Македонија има околу милион хектари шума односно една третина од територијата е под шума. Тие се еден од најважните природни ресурси во земјата и имаат еколошки и економски функции, а истовремено се клучен фактор во одржувањето на јаглеродната рамнотежа, биолошката разновидност и ги ублажуваат промените на климата. Само од 2019 до 2021 година во државата е опожарена површина од 30 илјади хектари или три отсто од вкупната површина под шуми. Податоците укажуваат дека за обнова на опожарената површина се потребни 50 години.
Но тоа како да не го тревожи никого. Таквиот заклучок произлегува од децениската негрижа на државата, која се буди секое лето со пожарите, а потоа повторно се враќа на редовната агенда во која нема место за јакнење на капацитетите за нивно спречување или справување со огнената стихија. Веќе стана нормално да се бара странска помош како и ова лето, без да се мрдне со прст да се променат состојбите.
А тие се благо речено поразителни. Државата располага со три полициски и еден воен хеликоптер, како и три ер-трактори од кои само за еден има пилот, 105 цистерни со сопствени пумпи за гаснење на пожари, 33 авто-цистерни кои носат вода но немаат сопствени пумпи, 48 противпожарни теренски возила за гаснење на пожари во шума и непристапни терени, како и 54 класични теренски возила со пумпи, 11 теренски возила, шест командни возила, две возила за превоз на луѓе и опрема и 191 пумпа.
Ова не е доволно да се совлада ниту еден поголем пожар а камоли повеќе како што беснеат деновиве, што впрочем се покажа и со паничното барање на странска помош. Но и странците ќе помагаат додека немаат пожари на нивен терен, а знаеме дека со летото кое е пред нас, пожарите ќе станат секојдневие.
Доброволците со голи раце
На територијата на Македонија се активни и (само) 15 доброволни противпожарни друштва со вкупно 1726 членови од кои 861 се активни. Податоците за нивната екипираност и функционалност најдобро одговараат за рубриката „верувале или не“. Само 4 од тие 15 противпожарни доброволни друштва имаат противпожарни возила и тоа вкупно 8 од кои само 6 се функционални но се стари по 25 години и повеќе, а едно датира дури од 1973 година. Исто така само 4 доброволни противпожарни друштва имаат опрема за пожарникарите. Противпожарни пумпи кои се клучни за спречување на ширење на помали пожари има 17 од кои само 12 се исправни. Иста е состојбата и на планот на обуките кои се ретки, а за тоа говори и фактот дека има само пет сертифицирани противпожарни инструктори.
Оваа лоша состојба не е одговорност на самите противпожарни друштва. Според Законот за пожарникарство од 2017 година, надлежните локални и државни институции се обврзани да даваат поддршка на овие друштва во делот на финансиите, простор за работа, опремување, лична заштитна опрема како и обезбедување обуки. Но тоа не го прават. На политичарите им е полесно да се фотографираат каде што беснеат пожари со желба за приграбување на политички поени и обвинувајќи се меѓу себе кој водел помала грижа за оваа област.
Меѓутоа фактите го вперуваат прстот и во едните и во другите. Во Македонија – држава членка на НАТО која се бори за членство во ЕУ, доброволните противпожарни друштва располагаат со вкупно 102 противпожарни заштитни панталони и комбинезони, 72 кациги за технички интервенции и 30 заштитни маски и боци за дишење.
Овие податоци може да се погледнат во анализата на Доброволни противпожарни друштва изготвена пред три години со помош на странски грант, со анкета и непосредни разговори на терен, затоа што самата држава не покажала интерес да се занимава со тоа важно прашање.
Пожарникарите принудени да тужат
Ако се погледне, пак, ревизорскиот извештај од пред година и пол, за системот за управување со кризи и заштита од пожари, доколку не се изгубите во морето формирани работни групи, меѓуресорски групи, недонесени закони и стратегии и други ти реков ми рече ситуации, ќе дојдете до сознанија како на пример дека 9 години доцнел националниот план за управување со пожари на отворен простори кој е обврска на Министерството за земјоделие и шумарство и кој произлегува од Законот за шуми. За таквиот јавашлак имаме право на мала малициозност дека земјоделските субвенции кои преку ноќ се претвораат во гласови на избори, за политичарите се поважни отколку справувањето со пожарите кои ги јадат белите дробови на државата.
Запрепастува и податокот дека системот за известување и тревожење нѝ е од 1980 година. Некој ќе рече дека сега е ново време и тие системи за застарени, но во САД на пример во помалите места сѐ уште се известува населението за торнадо со сирени за тревога, покрај модерните технологии со СМС пораки, апликации и медиумски вести.
Ревизијата откри и нерегулиран начин на плаќање на тимовите за брз одговор, што негативно се одразува на нивната мотивација да влезат во битка со огнот, како и дека наместо предвидените 1423 пожарникари во територијалните противпожарни единици има само 994. Катастрофална е состојбата и на планот на обуки, остручување и слично, со што се загрозува животот на оние кои треба да ги гаснат пожарите.
Државата не покажала интерес ниту да ги плаќа пожарникарите согласно обемот и видот на работата, како и ризикот на кој се изложени, па така платила 148 милиони денари или 2,3 милиони евра за долгови, камати и извршители кон пожарникарите. Таков проблем се појавил и во ЦУК каде тужбите од вработените го чинеле буџетот 9 милиони денари односно 145 илјади евра. Тешко е и во овој случај да се воздржиме од малициозност и да не потсетиме дека без проблем се зголемија функционерските плати за фантастични 78 проценти, но за пожарникарите не се нашле пари.
Што да се каже на сево ова освен дека јавашлакот, немањето приоритети и загрозувањето на животот и безбедноста на граѓаните и нивниот имот, се заеднички именител на изминатите три децении, а судејќи според гордоста со која владите се фалат дека успеале да добијат странска помош, нема ни на повидок свест дека треба да се инвестира во оваа важна сфера.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.