќе ги носиме кога ќе дојде време, врз основа на сите анализи“, вели министерот.
Никој не е над државата
МВР ги анализира сите повици на социјалните мрежи и најави дека ќе се организираат ноќни стражи и блокади на патиштата во пресрет на 4 февруари, кога треба да се одбележи 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во Скопје.
Министерот за внатрешни работи ги повика граѓаните да не потпаѓаат на разни повици на патриотски здруженија, институти и политичари за чување на гробот на Гоце Делчев, бидејќи тоа е во надлежност на институциите и полицијата. „Нема да му биде дозволено на никој да биде над државата“, вели Спасовски.
Тој испрати децидна порака дека државата ќе „има жесток одговор кон секој којшто има намера да ја загрози безбедноста на мнозинството граѓани и да го наруши јавниот ред и мир“. „Ова се однесува и на наши граѓани, но и на луѓе однадвор“, вели Спасовски. „Ние сме гостопримливи, знаеме да подадеме рака на секого, но затоа бараме достојна почит и на оваа држава и на граѓаните“, додава првиот човек на МВР.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска (31.01) повтори дека МВР ќе постапува согласно Законот за странци, каде постои одредба според која граѓанин на друга држава што претставува опасност може да не биде пуштен да влезе во државата.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа колку бугарски државјани се очекува дојдат на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Делчев на 4 февруари, Ковачевски рече дека сите податоци и бројки се разменуваат меѓу безбедносните служби на двете држави.