Што е Хамас и кои се неговите цели?
10 октомври 2023Хамас е милитантна, исламистичка палестинска група. Хамас не ја признава државата Израел и, според сопствените изјави, сака да ја уништи земјата. Германија, Европската унија, САД и некои арапски држави го класифицираат Хамас како терористичка организација.
Хамас е составен од различни воени групации, вклучително и бригадите Касам, кои извршија многу напади и самоубиствени бомбашки напади против Израел во последните години. Организацијата вклучува и политичка партија и хуманитарни организации.
Кратка историја
Хамас е основан во втората половина од 1980-те како опозиција на Палестинската ослободителна организација, ПЛО на Јасер Арафат. Спорно прашање е дали Хамас всушност е „создаден“ со пари на израелската влада, како противтежа на ПЛО. Не изненадува што таквото сценарио денес го демантираат и Израел и Хамас. Зашто, за разлика од ПЛО, Хамас не го признава правото на Израел да постои како еврејска држава.
На грбот на Хамас е насликана џамијата Ал Акса со познатата златна купола, а меѓу палестинските знамиња се наѕираат контурите на неподелена палестинска држава, територија која го вклучува и денешното државно подрачје на Израел.
Арафат во 1993 година, во рамките на Мировниот процес во Осло склопи мир со Израел и така ја оконча Првата интифада, како што се нарекува палестинското востание. Хамас не го призна тој договор и продолжи со напади на израелски подрачја.
На изборите во 2006 година во Појасот Газа, Хамас освои апсолутно мнозинство, а една година подоцна по воен пат ја зацементира власта. Во областите на Западниот Брег на власт е умерената партија Фатах под водство на Махмуд Абас. Поради таа констелација често може да се чуе дека палестинските области не се раздвоени само географски, туку и политички.
Од Појасот Газа, Хамас продолжи со напади врз Израел, опишувајќи ги како самоодбрана. Овие денови сме сведоци на петтата ескалација на воени судири по 2008/2009, 2012, 2014 и 2021 година.
Кој го поддржува Хамас?
Појасот Газа е едно од најгусто населените подрачја во светот, со околу два милиони жители на 360 квадратни километри. Газа е речиси целосно изолирана поради скоро целосно херметички затворените граници со Египет на југ и Израел на исток и север и Средоземно Море на запад. Голем дел од населението живее во сиромаштија, осудено на хуманитарна помош.
Кога Хамас врши напади, често цивилното население му служи како човечки штит. Ракети се испалуваат од станбени населби, а командите се наоѓаат во згради. Хамас често копа и тунели за шверц на оружје, првенствено од Египет. Но, тамошната влада тврди дека не е заинтересирана за продолжување со таа пракса.
Еден од најважните донатори од странство за Хамас е Катар. Тамошниот емир во 2012 година како прв странски државник го посети Хамас во Газа. Израел се надева дека Катар и некои други арапски држави ќе воспостават дипломатски односи со Израел.
Уште еден важен сојузник на Хамас е Турција. Непосредно пред ракетните напади од страна на Хамас во 2021 година, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган разговараше со политичкиот водач на Хамас, Исмаил Ханија и му вети поддршка.
Освен Катар и Турција, Хамас го поддржува и цела низа невладини иницијативи и здруженија, меѓу кои и од Германија. Според пишувањето на германскиот магазин „Шпигел“, германските здруженија блиски до Хамас во Појасот Газа испраќаат донации во милионски износи.