Тропската бура „Хилари“ ја погоди Калифорнија
21 август 2023Пацифичката тропска бура „Хилари“, проследена со поројни дождови и поплави, стигна до југозападниот дел на САД и го стави регионот со метрополите Сан Диего и Лос Анџелес во вонредна состојба. Американскиот Национален центар за урагани соопшти дека бурата поминала низ јужна Калифорнија со брзина на ветрот од 95 километри на час, предупредувајќи од можни врнежи од дожд од историски размери, кои можат да доведат до опасни по живот порои.
Снимки на локално дописништво на ТВ Еј-Би-Си прикажуваат огромни поплави во делови од градот Палм Спринг, кој се наоѓа во близина на Лос Анџелес, а Националниот парк Мртва долина морал да биде затворен поради предизвиканите поплави.
„Вакво време досега не е видено“,изјави градоначалничката на Лос Анџелес, Карин Бас. Гувернерот Гејвин Њуском прогласи вонредна состојба во големи делови од Калифорнија.
„Хилари“, кој започна како ураган и подоцна ослабе на ниво на тропска бура, во неделата удри на копното на северозападно Мексико со брзина на ветрот од 100 километри на час. На мексиканскиот полуостров Баја Калифорнија во саботата од невремето загинало едно лице чие возило било понесено од водните маси, а според информации на весникот „Миленио“, друго лице загинало при обидот да премине преку река.