„Доколку ги изгубиме изборите, тоа ќе биде поради јужната граница, а не поради Украина“, ќе изјави пред неколку месеци важен функционер од Белата куќа. Делува дека реалноста не само што го потврдува ова мислење, туку и го престигнува.
Во моментов Соединетите Американски Држави се соочуваат со сериозен и драматичен политички судир кој лесно може да прерасне во уставна криза, а центарот на конфликтот е поставен на границата меѓу државата Тексас и Мексико, односно, се размотува помеѓу Тексас и федералната власт. Гувернерот на Тексас, републиканецот Грег Абот, реши да постави бодликава жица на границата поради големиот број нелегални влезови. Сепак, Врховниот суд на САД нареди дека жицата мора да се отстрани. Како одговор на одлуката на Врховниот суд, Абот се повика на „уставното овластување на Тексас да се брани и заштити себеси“ од она што тој го опиша како „инвазија“. Грег Абот вели дека ќе се спротивстави на федералните сили доколку е потребно, поддржан од 25 други републикански гувернери кои се подготвени да му дадат воена поддршка на Тексас.
Судирот кој беше замислен како предизборен обид на републиканците да се принуди централната држава да го запре бројот на мигранти кои ја преминуваат границата и да се понижи Џо Бајден на неколку месеци пред изборите, добива тон на граѓанска војна и лесно може да излезе од контрола.
Зголемување на тензиите
Иницијалната каписла за актуелната имиграциска криза е во тоа што илегалната имиграција драматично се зголеми од 2021 година, односно, откако Бајден ги поништи рестриктивните мерки донесени од неговиот претходник Трамп. Мерките на Трамп секако не нудеа системско решение и беа неоправдано сурови, но бројките во последните години речиси се дуплираа. Во 2021 година од Мексико влегуваат 2 милиони луѓе, 2,5 милиони во 2022 година и уште толку во 2023-та. Станува збор за најмасовен влез во историјата на американската гранична полиција или „Border Patrol“.
Илегалната имиграција достигна кризна точка со рекордни 300.000 нелегални влезови минатиот месец, доведувајќи ги во тотален колапс националните организми задолжени за имиграција. Истата судбина им се случува и на прифатните центри, каде дури и демократски политичари како гувернерот на Илиноис и градоначалникот на Чикаго се жалат дека немаат повеќе средства за новите мигранти. Администрацијата на Бајден пофрли со тоа што ги отстрани ограничувањата на имиграцијата без притоа да има доволно ресурси за да се носи со последиците.
Од тие причини Тексас ги зеде работите во свои раце. Републиканскиот гувернер Грег Албот уште во 2021 година ќе ја започне операцијата „Lone Star“, според „прекарот“ на државата Тексас. Ја распоредува националната гарда на различни делови од границата и ќе и даде овластување на локалната полиција да апси мигранти. Ќе постави бариери на некои 20 километри по текот на реката Рио Гранде, преку 70 илјади парчиња бодликава жица на повеќе од 40 километри, особено кај точката „Eagle Pass“, каде минува важна железница на чии вагони се качуваат мигрантите. Токму во оваа точка се одвива судирот помеѓу Тексас и централната Држава.
Тензиите се зголемија откако Врховниот суд на 22 јануари тесно пресуди со пет против четири гласа дека федералните агенти можат да ја отстранат бодликавата жица поставена долж границата, додека судовите не одлучат кој навистина има право да поставува бодликава жица долж границата. Класична одлука која не одлучува, туку само купува време.
Ситуацијата кулминира кога на 24 јануари, Албот ќе излезе со вонредно соопштение: „Федералната држава го прекрши пактот помеѓу САД и сојузните држави и ги игнорираше барањата на Тексас да ги спроведе своите уставни должности." На ова ќе следува обвинение до Бајден дека е „незаконски претседател кој не прави ништо против надворешните закани“. По соопштението на државата Тексас ќе следува солидарноста од сите држави под власт на републиканците со исклучок на Вермонт, односно, 25 држави, половина од Унијата. Писмото на гувернерите е уште појасно: „Бидејќи администрацијата на Бајден абдицираше пред сојузните држави од уставниот договор, Тексас го има секое законско оправдување да ги заштити границите на нашите сојузни држави и на нашата нација“.
Политичка драма или опасна уставна криза?
