1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

За што разговараат Џо Бајден и Ши Џингпинг на Бали

Вилијам Јанг
14 ноември 2022

На средбата на маргините на Г-20, Џо Бајден и Ши Џингпинг прв пат се среќаваат во својство на претседатели на држави. Топ тема е Тајван. Дали ќе успее повторно приближување меѓу Кина и САД и покрај тензичната состојба?

https://p.dw.com/p/4JTgT
Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот, Ши Џинпинг
Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот, Ши ЏинпингФотографија: Rod Lamkey/CNP/picture alliance--Shen Hong/picture alliance/Xinhua

Повеќе од две години по стапувањето на претседателската функција, Џо Бајден денеска (14.11.2022) на индонезискиот остров Бали се среќава за прв пат со кинескиот претседател Ши Џинпинг на маргините на самитот на Г20.  Пекинг и Вашингтон се обидуваат среде зголемени тензии да создадат „база” за нивните билатерални релации. 

Бајден во пресрет на самитот за медиумите изјави дека се надева оти двете страни ќе утврдат црвени линиии и дека ќе се обидат да решат конфликтни прашања, вклучително и Тајван. Според аналитичарите, средбата ќе служи да се засилат насоките во релациите меѓу САД и Кина и да се избегнат погрешните проценки, пред да прераснат во конфликт.

Конкуренти, но не и смртни непријатели"

„Самата симболика на личната средба меѓу двајцата лидери пренесува порака дека САД и Кина се опасни конкуренти, но не и смртни непријатели", смета Вен Ти Сунг, доцент за Студии за Тајван на Австралискиот национален универзитет во Канбера.

Вашингтон повеќе пати има изразено желба со Пекинг да разговара околу мерките за намалување на ризикот, според експерти има надеж личната средба да придонесе контра влошување на билатералните односи. 

„Секогаш е важно шефовите на држави и влади да разговараат меѓусебно", смета Бони Глазер, прв човек на Програмата за Азија при германскиот Маршалов фонд на САД. „Тоа нуди можност за секој носител на функција и одговорност да ги појасни своите ставови, грижи и политики".

Ши Џинпинг на 20 Конгрес на Народната комунистичка партија на Кина во октомври годинава посочи на тензичните релации. Тој рече дека „постојат екстерни обиди да се уценува Кина, да се потисне, блокира и да се врши максимален притисок". Истовреме додаде и дека Пекинг и Вашингтон мора да најдат начин „да функционираат едни со други”. 

Посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајван донесе тензии со Кина
Посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајван донесе тензии со КинаФотографија: Chiang Ying-ying/AP Photo/picture alliance

Тајван - буре барут

Според високи оретставници на Белата куќа, на врвот на дневниот ред ќе бидат  прашања поврзани со Тајван.  Бајден сака да ја искаже загриженоста заради најновите активности на Кина кои ги загрозуваат мирот и стабилноста на Тајван, како и „искрено” да се формулираат стравувањата во врска со повреди на човековите права во Кина кои веќе подолго време постојат. 

Од посетата на Тајван од страна на  претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси,  во август годинава тензиите меѓу Кина и САД се зголемени. Пекинг реагираше на посетата со еднонеделна воена вежба околу Тајван. Освен тоа беше прекинат билатералниот дијалог и размената со САД околу повеќе теми од голема важност. 

Експертот за Азија, Бони Глазер, за ДВ вели дека во однос на темата Тајван е исклучително тешко да се постигне напредок, особено што средбата на Бали е првата меѓу двајцата лидери по посетата на Пелоси во Тајван. 

„Администрацијата на Бајден јасно стави до знаење дека смета оти Кина посетата само ја искористила како повод за да инсценира голема воена претстава и да го заплаши Тајван", вели Глазер. 

„Кинезите пак сметаат дека посетата од Пелоси е дестабилизирачки фактор и причина за проблемот. Нивните ставови се дијаметрално спротивни. Затоа е тешко човек да си замисли дека по ова прашање ќе се најде исчекор", додава експертката.

Повреда на политиката ’Една-Кина'"

Тоа уште во пресрет на средбата на двајцата лидери беше многу јасно. Кога советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, за новинарите појасни дека САД ќе го известат Тајван за резултатите од средбата меѓу Бајден и Џинпинг, Пекинг без одлагање побара тоа да не се случи. 

„Тоа што САД го соопштија за информирањето на Тајван околу средбата меѓу кинескиот и американскиот претседател е тешко прекршување на принципот за 'Една-Кина' и одредбите од трите коминикеа на Кина и САД", изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи и додаде дека таквиот чекор е „навистина страшен” и Кина решително го отфрла.

За Вен Ти Сунг од Австралискиот национален универзитет најавата на Вашингтон да го извести Тајван за детали од средбата, е чин на дипломатија. „Со тоа не само тајванската влада, туку и општата јавност во земјата треба да биде смирена", оценува тој во разговор за ДВ. 

Глазер предупредува дека таквиот чекор би можел да има негативни последици за  релациите меѓу Кина и САД.  „Пекинг тоа го перцепира како непотребна провокација", вели Глазер за ДВ. 

Северна Кореја и војната во Украина

Покрај Тајван, Бајден и Џинпинг веројатно ќе разговараат и за  војната во Украина  и Северна Кореја. Според советникот за безбедност, Џејк Саливан, повеќекратните ракетни тестови на Северна Кореја се нешто на што Кина и САД одамна соработуваат. 

Саливан појасни дека Бајден нема да постави барања за Кина, туку дека ќе остави Ши да го објасни своето гледиште и Пекинг „да игра конструктивна улога во смирувањето на најлошите тенденции на Северна Кореја".

И доцентот Сунг има сличен став. „Северна Кореја е тема на која постои простор за соработка меѓу Кина и САД, бидејќи и двете страни немаат никаков интерес ако мал измамник излезе од контрола, го дестабилизира регионалниот поредок и ги вовлече супер-силите во конфликт со несакана ескалација."

Wladimir Putin mit Xi Jinping in Samarkand
Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот, Ши Џинпинг во септември во УзбекистанФотографија: Sergei Bobylyov/Sputnik/AFP

Потешко пак е прашањето околу војната во Украина. „САД можеби позитивно ќе се изразат околу тоа што Ши при посетата на Шолц јавно кажа дека Кина е против употреба на атомско оружје", вели експертот за Азија Глазер. Но, таа сепак смета дека е малку веројатно оти Ши и Бајден би можеле да соработуваат на темата Украина.

„Според мене, САД ќе им препуштат на Кинезите да изберат како ќе се однесуваат. САД тргнуваат од претпоставката дека  релациите меѓу Кина и Русија ќе се движат во правец на зближување  и на тесно преклопување на кинеските и руските интереси. Не гледаат простор да се направи раздор меѓу двете земји", додава таа.

Ши Јинхонг, професор за меѓународни односи на универзитетот Ренмин во Кина, смета дека пристапот до американската високотехнолошка индустрија и натаму ќе биде отежнат, дека ќе има преориентирање во однос на критичните дистрибутивни ланци и продолжение на идеолошкиот натпревар. 

„Развојот на нуклеарни ракети во Северна Кореја нема да доведе до суштинска соработка меѓу Пекинг и Вашингтон", вели тој за ДВ. Нема ни знаци за тоа дека САД ќе ги укинат високите царински давачки за увозот на кинески производи."

Повеќе изгледи за успех тој гледа во билатералната воена размена: „Би можело да се донесе одлука повторно да се интензивира, бидејќи двете земји се обидуваат најголем приоритет да дадат на превенцијата на конфликт."