Топ настан во 2024: Двојниот триумф на ВМРО-ДПМНЕ
31 декември 2024По што ќе ја памтат граѓаните на Македонија 2024 година, чии последни часови ги одбројуваме пред доаѓањето на 2025? Мини анкета со граѓаните открива различна лепеза на настани, но за два од нив постои општ консензус - тоа е големиот триумф на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори, како и на нивната кандидатка Гордана Сиљановска Давкова на претседателските избори.
Меѓу „пазлите“ што го сочинуваа сложниот мозаик на 2024 година, нашите соговорници го издвојуваат и тешкиот изборен пораз на СДСМ, заминувањето на ДУИ во опозиција, а пред сѐ, неисполнетите ветувања на претходната влада за правда. Критиките се однесуваат на продолжувањето на неказнивоста со застарување на голем број судски предмети во 2024 година. Меѓу ретките изненадувања го посочуваат „паѓањето“ на врховниот судија Наке Георгиев и на членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, поради земање мито за интервенирање во судски предмет. Дел од соговорниците го истакнуваат и почетокот на судскиот процес за монструозните убиства на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска. Во одговорите не се заборавени ни високите цени кои брзо ги празнеа паричниците, заемот од Унгарија како добар чекор за поддршка на компаниите и општините, колапсот на јавниот превоз во Скопје, но и декемвриските акции на надлежните во битката против организираниот криминал и корупцијата – како знак дека работите почнуваат да се менуваат.
Стигна сметката за наплата
Впечатоците на граѓаните се совпаѓаат со оценките на аналитичари. Според Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), несомнено е дека првата половина од 2024 година ја одбележаа мајските избори - претседателски и парламентарни.
„Резултатите покажаа дека ‘стигнаа за наплата’ неисполнетите ветувања од ‘Шарената револуција’, пред се во однос на слоганот ‘нема правда, нема мир’, но и катастрофалното водење на процесот на преговори со Бугарија што претходно доведе до т.н. ‘Француски предлог’. Ова особено го погоди СДСМ, со освоени рекордно мал број пратеници - 18, но резултираше и со демисија на ДУИ од власта. Исходот на изборите секако беше последица и на францускиот предлог, кој освен противењето на тогашната опозиција, беше масовно неприфатен - над 75% и од граѓаните на Македонија, и особено во висок процент кај етничките Македонци - над 85%“, потсетува Кржаловски.
И тој оценува дека во изминатата година „се институционализирала неказнивоста“.
„Наместо справување со криминалот и корупцијата, некaзнивоста на функционерите ‘се надгради и прошири’. Не само што најголем дел од осомничените како и обвинетите лица, особено тие во случаите на СЈО, ‘се спасија’ од затворски казни, туку и од проценките на тогашната опозиција за криминал од обем меѓу 0,5 и 5 милијарди евра, во државната каса не се вратија ниту 20 милиони евра, а и поголем дел од нив се вредноста на становите на еден од осудените, кои потоа тој повторно си ги откупи!“ посочува Кржаловски.
„Капак“ на сето тоа, според него, ставија и измените на Кривичниот законик, со кои практично се ослободија од понатамошно гонење многу лица, а се отвори простор слично да поминат и други.
Надеж за промени
Во втората половина на годината, во ноември, стигна значајна вест - Радмила Шекеринска, поранешна вицепремиерка за европски интеграции и министерка за одбрана во време кога земјата стана членка на НАТО, беше избрана за заменик генерален секретар на НАТО - огромно призние за неа, но и за Македонија како членка на Алијансата.
А во почетокот на декември стигна уште една важна вест - од другата страна на океанот. Таа само потврди дека (покрај овозможеното застарување на судски предмети со контроверзните законски измени), продолжувањето на неказнивоста во еден дел било овозможено и преку „придонесот“ на политичкото влијание. Тоа е и еден од настаните, кој според граѓаните, остави голем белег на годината: на црната листа на САД беа ставени поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети, поради нивна вмешаност во значителна корупција со прифаќање мито за уривање на судските процеси против поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
„Годината привршува со уште тоа едно или ‘две во едно’, значајно случување - ставањето на Груби на црната листа на САД и последователната кривична пријава за злоупотребите во Државната лотарија. Она што беше ‘јавна тајна’ за најкорумпираниот лик во претходната власт, соодветно и се санкционираше од стратешките партнери САД. А по малку неочекувано, делуваа и државните институции и брзо потоа почна и постапка за кривично гонење - што можеби ќе придонесе да почне да се враќа урнисаната доверба во нив“, вели Кржаловски.
Според него, на тој начин годината завршува со позитивна нота (освен за кривично гонетите лица) и дава надеж за такви промени и во следната 2025 година.
„Патот до тоа ќе е сепак долг и со уште многу пречки, а за да се видат и почувствуваат промените ќе треба доста подолго време. Но сега барем има простор за надеж, па нека ни е среќна Новата 2025 година!“, порачува тој.
Дека надежта и упорноста даваат резултати, во ноември годинава докажа една мајка. Доби син на 61 година и тоа по речиси четири децениска битка за потомство, со многу претходни неуспеси, но и со предрасуди на околината по прашањето на возраста на родителите. И покрај сѐ, тие никогаш не се откажале од нивниот сон. По 37 години, пред крајот на 2024 година, сонот им се оствари.