1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бура од критики по повикот на папата за „бело знаме“

11 март 2024

Се нижат реакции на изјавата на папата Франциско дека Украина ќе покаже храброст со истакнување на „белото знаме“, односно со подготвеноста за „преговори“. Има и такви кои го поддржуваат.

https://p.dw.com/p/4dP02
карикатура папа
Карикатура од Сергеј ЈелкинФотографија: DW

Германската шефица на дипломатијата Аналена Бербок за јавниот сервис АРД ги критикуваше изјавите на папата, особено делот што се однесува на „храброста за белото знаме“, односно апелот на Франциско за мировни преговори за да се спаси Украина од „самоубиство“.

„Не го разбирам тоа во овие времиња“, рече Бербок и додаде дека можеби оние кои бараат мировни преговори треба да одат во Украина,за да видат од прва рака што се случува таму.

Сојузната влада во Берлин, продолжи германската министерка, се обидува „секојдневно да стави крај на оваа страшна драма, а секој ден гледаме дека се случуваат уште полоши работи“.

Потпретседателката на Бундестагот Катрин Геринг-Екарт ги отфрли барањата на папата. Никој повеќе не сака мир од Украина“, изјави политичарката на Зелените. Десет години има војна на украинска територија, безброј луѓе се убиени, потсети таа. 

„Владимир Путин може да ги запре војната и страдањата во секој момент - а не Украина. „Оној што бара од Украина едноставно да се предаде, му го дава на агресорот она што го презел со кршење на меѓународното право, и на тој начин прифаќа згаснување на Украина“, додаде таа. 

Аналена Бербок во Украина
Аналена Бербок во Миколаевската област, УкраинаФотографија: Thomas Trutschel/IMAGO/photothek

Поддршка има и за папата 

Од Германија главно се слушаат критики за зборовите на папата. Но, има и такви кои го поддржаа. Саксонскиот премиер Михаел Кречмар од редовите на демохристијаните рече:

„Папата Франциско е внимателен човек. Го поддржувам неговиот повик за 'храброст за преговарање'. Јасно е дека Украина мора да биде поддржана и дека Русија е агресор во оваа војна. Сепак, мораме да направиме повеќе за да престанеме да гинеме во војна“.

Истото го вели и Сара Вагенкнехт, шефица на новата левичарска партија, која поканата на Папата ја нарече „храбра и паметна“. „За разлика од воинствените од редовите на демохристијаните, зелените и либералите, кои сакаат да ја направат нашата земја директна страна во војната со испраќање крстосувачки ракети Таурус , папата Франциско сериозно ја сфаќа христијанската порака за мир“, рече таа. 

„Русија е агресор“  

Токму од редовите на либералите се огласи пратеничката Мари-Агнеш Штрак-Цимерман да го критикува папата.

„Украина не треба да крева бело знаме, папата ќе мора да и се обрати на Русија“, изјави таа за јавниот радиодифузен сервис WDR. Кога Русија ќе се повлече од Украина, војната веднаш ќе заврши, додаде таа. „Да се ​​бара од жртвите да престанат да се борат е навистина, навистина необично“, вели Страк-Зимерман.

Реагираше и германскиот амбасадор во Светата столица. Бернхард Кох на социјалната мрежа Х напиша: „Русија е агресор и го крши меѓународното право!“ Затоа Германија бара од Русија да ја прекине војната, а не од Киев!“. 

Папата Франциско
Папата со својата изјава предизвика бураФотографија: Alessandra Tarantino/AP/dpa/picture alliance

Реагираше и полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски: „Како би било од друга страна Путин да се охрабри и да ја повлече војската од Украина? Тогаш веднаш би владеел мир, а преговорите не би биле ни потребни“, напиша Сикорски на истата мрежа.

Интервју на папата за швајцарска телевизија 

Папата даде интервју за една швајцарска телевизија, а во изјавата објавена пред целосниот разговор рече: „Кога ќе видите дека сте поразени, дека работите не одат добро, треба да имате храброст да преговарате“.

Папата не ги спомна експлицитно двете спротивставени страни, не ги употреби зборовите „Украина“ и „Русија“, но додаде дека без преговори ситуацијата може да стане уште полоша и истакна дека поради оваа причина не треба да се срамат од преговори.

Во интервју за телевизијата РСИ, Папата одговори и на прашање за барањата испратени до Украина, поточно за демонстрација на „храброст за капитулација, за подигање на белото знаме“.

На тоа прашање папата одговори со следнава формулација: „Зависи од која гледна точка. Но, мислам дека посилен е тој што ја разбира ситуацијата, кој мисли на народот, кој има храброст да застане со бело знаме, за преговори“. 

Гневни реакции од Украина 

Терминот „бело знаме“ што го користеше папата во Украина беше сфатен како директно барање за капитулација.

Претседателот Володимир Зеленски објави видео порака со англиски превод, во која го критикуваше папата. Во таа порака тој ги споменува свештениците кои се борат во редовите на украинската армија, кои, како што рече, конкретно помагаат и даваат поддршка на фронтот.

Володимир Зеленски
Зеленски жестоко реагираше на зборовите на папатаФотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

Зеленски рече дека црквата е за народот, но не и црквата што е оддалечена две и пол илјади километри и која „виртуелно“ посредува меѓу оние што живеат и оние што сакаат да уништат, додаде украинскиот претседател.

Зборуваше и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба. „Нашето знаме е жолто-сино. Тоа е знамето со кое живееме, умираме и со кое ќе истраеме. Никогаш нема да подигнеме друго знаме“, напиша Кулеба на Х.

Тој му се заблагодари на папата за неговите молитви за време на двете воени години и го покани да ја посети Украина. 

Контрола на штетата 

Во меѓувреме, Ватикан работи на контрола на штетите и се обидува да ги стави изјавите на папата во контекст. Портпаролот на папата, Матео Бруни, ги демантираше толкувањата според кои папата во тоа интервју ја повикува Украина да капитулира.

Според Бруни, тој „пред се сакал да повика на примирје и да ја оживее храброста за водење преговори“.

Во интервјуто со папата, кое на почетокот на февруари го спроведе швајцарскиот новинар Лоренцо Бучелија, поглаварот на Католичката црква зборуваше и за војната на Блискиот Исток.

На прашањето дали се понудил како посредник во тој конфликт, Франциско рече: „Јас сум тука, едноставно. Им испратив писмо на Евреите во Израел, за да размислат за оваа ситуација. Преговорите никогаш не се капитулација. Тоа е храброст да не се доведе земјата до самоубиство“.

Целосното интервју ќе се емитува на 20 март на швајцарската ТВ станица RSI.