1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Условените оставки на ДУИ ја брануваат политичката сцена

ДТЗ
31 јули 2023

Блеф, одолговлекување и играње играчки - вака дел од партиите ја коментираат најавата за оставки на министрите на ДУИ. Собранискиот спикер, Талат Џафери најавува дека ако заминат неговите сопартијци, ќе се повлече и тој.

https://p.dw.com/p/4Ub5W
ДУИ
Условените оставки на ДУИ ја брануваат политичката сценаФотографија: DW/P. Stojanovski

Најавите за оставки на министрите на ДУИ, со цел што поскоро да се излезе од лавиринтот во кој се заглавени партиите во пресрет на уставните измени, предизвикаа нови бранувања на политичката сцена. ВМРО-ДПМНЕ бара освен ДУИ, оставки да поднесат и министрите на СДСМ и што поскоро да се оди на избори. Од СДСМ, пак, им порачаа дека е време Мицкоски да го исполни јавно даденото ветување за формирање влада без ДУИ, која ќе го почне процесот и ќе ги изгласа уставните измени. 

Блеф, одолговлекување и играње играчки - вака дел од партиите ја коментираат најавата за оставки на министрите на ДУИ. Претседателот на политичката партија Алијанса за Албанците (АА), Арбен Таравари, смета дека предлогот на Али Ахмети е несериозен во сериозен момент кога се работи за евроинтеграциите и засега нема да се разгледува во партиските тела. За Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, пак, најавата за оставки на министрите на ДУИ ја смета за класичен блеф. Тој бара прво функцијата да ја напушти шефот на дипломатијата, Бујар Османи, бидејќи „со своите одлуки директно ги загрозил националните интереси на Македонците, но и на другите граѓани“. 

„Одолговлекување и играње играчки“

Препукувањата се случуваат во пресрет на собраниската седница за утврдување на потребата од уставни измени, која што е закажана за 18 август. Процедурата за уставни измени почна минатата недела, откако собраниската Комисија за уставни прашања го поддржа предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот. Против беа ВМРО-ДПМНЕ и Левица. 

Тие и денеска (31.07) не отстапуваат од својата позиција. По условените оставки што ги поднесоа министрите на ДУИ во Владата, како и по најавата на првиот вицепремиер Артан Груби дека се подготвени да се откажат од привремена влада на 100 дена пред избори на чело со премиер Албанец, од опозициската партија повторија дека уставни измени нема да има. 

„Уставни измени со вакви фолирања нема да има, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен. Ако сака Артан Груби веднаш нека си поднесе оставка, но проблем не е само ДУИ, туку и СДСМ да поднесат оставки, но неотповикливи и да одиме на брзи предвремени парламентарни избори, бидејќи сè друго е одолговлекување и играње играчки“, изјави Наум Стоилковски.

Артан Груби вицепремиер
Артан Груби: За иднината на нашата земја сме подготвени да се откажеме и од привремена влада и од премиер Албанец и од нашите мандатиФотографија: DW/P. Stojanovski

Во интервју за косовската телевизија Т7, вицепремиерот Артан Груби изјави дека со одлуката за депонирање на оставките од страна на министрите, ДУИ ѝ го отвора патот на македонската опозиција да гласа за уставните измени, а тоа е во полза на интеграциите на Македонија во ЕУ.  „За иднината на нашата земја сме подготвени да се откажеме и од привремена влада и од премиер Албанец и од нашите мандати“, додава тој. 

Тоа бил единствениот услов што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му го поставил на премиерот Димитар Ковачевски на лидерската средба пред два месеца, за опозицијата да гласа за уставните измени. „Значи, на опозицијата не ѝ пречи вклучувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот, не ѝ пречи ништо друго, туку ѝ пречи Албанците да бидат во Владата и ѝ пречи еднаквоста меѓу Македонците и Албанците“, вели Груби во интервјуто за косовската телевизија.

„Ако сите си одат - нема да останам“

Претседателот на Собранието, Талат Џафери во интервју за МИА најавува дека согласно одлуката на министрите на ДУИ, и тој би се повлекол доколку ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставни измени. „Следствено, ако сите си одат, зошто јас би инсистирал да останам“, вели Џафери. 

Во однос на парламентарните избори вели дека негов личен став е дека избори треба да има во редовен термин.   

Талат Џафери
Собранискиот спикер, Талат Џафери најавува дека заминат неговите сопартијци, ќе се повлече и тојФотографија: Petr Stojanovski/DW

Блеф

Но, ваквите најави на ДУИ, според партијата на Павле Трајанов, се само блеф. „ДУИ, како партија најодговорна за криминализација на државата, блокада на реформите на судскиот систем, злоупотребата на Бадентер и балансерот, огромниот број на промашени капитални инвестиции, како и колапсот на државните институции, се доволни причини за повлекување од власта“, смета Демократскиот сојуз. 

За почеток, според нив, од функцијата треба да се повлече Бујар Османи, „кој со своите одлуки директно ги загрози националните интереси на Македонците, но и на другите граѓани, а ги загрози и европските перспективи на Македонија“. Трајанов смета дека Владата нема поддршка од граѓаните, ниту од мнозинството во парламентот, поради што неопходни се избори, како демократски чин за промена на власта.

Христијан Мицкоски, Димитар Ковачевски
Ќе се исполнат ли ветувањата дадени на средбата меѓу Мицкоски и Ковачевски?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Но, од владејачката СДСМ не се согласуваат. Тие сметаат дека се исполнети сите услови кои што ги побара претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Христијан Мицкоски во замена за глас за уставните измени. „Чекорот што го направи ДУИ со оставките на министрите е сигнал за Мицкоски кој треба да го реализира јавно даденото ветување. Сега, на потег е Христијан Мицкоски да докаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или се грижи само за својата фотелја во Белиот дворец“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

На прес-конференцијата по последната средба Ковачевски-Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека негов предлог до премиерот бил да се формира заедничка влада, без ДУИ, која ќе го почне процесот и ќе ги изгласа уставните измени. Тие би стапиле на сила откако во парламентите на земјите членки ќе почне ратификацијата на членство на Македонија во ЕУ.

Слична била и понудата на Ковачевски, со тоа што тој предложил да се формира влада во која 5 ресори ќе бидат на ВМРО-ДПМНЕ, да поминат уставните измени, да почне процесот на преговори, да се затворат некои поглавја, а таа влада потоа да оди на избори. Единствената разлика меѓу двата предлога е времето на почеток на важење на уставните измени. Премиерот смета дека тие не може да стапат во сила откако ќе почне ратификацијата, бидејќи тоа е надвор од преговарачката рамка, донесена со консензус на 27 земји членки на ЕУ. Неговата сугестија е тие да бидат дел од правниот поредок во моментот кога ќе биде одржана Втората меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи