Унгарија и Холандија сакаат „излез“ од ЕУ-правилата за азил
20 септември 2024Само неколку часа по холандската влада, унгарската влада исто така објави дека ќе поднесе барање за исклучок од правилата за азил на ЕУ. Таканареченото откажување од законите за азил, познато и како „Даблински правила“, е неопходно, изјави унгарскиот министер за Европа, Јанош Бока во средата вечерта во Стразбур. „Унгарија, како и Холандија, верува дека построгите национални контроли на миграцијата се клучни за заштита на јавните услуги и суверенитет“, објасни Бока.
Идеолошки, новата холандска коалициска влада предводена од десничарската екстремистичка ПВВ на лидерот на партијата Герт Вилдерс и унгарската владејачка партија Фидес се многу блиски. Тие сега сакаат заеднички да извршат притисок врз Комисијата на ЕУ и другите членки на ЕУ за да можат да преземат поостар курс во политиката за азил. Декларираната цел на холандската министерка за азил Марјолеин Фабер од десничарската екстремистичка ПВВ е да ја етаблира „најтврдата миграциска политика на сите времиња“ во Холандија. За таа цел, таа сака да прогласи „вонредна состојба“ за да може да дејствува доколку е потребно и без согласност на Парламентот во Хаг. Унгарската влада се потпира на вонредни декрети уште од кризата со корона пандемијата.
Унгарија, Претседателот на Советот на ЕУ, го торпедира правото на ЕУ
Во моментов Унгарија претседава со ЕУ. Во оваа улога, европскиот министер Бока всушност би требало да се залага за заедничката политика на ЕУ за азил, која конечно беше реформирана од Европскиот парламент и мнозинството влади на земјите-членки во април. Но, Бока претпочита агресивно да ги застапува унгарските интереси. Според соопштението за печатот од владата во Будимпешта, Унгарија се чувствува охрабрена од холандскиот чекор и се гледа себеси потврдена од европската дебата во целина.
Унгарија го отфрла пактот за азил на ЕУ, кој во меѓувреме има законска сила, и не сака да го спроведе под никакви околности, што би била обврзана да го направи. Унгарскиот премиер Виктор Орбан пред неколку дена го изрази своето задоволство што Германија од понеделникот ги контролира сите свои граници за да запре луѓе кои илегално влегуваат во земјата. Ултрадесничарската шефица на италијанската влада Џорџија Мелони одамна прогласи вонредна состојба во Италија поради наводната миграциска криза. Таа е идеолошки усогласена со Герт Вилдерс во Холандија и Виктор Орбан во Унгарија и можеби е следната која ќе бара да се откаже од законите на ЕУ за азил.
Исклучок е тешко да се постигне
„Барањето на холандската влада за исклучување од европската миграциска политика е тигар без заби“, изјави за ДВ европратеничката Биргит Сипел (СПД). „Зашто, клаузулата за неучество мора да биде вклучена во европските договори, што може да се промени само едногласно. Многу се сомневам дека другите земји-членки би ѝ дозволиле на Холандијада работи на своја рака", истакнува Сипел, која учествуваше во преговорите за миграцискиот пакт на ЕУ.
Истото, се разбира, важи и за Унгарија. Во ЕУ досега немало дозвола за ослободување, опција за исклучоци за одредена политичка област. Постојните исклучоци биле договорени во времето на усвојување на договорите на ЕУ или при приклучувањето на земјите-членки. Данска е делумно изземена од внатрешната политика, миграциската политика и регулативите за гранична контрола во Шенген зоната. Ирска не ги применува целосно Шенгенските правила поради нејзината тесна поврзаност со Велика Британија и Северна Ирска. Полска е изземена од Повелбата за основните права на ЕУ, бидејќи Варшава стравуваше дека со основните права ќе мора да воведе и геј бракови.
Законите на ЕУ мора да се спроведуваат
Договорите на ЕУ може да се променат. Ова може да го побараат Холандија или Унгарија од Европскиот совет. Сепак, ова е долг процес кој на крајот би требало да биде одобрен од другите земји-членки и Европскиот парламент во процес на ратификација. Портпаролката на Комисијата на ЕУ, Анита Хипер, во Брисел истакна дека сѐ додека не се сменат договорите на ЕУ, Холандија и Унгарија секако се обврзани на постојното европско право и се обврзани целосно да ги почитуваат правилата за азил. Раководителката на Институтот за европско право на Католичкиот универзитет во Лувен, Белгија, Елис Муир, смета дека на проба е правниот принцип на ЕУ. „Земја-членка не може да се повлече од законодавството на ЕУ откако тоа ќе биде усвоено. Поентата на членството во ЕУ е да се обврзете да ги следите законите на ЕУ“, изјави Елис Муир за телевизијата Еуроњуз.
Унгарија веќе подолго време го игнорира правото на ЕУ
Екстремно националистичката унгарска влада на Виктор Орбан си создаде сопствен исклучок во последниве години со едноставно игнорирање на правилата на ЕУ за процедурите за азил. Европскиот суд на правдата во Луксембург постојано и во последна инстанца ја прогласи унгарската практика на нејзината надворешна граница со Србија за незаконска. Во последната пресуда, судот го прогласи за незаконски тоа што барателите на азил не можат да аплицираат на граница, туку само во амбасадите во Киев и Белград. Бидејќи Унгарија одбива да ја промени оваа практика, судот изрече казна од 200 милиони евра и дневна казна од еден милион евра. Со оглед на тоа што Виктор Орбан јавно се пофали дека не сака да ја плати оваа казна, Комисијата на ЕУ сега ја наплатува доспеаната сума на тој начин што соодветно ги намалува субвенциите за Унгарија од буџетот на ЕУ.
Исклучително малку баратели на азил во Унгарија
Нејасно е каков е големиот налет на баратели на азил и мигранти на кој се жали Унгарија. Според статистичката агенција на ЕУ, 30 (!) лица поднеле барање за азил во Унгарија во целата 2023 година. Унгарија има убедливо најмалку баратели на азил од сите земји на ЕУ во однос на резидентното население.
Со 38.000 нови барања за азил во 2023 година, Холандија е нешто под просекот на ЕУ. Патем, исто како Италија. Најмногу барања за азил во однос на населението регистрирале Кипар, Австрија, Грција, Луксембург, Германија и Бугарија. Доколку Холандија ги затвори своите граници за мигрантите по успешно откажување од процедурите за азил, овие луѓе веројатно би останале во Белгија или Германија.Така, кавгите со европските соседи би биле неизбежни. Холандската министерка за азил Марјолеин Фабер во своето писмо до Комисијата на ЕУ со кое бара изземање, призна дека потребната промена на договорот на ЕУ е сè уште многу далеку. „Ова значи дека писмото од десничарската холандска влада останува чисто симболичка политика“, констатира за ДВ европратеничката и експерт за миграција Биргит Сипел.