Продолжија кинеските воени вежби околу Тајван
10 април 2023Кинеската војска денеска ги продолжи воените вежбите околу Тајван, јавуваат кинеските државни медиуми. Кинеските воздухопловни и поморски сили учествуваат во вежбите околу Тајван, а им се придружи и носач на авиони, додека Тајпеј соопшти дека е забележан нов бран воени авиони околу островот.
Кина во саботата ги најави тридневните вежби наречени „Заеднички меч“, откако тајванската претседателка Тсаи Инг-вен се врати во Тајпеј, по средбата во Лос Анџелес со претседателот на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти. Кинеската државна телевизија соопшти дека авионите, вклучително и бомбардерите Х-6 способни да носат нуклеарно оружје, како и воени бродови, вежбаат да „формираат повеќенасочна блокада на целиот остров“.
Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека до утринава се забележани 70 воени авиони и 11 бродови околу Тајван.
Средбата на Тсаи со претседателот на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти, во Калифорнија минатата недела, предизвика жестока реакција од Пекинг, кој ја означи политичарката и нејзината Демократска напредна партија како сепаратисти.
Тајван, парламентарна демократија чиј оспорен статус произлегува од исходот на кинеската граѓанска војна од 1927-1949 година, управува одвоено од континентална Кина, но официјално е признаен од само неколку земји.
САД официјално не го признаваат Тајван, но изразија противење на едностраните обиди за промена на статусот кво и со децении ја поддржуваат одбраната на островот со продажба на оружје.
Американскиот Стејт департмент во неделата соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата и оти Пекинг не треба да ја претвори посетата на Цаи „во нешто што не е или да ја користи како изговор за претерана реакција“.