Во Норвешка e во сила признавањето на Палестина како држава
28 мај 2024По Норвешка, во текот на денов (28.05) се очекува Палестина како држава официјално да биде призната и од Ирска и Шпанија. Владите на трите земји се надеваат дека со овој чекор ќе се внесе раздвиженост во врска со решението за две држави.
„Не може да се има решение за две држави ако не го признаете постоењето на двете држави“, изјави ирскиот премиер Сајмон Харис, а пренесува британската новинска агенција ПA. Како што се додава, тие сакаат да ја задржат таа надеж и цел, додека другите се обидуваат да ја бомбардираат во насока на заборав.
Владата на Израел реагираше огорчено на најавата за признавање и ги повика амбасадорите на трите земји во Министерството за надворешни работи за да им врачи опомена. Во петокот Израел објави ограничувања за работата на шпанските дипломати во земјата. Тензиите меѓу двете земји ескалираа во текот на викендот. Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес го критикуваше видеото објавено на платформата X од страна на неговиот израелски колега Израел Кац како „скандалозно“ и „одвратно“. На него се прикажани снимки од терористичкиот напад на исламистичкиот Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, кои постојано се прекинувани со сцени на двојка која танцува фламенко. На видеото со големи букви е напишано: „HAMAS: GRACIAS ESPAÑA" („Хамас: Благодариме Шпанијо“). „Никој нема да нѐ заплаши и нема да подлегнеме на провокации што нѐ оддалечуваат од патот на мирот“, рече Албарес.
Германската влада сè уште гледа отворени прашања
Многу земји ја признаваат Палестина како држава. Но, тоа не важи за највлијателните западни нации како што се САД и Велика Британија, како и за повеќето земји од ЕУ. Според германскиот канцелат Олаф Шолц, Германија во моментов не планира да ја признае Палестина како држава. Нема јасност за националната територија и други прашања, изјави Шолц минатата недела. Она што наместо тоа е потребно, според Шолц, е „решение постигнато со преговори меѓу Израел и Палестинците, кое ќе води кон решение за две држави“.