1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ: Вонредни избори се неминовност!

26 декември 2022

Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека комуницираат со опозициските партии по прашањето за предвремени избори, но заради суптилноста на процесот сметаат дека не е време за јавни коментари.

https://p.dw.com/p/4LQUv
Нови барања за предвремени парламентарни избори во наредната година
Нови барања за предвремени парламентарни избори во наредната годинаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Сметаме дека вонредните избори во годината што следи се неминовност, затоа што состојбите се алармантни и ќе бидат уште подраматични, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ за ДВ, откако опозициската партија Беса вчера побара предвремени парламентарни избори како компромис за нивна поддршка на уставните измени.

Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека имаат комуникација со опозициските партии по прашањето за предвремени избори, но заради суптилноста на процесот сметаат дека не е време за јавни коментари.

„ВМРО-ДПМНЕ има комуникација со сите поголеми опозициски партии, и секако дека поддржува секаква искрена иницијатива која е во насока на рушење на оваа власт која е рекордер по инфлација, сиромаштија и криминал. За секое подетално сценарио кое би било во таа насока, во овие моменти би се воздржале од јавно коментирање, затоа што тоа содржи детали околу кои сите политички чинители кои посакуваат промени треба да се согласни. Сметаме дека вонредните избори во годината што следи се неминовност, затоа што состојбите се алармантни и ќе бидат уште подраматични. Имаме заглавена земја во корупција, криминал и економска криза, држава без преговори со ЕУ, и со бројни условувања истите да почнат. Најдобро ќе биде Ковачевски сам да се повлече и да не ја загрозува дополнително државата. Наместо да слугува на ДУИ, добро е да почне да служи на народот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Седиштето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Скопје
Седиштето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во СкопјеФотографија: DW/Petr Stojanovski

Условена поддршка

Билал Касами, лидерот на Беса, опозициска партија за која досега не беше спорна поддршката на уставните измени, вчера на прес-конференција соопшти дека тој чин, сепак, нема да биде безусловен.

„Ако за власта приоритет е промената на Уставот и внесување на Бугарите во него, тогаш мора да се направи компромис за предвремени избори. Мислам дека ако се има волја да се решат проблемите - и актуелните во делот на интегрирањето, и економските, и енергетските, и проблемите со слабото менаџирање на институциите, се надевам дека можеме да се договориме и за уставни измени, и за предвремени избори", порача Касами.

Доколку власта не го прифати нивното барање за избори, Касами за напролет најави протести и други видови на притисок.

„Ако власта нема слух за проблемите, да излезе да се соочи со граѓаните на предвремени избори, ќе се разгледа можноста заедно со другиот дел од опозицијата, албанска, во делот на организирање на протести и секаков вид на притисок врз власта, за да се слушне гласот на граѓаните и што побрзо да се оди на предвремени избори“, најави Касами.

Тој презентираше тим, како што рече - од професионалци во различни области, кој ќе биде водечки глас за артикулирање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Тимот ќе ги лоцира слабостите и проблемите во институциите, а ќе ги креира и политиките на партијата во иднина.

Лидерот на Беса, Билал Касами, (десно на фотографијата)
Лидерот на Беса, Билал Касами, (десно на фотографијата)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Сите во кампања

Континуирани активности најави и Арбен Таравари, кој завчера на вонреден конгрес речиси едногласно беше избран за претседател на опозициската Алијанса за Албанците.

„Веќе од утре почнуваме со континуирана кампања додека се одржат следните избори. Кампања - врата на врата, да доближиме што повеќе луѓе, посебно интелектуалци кои ни се потребни за успешно функционирање на партијата. Ние почнуваме кампања без разлика дали ќе се одржат избори во 2023 или во 2024 година. Ние ќе бидеме во продолжена или континуирана кампања врата на врата до следните избори“, најави новоизбраниот претседател.

Според Таравари, партијата сѐ уште не решила дали ќе се приклучи кон владејачката коалиција, бидејќи одлуката треба да ја донесе новиот состав на партиските тела, но не негира дека има контакти со власта по тоа прашање.

„Имаме контакти, тоа е неспорно и досега сме го кажале тоа. Но дека немаме одлука, и тоа е сигурно. Ќе чекам да се формираат партиските тела, па затоа ќе настојувам што побрзо да се одржи Собранието на партијата за да го избереме и Централното претседателство и да функционираме како што треба. Без нив ќе излезе дека само еден човек одлучува за сѐ", образложи Таравари.

Кој добива кој губи

Извори во албанската опозиција сметаат дека сегашниот услов на Беса ја спушта „цената“ на Алијанса за Албанците (АА) за евентуален влез во Владата, бидејќи ни со неа (според сегашните математики) нема да се обезбеди двотретинско мнозинство за уставни измени. Од друга страна, еден од условите на АА за влез во владејачката коалиција беше да нема предвремени, туку следните избори да се одржат во редовниот термин.

Арбен Таравари, новоизбраниот лидер на Алијанса за Албанците (архивска фотографија од јули 2020 година)
Арбен Таравари, новоизбраниот лидер на Алијанса за Албанците (архивска фотографија од јули 2020 година)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Според извори од оваа партија, имало противници на идејата за нејзино приклучување кон власта, со обрзложение дека Алијанса целосно би го изгубила епитетот на партија која бара темелни промени. Но, имало и поддржувачи на идејата, според кои, АА токму од позиција на власт може да биде силен внатрешен коректор на критикуваните состојбите. Тие посочиле и дека поради претходната соработка со ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, Алијанса за Албанците многу изгубила, а ништо не добила.

Таа 11-месечна соработка меѓу двете десничарски партии, беше официјализирана во август 2021 година пред локалните избори, како противтежа на коалицијата меѓу владините партнери СДСМ и ДУИ. Соработката беше прекината во јули годинава, прво со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, а потоа и со ВМРО-ДПМНЕ. Како што соопштија од АА одлуката била мотивирана од повеќе причини, но во нејзината срж бил фактот што ВМРО-ДПМНЕ се нашло на иста линија со една анти-ЕУ и анти-НАТО партија, но и сценарија „како во времето на груевизмот“.

Од владејачката коалиција во секоја пригода досега повторуваа дека следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин, во 2024 година. Во меѓувреме, СДСМ во континуитет организира партиски трибини низ градовите во земјата, од кои најголемата се одржа пред една недела во Скопје, што во јавноста се доживува како континуирана кампања и сигнал дека ништо не е исклучено.