1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Турција може да се согласи само со влез на Финска во НАТО

ЕМФ | дпа | Тагесшау
30 јануари 2023

Турскиот претседател Ердоган ѝ се заканува на Шведска дека ќе се согласи само со влез на Финска во НАТО. Хелсинки не смее да ги направи истите грешки како Стокхолм, оценува Ердоган.

https://p.dw.com/p/4Mqpv
Настап на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Билеџик (29.01.2023)
Настап на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Билеџик (29.01.2023)Фотографија: Turkish Presidency/AA/picture alliance

Турција најавува своја согласност со влез на Финска во НАТО, но не и на Шведска. „Доколку е потребно, би можеле да дадеме различни пораки за Финска“, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на настап во провинцијата Билеџик. Шведска ќе биде „шокирана кога ќе го види нашиот одговор“, вели тој. Сепак, Ердоган потенцира дека Финска не требало да ги прави истите грешки како Шведска.

Ова е првпат Турција да покаже подготвеност да ја третира кандидатурата на Финска одвоено од онаа на Шведска. Турција ја обвини Шведска дека е премногу мека кон групите што ги опишува како терористички организации и опасност за нејзината безбедност - особено курдските. Анкара соопшти дека ќе се согласи со барањето на Шведска за прием во НАТО само доколку Стокхолм ги исполни условите за тоа.

Шведска и Финска заеднички аплицираа за членство во НАТО по почетокот на руската инвазија на Украина. Сите членки на алијансата мора да дадат своја согласност за прием.

Турско предупредување за патување во европските земји

Изјавите на Ердоган доаѓаат откако турската влада во саботата (28.01) издаде предупредување за патување во европските земји. Тоа беше реакција на демонстрациите пред турската амбасада во Стокхолм, каде што активист запали Куран и во кои учествуваа прокурдски групи. Во своето предупредување турското Министерство за надворешни работи укажува на зголемување на антитурски протести од страна на „групи кои имаат врски со терористички групи“. Со тоа се мисли на забранетата курдска работничка партија ПКК, која е класифицирана како терористичка група и од страна на ЕУ и САД.

Полиција пред шведскиот конзулат во Истанбул
Полиција пред шведскиот конзулат во ИстанбулФотографија: Hakan Akgun/Demiroren Visual Media/ABACA/picture alliance

Ердоган бара протерување на „терористите“

Ердоган изјави дека на шведскиот премиер Улф Кристерсон му рекол: „Ќе ги протерате овие терористи ако навистина сакате да се приклучите на НАТО. Ако не ги екстрадирате овие терористи, жал ми е“.

Турција му предаде на Стокхолм список со имиња на 120 лица кои сака да бидат протерани од Шведска. Скандинавските земји Шведска, Данска, Финска и Норвешка во саботата им препорачаа на своите граѓани да избегнуваат големи гужви при патување во Турција и да бидат внимателни. Шведското Министерство за надворешни работи соопшти дека амбасадата во Анкара ќе остане затворена, а посетителите во генералниот конзулат во Истанбул треба да бидат внимателни.