Србија и кризата во БиХ: етаблирана политика на балансирање
12 јули 2023Донесувањето на законот со кој во Република Српска се забранува примена на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина се оценува како најтешко кршење на Уставот на БиХ и Дејтонскиот договор од 1995 година. Претседателот на Србија Александар Вучиќ по тој повод изјави дека во БиХ е во тек тешка кризаи дека се плаши „дека странците решиле да постапуваат многу жестоко“.
Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека Србија не го поддржува рушењето на БиХ, но и дека се противи на обидите за рушење на РС, додавајќи дека Република Српска е „меѓународно признат ентитет, кој го измислија САД, а не ние“.
Што по повод кризата во БиХ порачуваат српските власти?
Лука Шериќ, истражувач од белградскиот Центар за безбедносна политика, оценува за ДВ дека режимот во Белград не се откажува од „восоставената политика на балансирањево поглед на ситуацијата во БиХ."
Пораките насочени кон Запад ја подвлекуваат конструктивната улога на Србија како гарант на Дејтонската спогодба и целовитоста на БиХ. Од друга страна, со изјави за поддршка на властите во Бања Лука, кои се упатени и кон избирачкото тело во Србија и јавноста во РС,Вучиќ гради слика на клучен заштитник на српските национални интереси во регионот“, вели Штериќ.
Тој додава дека улогата на фактор на стабилност во регионот на Вучиќ му е „важна карта“, со која успева да го намали меѓународниот притисок на кој е изложен поради својата авторитарна власт. „Поради тоа, и покрај врежаната слика во јавноста, Вучиќ и Додик често имаат спротивставени интереси, а соработката за двајцата претставува нужно зло,“ оценува Штериќ.
За директорот на Центарот за регионализам, Александар Попов, изјавата на Дачиќ претставува „обид за оградување и миење на рацете од сѐ што е досега направено, кога Србија ги поддржуваше сите потези на Додик. Тоа е и навестување дека Белград почнува да го пушта Додик низ вода“, оценува Попов.
Кулминација на институционалната криза
Бидејќи во РС е донесен закон за забрана за примената на одлуките на Уставниот суд на БиХ, Високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит донесе декрет со кој непочитувањето на одлуките на Уставниот суд ќе биде казниво.
Додик потоа потпиша указ за прогласување на закон со кој нема да се почитуваат одлуките на Шмит. Указот во понеделникот (9 јули) го потпиша в.д. директорот на Службениот гласник на РС, Милош Лукиќ. Потоа беше објавена веста дека Обвинителството на БиХ формирало предметпоради активностите кои Додик ги спроведува во РС. Покрај тоа, тој за наесен најави и референдум за статустот на РС, а навести и нови блокади на државните институции, како што се СИПА и Обвинителството.
„Последицата на одлуката на Собранието на РС за непризнавање на одлуките на Уставниот суд на БиХ претставува кулминација на долгорочната институционална криза на државно ниво“, вели Лука Штериќ. Тој потсетува дека Додик, како инструмент за притисок на Сараево, со години го користеше бојкотот на централните институции во БиХ, што ја загрози нивната функционалност.
„Тоа се однесува на Уставниот суд на БиХ, чија одлука за поништување на Законот за неподвижен имот на РС, како и промената на правилникот според кој одлуките можат да се носат без присуство на судии од РС, го турна Додик кон натамошна ескалација како во реториката, така и во политичките одлуки“, вели Штериќ.
Потенцијалниот референдум за сецесија на РС тој го гледа како „нуклеарна опција“. Не верува дека Додик ќе се одлучи на тој чекор „кој би претставувал отворена ескалација“, зашто знае дека „во моменталните околности не би имал речиси никаква меѓународна поддршка,со исклучок од Руската Федерација.“
„Затоа најавата на референдум е вид политички притисок кој му преостанува на Додик за да се постави како политички фактор кој не може да биде заобиколен во решавањето на клучните прашања во БиХ“, оценува Штериќ.
Одговорност на меѓународната заедница
Последните потези на РС наидоа на осуда од меѓународната заедница – ЕУ, САД и Велика Британија. Нивните реакции се задоцнети, оценува Александар Попов, зашто за кризата, поради која дел од јавноста во БиХ стравува од нова војна, освен Додик, придонесоа и други национални лидери во БиХ.
„БиХ е протекторат, меѓу другото зашто има Висок претставник, кој е врховен арбитар во БиХ. Одговорноста ја има меѓународната заедница, која дејствува неадекватно и со задоцнување. Мораше да реагира пред 15 години, кога националните лидери, порано и Изетбеговиќ и Силајџиќ, сега Додик и Човиќ- почнаа да го доведуваат во прашање опстанокот на БиХ“, нагласува Попов.
„Ако се превземат мерки против Додик, се плашам дека преку медиумите, кои ги контролира, ќе испрати порака дека тоа е напад врз српскиот наод, а не врз него, кој ги поткопува темелите на БиХ. Тоа може да доведе до големи неволји. Видовме дека парадата за т.н. Ден на Република Српска намерно беше направена во источно Сараево, за да се подели и Сараево. Премногу време помина, повторно се предизвикани анимозитети меѓу едните и другите, луѓето се плашат од војна“, вели Попов.
Тој воедно проценува дека евентуалната смена на Додик би можела да има лоши последици. „Стравувам дека тоа не би поминало мирно, треба да се има во вид дека тој ги контролира речиси сите институции во РС“, потсетува Александар Попов.
БиХ – едно од две жаришта во регионот
Помошникот на американскиот државен секретар за Западен Бакан, Габриел Ескобар неодамна изјави дека, доколку не дојде до деескалација во Косово, постои опасност тамошната криза да прерасне во регионален конфликт.Дали таквите стравувања се оправдани?
Штериќ објаснува дека прашањето за статусот на Косово нераскинливо е поврзано со стабилноста во БиХ, „како политички преседан на кој се повикуваше Додик кога најавуваше право на самоопределување и сецесија на РС:“
„Косово и БиХ се најакутни жаришни точки во длабоко поврзаниот регион во кој нестабилноста лесно се пренесува. Евентуална натамошна ескалација на ситуацијата во северно Косово би била лоша вест за стабилноста на приликите во БиХ“, оценува Штериќ.
Дали годините во БиХ „ги изедоа скакулците“?
Попов се надева дека без оглед на кризата, нема да биде неопходна употреба на меѓународни оружени сили во БиХ.
„Порано, уште пред избивањето на оваа криза, објавено беше дека е засилено присуството на силите Алтеа во БиХ. Но ако дојде до тоа тие оружени сили да мора да бидат употребени, тогаш навистина ѓаволот ја однесол шегата. Тоа би значело дека политиката дефинитивно потфрлила, дека последните 28 години во БиХ ги изеле скакулци. Пред тоа, мора да се продолжи со обиди за политичко решение. Значи, да се најде начин да се запре Додик кој води кон дезинтеграција на БиХ. Но, повторувам, освен Додик, и другите два национални лидери исто така придонесоа БиХ да дојде до оваа состојба“, вели Попов.
Штериќ нагласува дека единствен начин за долгорочна стабилизација на приликите во БиХ би била полна реинтеграција на претставниците на РС во централните институции и наоѓање компромис меѓу Сараево и Бања Лука за клучните прашања, вклучувајќи и законите за државен имот и за Уставниот суд на БиХ. Но, „за тоа во овој момент не постои спремност на клучните политички актери во Босна и Херцеговина“, заклучува Штериќ.