Коалицијата во ЕУ за признавање на Палестина сѐ посилна
21 мај 2024Барем на дипломатско ниво мај 2024 веројатно ќе влезе во палестинската историја како исклучително успешен месец. Генералното собрание на ООН со гласање им додели на Палестинците дополнителни права во рамки на ОН. Само им недостига правото на глас за да станат полноправна членка. Сега претстои натамошно подобрување на статусот на палестинските дипломати на меѓународната сцена. Пет европски држави се за официјално признавање на Палестина како суверена држава. При тоа од една страна се работи за солидарност со цивилното население во Појасот Газа, а од друга страна чекорот се смета како позиционирање во корист на решение со две држави за блискоисточниот спор. Актуелната десничарска влада во Израел тоа се појасно го отфрла. По терористичкиот напад од 7 октомври 2023 премиерот Нетанјаху за цел на војната го прогласи уништувањето на милитантната исламистичка палестинска организација Хамас, која владее во Појасот Газа. Тој исто така сака долгорочно да ги контролира палестинските подрачја. Но, заради жестоката воена операција во која според палестински податоци веќе се убиени повеќе од 35 илјади цивили, како и заради катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа, Израел е под се поголем меѓународен притисок.
Шпанија: искрен посредник на Блискиот исток?
Особено Шпанија и Ирска сега сакаат дополнително да го зголемат притисокот за признавање на Палестина. Шпанскиот премиер Педро Санчез водеше бројни разговори со европските партнери во изминатите месеци. Според извештаите, тој ова прашање прво го поттикнал на ниво на ЕУ. Заради одбивањето на Германија и други држави, тој наместо тоа формирал коалиција. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, кој и самиот е Шпанец, ги изнесе конкретните планови на Шпанија, Ирска и Словенија за 21 мај. Шпанија негува добри односи со многу арапски држави, посебно од регионот Мгреб, како и со Турција. Таквите врски делумно ги одржува уште од времето на Франковата диктатура (1939 -1975 година), а во годините по Втората светска војна тие земји ја штитеа Шпанија од економска и политичка изолација меѓу западниот и источниот блок. По падот на диктатурата, Шпанија воспостави економски релации со Израел, а дипломатски во 1986 година. Во годините кои следеа, Шпанија се стекна со позиција на ценет посредник меѓу израелската држава и арапскиот свет. Блискоисточната конференција во Мадрид во 1991 година се смета за почеток на мировниот процес кој беше окончан со договорот во Осло меѓу Палестинците и Израел.
Ирска: солидарност поради сопствената историја
Ирска исто така гласно ги поддржува Палестинците од првите денови на сегашната војна во Газа. Кога кон средината на април беше инаугуриран новиот премиер Симон Харис, шпанскиот премиер Санчез беше прв државник во посета во Даблин, а заеднички потег во однос на Палестина очигледно било главна тема на средбата. Ирската влада се фали дека заговарала решение за две држави со потполно суверена палестинска држава уште од 1980 година, подолго од било која друга европска земја членка на ЕУ. Во Ирска силната идентификација со Палестина може да се објасни со историјата, која почнува со назначеникот на британската влада Артур Балфур, кој беше одговорен за Ирска, која Велика Британија ја колонизираше во доцниот 19 век и и ја ускрати самоуправата. Во 1917 година Балфур, во меѓувреме министер за надворешни работи на Кралството, ја издава т.н. Декларација на Балфур, во која во име на својата влада се залага за израелска држава во Палестина, која во тоа време била под контрола на Османлиите. Откако подрачјето кратко потоа станало британски протекторат, таму служело мнозинството чувари на редот кои претходно брутално се бореле против ирските бунтовници како паравојска „Black and Tans". Зголемувањето на бројот на Евреи на Блискиот исток населен претежно со Мулсимани, во католичка Ирска се споредува со населувањето на британските протестанти на северот на островот. Некои Ирци спорот кој произлезе од таквото населување го споредуваат со спорот на Блискиот исток.
Поддршка од Словенија, Малта и Норвешка
Шпанската лева влада и ирската влада од десниот центар се поддржуваат една со друга, и покрај политичките поделби. За да дадат поголема тежина на заедничкиот чекор, тие привлекоа и други држави – Словенија вети признавање на Палестина до средината на јуни, иако според зборовите на Борел алпската република сега го има 21 мај како рок. Тогаш би можела да се приклучи и Малта, која е исто така членка на ЕУ.
Во април во Советот за безбедност на ООН веќе се гласаше за полноправно членство на Палестина во ООН, што на крај пропадна заради ветото од САД. Членката на НАТО, Норвешка, која има блиски врски со ЕУ, размислува за признавање „во текот на пролетта“. Според зборовите на министерот за надворешни работи, Барт Еид, Осло се надева дека овој потег ќе резултира со политички поврзана палестинска држава наместо „држава на Хамас“.
Различни позиции во рамки на ЕУ
Во Унијата палестинската држава до сега ја признаа пред се земјите од средна и источна Европа. За нив признавањето се должи на социјалистичкото минато во кое имаше идеолошка блискост со лидертот на ПЛО, Јасир Арафат. Некои земји, посебно Чешка и Унгарија, сега повеќе важат за поддржувачи на Израел, иако одржуваат дипломатски релации со Палестинците. Прва и единствена земја која ја призна палестинската држава откако стан членка на ЕУ, е Шведска која тој чекор го направи во 2014 година. Дали шпанско-ирската коалиција ќе се прошири и прашање. Во Белгија владата се бори со тесната временска рамка. По промената на власта, Португалија за сега се откажува од тој потег во корист на конзервативната влада. Други држави, како Германија, одржуваат врски со Палестинските автономни власти, но Палестина како држава сакаат да ја признаат дури откако тоа ќе го стори Израел.
Се додека Хамас, која бројни држави меѓу кои САД и сите членки на ЕУ ја категоризираат како терористичка организација, е политички фактор на моќ на палестинското подрачје, чекорот се смета за исклучен.