1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стопанството пред колапс

12 октомври 2022

Знам, фирмите не гласаат, па популизмот налага додворување на граѓаните, но без домашните фирми ќе немаме ниту стопанство, ниту институции, ниту пак држава. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4I3V2
Никола Тодоров
Никола ТодоровФотографија: DW/B. Gerogvievski

Сѐ уште печат спомените од деведесеттите години на минатиот век, кога цело стопанство колабираше, и кога над 280 илјади наши граѓани останаа без работа. Кога невработеноста за краток временски период се искачи на над 38%. Онаа штета што се направи во 1993-94 година, не можеше да се поправи во наредните 15-20 години. Се плашам ова да не ѝ се повтори на државата. И тогаш беше тешко, и тогаш имаше многу предизвици, блокади, ембарга и.т.н. Но, тоа се оправдувањата кои ги слушавме од тогашните власти додека 280 илјади граѓани останаа без егзистенција. Нови оправдувања не се потребни, ниту пак овој народ и оваа држава ќе може да ги поднесе и преживее. Потребни ни се мерки кои ќе стартуваат од вчера, а не од утре. Потребно е она ЌЕ, да се замени со акција и резултат денес, веднаш.

Стопанството ни е пред колапс. Ретко која фирма има таква профитна маргина која може да го издржи овој трошок за енергенси. Ако порано еден киловат го плаќаа по 5 денари, сега нашите домашни компании, за 1 киловат електрична енергија плаќаат по 32 денари. Тоа е 500 евра за мегават. Ова, за најголем дел од компаниите е неиздржлив трошок. Некои компании веќе ги испратија своите работници на принуден одмор и го прекинаа производниот процес. Без брзи, ефикасни мерки ќе следат уште многу вакви принудни одмори, после што ќе следи фазата на отпуштање на работниците. 

Недоволни мерки  

Владата претстави пакет од 26 мерки. Опозицијата предложи само 5 мерки.

Но, имам впечаток дека мерките на Владата се повеќе насочени кон граѓаните, а помалку кон фирмите и стопанството. По мене ова е погрешен пристап. Приватните компании кај нас вработуваат околу 600 илјади работници. Доходот кои тие го создаваат и данокот кој тие го плаќаат овозможува докторите, професорите, судиите, полицијата, војската и администрацијата да земаат плата. Ако фирмите згаснат, нема да има плата за никој од нив. За жал нема да има ни за пензија на пензионерите, бидејќи ќе нема кој да го полни фондот за пензиско. Тотален колапс и парализа на државата.

Затоа сметам дека се потребни таргетирани мерки за стопанството кои се прилагодени на ситуацијата која ја имаме во моментот, и тоа за секоја индустрија посебно, а не хоризонтални мерки со кои можеби се поддржуваат многумина, но некои и без потреба. Прво и најважно, нашите производствени компании не смеат да плаќаат струја поскапа од таа што ја плаќаат другите фирми во која било земја од регионот. Посебно Србија. Со плаќање на екстремно повисока цена за струја од онаа што ја плаќаат производните компании од регионот, ќе го загубиме нашиот домашен пазар. Цената на чинење на нашите домашни производите ќе биде повисока од цената по која земјите од регионот ги продаваат нивните производи на нашиот пазар. Ова е катастрофа.

Да освоиш пазар е многу тешко, ама да освоиш пазар што си го загубил е уште потешко. Но, најтешко и поразително е да го изгубиш својот, домашен пазар. Ако не сме конкурентни на нашиот домашен пазар и поради тоа го загубиме или сериозно намалиме пазарното учество на сопствениот пазар, како тогаш ќе се стремиме да освојуваме нови пазари и да го зголемуваме домашното производство! Ова ќе значи намалување на домашното производство, зголемен увоз, зголемување на невработеноста и намалување на потрошувачката.  

Пропаст за прехранбената индустрија 

Иако мерките мора да бидат таргетирани за секој сектор од индустријата и стопанството посебно, би се осврнал првенствено на прехранбената индустрија. Ако поради превисоката цена на струјата која ја плаќаат компаниите од прехранбената индустрија во комбинација со отвореноста на нашиот пазар за увоз на прехранбени продукти (особено од регионот), странските прехранбени продукти го преплават пазарот и ги истиснат домашните производи од рафтовите, нашата прехранбена индустрија ќе пропадне. Би потенцирал дека високи 10% од младите лица се вработени во прехранбена индустрија, а според економската дејност - земјоделие и производство, вработуваат повеќе од 1/3 од вкупниот број на вработени. Тоа значи дека секој трет вработен во државата работи во овие сектори кои, доколку пропаднат, ќе ја повлечат целата економија во амбис на подолг временски период.

Затоа, потребни се мерки кои ќе ги направат производствените компании, а особено оние од секторот за производство на храна, конкурентни со останатите компании од регионот. Овие, но и сите останати производствени компании, не смеат да бидат оставени да ја набавуваат струјата на слободен пазар и по берзански цени затоа што нивните конкуренти од регионот на западен Балкан ќе ги „изедат“ и истиснат од нивните, но и од нашиот домашен пазар.

- повеќе од авторот: Скандал! Мицкоски и Ковачевски ја спасуваат државата во време на криза

Од друга страна, ова може да влијае и на некои странски инвестиции, и тоа како во поглед на нивно привлекување, така и на задржување на постојните. Доколку има земји во регионот кои им овозможуваат 3, 4 или 5 пати пониска цена за струја, во услови на слична околина, тогаш новите странски инвестиции ќе отидат во тие или таа земја.

- повеќе од авторотЌе... за купување време и надеж

Од Стопанската комора направиле анализа на цените на мегават час во регионот. Нивните податоци покажуваат дека фирмите во Македонија плаќаат најскапа, а во Босна најевтина струја, при што потенцирано е дека особено е тешка состојбата на најголемите 1.600 компании во државава кои струјата ја набавуваат на слободниот пазар и чии сметки за струја во последниве месеци им се зголемени за 10 пати.

Знам, фирмите не гласаат, па популизмот налага додворување на граѓаните, но без домашните фирми ќе немаме ниту стопанство, ниту институции, ниту пак држава.