Сега проблемот се сведува на две главни прашања: Дали Тексас и државите под републиканците прават само политичка драма како последица на влезот на 7 милиони мигранти во три години, или пак, имаат намера да предизвикаат уставна криза?
Во првиот случај станува збор за политизација на имиграцијата со цел да се нанесе смртен удар на амбицијата за реизбор на Бајден. Во вториот случај станува збор за бунт против централната власт и создавање на уставна криза чии последици може да бидат несогледливи.
Политичките калкулации неминовно влијаат на кризата. Гувернерот Албот прогласи „инвазија“ додека се наоѓаше во Индија, што не наликува на однесување на некој кој планира да прогласи сецесија. Самиот Албот има свои сериозни грешки кои сака да ги покрие. Потроши преку 10 милијарди долари во обид за одвраќање на мигрантите, но во последните три години и неговите резултати беа исти како оние на Бајден кој го напаѓа, односно - никакви! Тоа што му останува е да освои политичка победа доколку федералните власти прогласат блокада на имиграцијата (нешто што и самиот Бајден го ветува).
Но, победата за републиканците е поголема од потребите на Тексас и таа зависи од изборните калкулации. Трамп ја има номинацијата во џеб и веќе размислува за ноември. Сака од имиграцијата да направи централна тема на неговата кампања. Трамп одлично знае дека според анкетите гласачите веруваат дека имиграцијата и кризата на границата се најголемиот проблем и дека тој и републиканците уживаат далеку поголема доверба од демократите и Бајден во соочување со него. Затоа Трамп нема намера да му дозволи никаква политичка победа на Бајден. Иако во Сенатот се преговара за закон кој би го вклучил и прашањето за безбедноста на границата и преговарачките тимови се блиску до решение, Трамп има намера да го минира. Демократите се подготвени да направат огромни концесии околу имиграцијата во замена за концесија од републиканците околу воената помош за Украина. Републиканците би добиле досега незамисливи концесии: 14 милијарди за справување со мигрантите и судските постапки, ограничување на барањата за азил, ограничување на претседателското право да додели условна слобода за мигрантите, механизам за затворање на границата над 5 илјади дневни влезови, зајакнување на враќањата во земјата од потекло.
Но, Трамп реши да го минира договорот поканувајќи ја партијата да не потпишува никаков договор, освен кога тој би бил „совршен“. Се` тоа со цел да ја одржи кризата отворена до самите избори, нешто што може опасно да им се удри од глава на Трамп и на републиканците доколку гласачите сфатат дека вештачки ја одржуваат кризата на границата и се повикуваат на „инвазија“ само заради своите тесни политички и изборни интереси.
Тексашката криза може да има опасни последици доколку продолжи да инвестира во судир помеѓу сојузните држави и централата држава. Не дека порано не се случувале слични судири, но секогаш останувале ограничени на судски одлуки. Денес разликата е во тоа што моќта на сојузните држави се искористува како инструмент за освојување на федералната моќ и овластувања. За жал тоа е трагичната одлука на републиканските држави, да предизвикуваат институционални и уставни кризи со цел да извојуваат политичка победа. Кризата во Тексас само ја потврдува оваа стратегија. Опасноста е што на долги патеки, покрај општото разјадување на Унијата, републиканците може да предизвикаат криза и кај националната гарда, која е под авторитетот на Пентагон, но која се заколнува на верност пред два устава, оној на САД и оној на секоја засебна држава. Тука лесно може да настане куршлус во случај на криза, кога националната гарда би требала да одлучи кому навистина е лојална.
Ништо помалку не смее да се потцени ни судир помеѓу националната гарда и федералните агенти. Доколку се случи физички инцидент помеѓу централните и локалните институции, таквата траума би ги поделила со генерации двете Америки, едната на антисистемските конзервативци и другата на прогресивниот и либерален естаблишмент.
Тука лежи коренот на поделбата, помеѓу тие две Америки. Едната на која и` е поважна јужната граница од Украина и Израел, која сака да е затворена и изолирана, нешто што е во контрадикција со империјалниот статус на Америка. Другата пак можеби и премногу отворена, но со цел да увезува демографија за своите воени и економски потреби, насочена кон зачувување на светскиот поредок под водство на Америка, лидерство кое е предизвикано во Украина од Русија или насекаде низ светот од Кина.
Америка се прашува, што доаѓа прво: Републиката или Империјата? Одговорот лежи некаде во Тексас, по течението на Рио Гранде.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.