Граѓаните ќе се откажат од храна, но не и од цигари
17 декември 2024Страста за цигарите го исцрпува семејниот буџет. Домаќинствата со пушачи од семејниот буџет издвојуваат дури 13,2 отсто за купување цигари, што е значително зголемување од 10,3% во 2018 година, покажува најновата студија за ефектот на истиснување на потрошувачката на тутун врз буџетот на домаќинствата во Северна Македонија“ на Аналитика Тинк Танк.
„Овие трошоци имаат ефект на ’истиснување’ на семејниот буџет што предизвикува пораст на сиромаштијата“, вели Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика Тинк Танк. Податоците од студијата покажуваат поразителни резултати - страста за цигарите и другите тутунски производи го исцрпуваат семејниот буџет на сметка на буџетот потребен за храна, образование и здравје, особено кај семејствата со ниски примања.
„Дополнително фрапантно е што истражувањата покажуваат дека цигарите го поттикнуваат трошокот на алкохолни пијалоци односно непушачките семејства за алкохол трошат 1,1% под нивниот семеен буџет, додека семејствата со пушачи трошат високи 12,5% за алкохол. Ако се земат предвид сите анализи, точно се воочува дека трошењето на семејните буџети за тутунските производи предизвикуваат продлабочување на сиромаштијата“, вели Спасова.
Процентот на пушачи кај возрасните во Северна Македонија изнесува 48,4 проценти. Во просек еден активен пушач консумира до 18 цигари дневно, додека најголемиот дел консумираат по 20-тина цигари, односно една кутија цигари дневно.
Оптоварување и за здравственот систем
Овој луксузен производ е од големо оптоварување на здравствениот систем. Според статистиките на Институтот за јавно здравје, 45,4% од граѓаните се активни пушачи. Тоа е значително повеќе од регионот за Европа кој изнесува 25 проценти. Според СЗО, трошоците за цигари изнесуваат 38 милијарди денари годишно што е црвен аларм за преземање итни мерки за намалување на оваа загуба.
Институт за јавно здравје (ИЈЗ) отвори бесплатна телефонска линија за откажување од пушење. Директорката на ИЈЗ, Марија Андонова вели дека имаат голем број повици на оваа линија, поради што ќе продолжат да инвестираат во активности кои ќе продонесат за откажување на пушењето.
Институтот за Јавно здравје посебен акцент дава на превенцијата од аспект на превенцијата од заштита и употреба на сите психотропни супстанци на тутунот и тутунските производи. Истражувањата за употреба на тутунски производи не вклучуваат само употреба на цигари, туку и употреба на пура, електронски цигари и наргиле.
Првата цигара на 13 години
Алармантен е податокот дека децата започнуваат да пушат од својата 13-годишна возраст. Тоа се должи пред се на достапноста на цигарите за малолетни деца и ниските цени на продажба.
„За жал нема напредок кај употребата на тутун кај деца од 13 до 15 години. Зголемени се статистиките за употреба на електронски цигари кај жените, но и поразителен е фактот што децата купуваат цигари по барање на родителите, бабите и дедовците, но никогаш не биле вратени од страна на продавачите. Ова покажува дека ситуацијата е трагична“, вели Елена Ќосеска од ИЈЗ.
УНДП и СЗО изготвиле анализа со која ги проценија економските трошоци од употребата на тутун и истите изнесуваат повеќе од 38 милијарди денари. Тоа е 5,6 од БДП. Исто така, употребата на тутун е причина за повеќе од 5 000 смртни случаи годишно. Трошоците на здравствениот систем од употреба на тутунот се проценуваат на 4 милијарди денари.
Контролата за увоз е исто така значаен фактор за употребата на тутун и производите на тутун во државата. Од 2025 па до 2030 година Царинската управа планира зголемување на акцизите на тутунските производи.
Секој 1 јануари акцизата на цигарите ќе се зголемува за 0.23 денари, на пурите 2 денари по парче, тутунот за пушење 150 денари по килограм, несогорливи тутунски производи на кило по 350 денари, 0,02 денари по милилитар за течниот тутун. Со овие мерки, се очекува до 2030 година земјата да биде усогласена со минималните стапки во ЕУ.