При објаснувањето (во прво лице множина) како бугарското вето го преточиле во „француски предлог”, француската амбасадорка во Софија Флоренс Робин загатнува нешто многу далекусежно за политичкото и човечкото постапување во овој случај и воопшто. Апстрахирајќи од догматски и доктринерски обѕири, едно билатерално прашање за идентитет и јазик, неразбирливо за странците, го внесле во доменот на човековите права како универзална европска вредност, со барање „вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав да биде предуслов за продолжување на дискусијата со Северна Македонија”.
Ова образложение толку пати гордо го повторувал Румен Радев, што Робин ми се причини божем е негова портпаролка. Но, неколку дена по нејзиниот исказ во интервју за весникот “Сега”, претседателот на Бугарија ја одликува амбасадорката со орденот Мадарски коњаник, симбол на бугарската држава, со нагласок дека, освен за француско-бугарските односи, таа „придонесе значително за разјаснување на проблемите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија и на бугарската позиција пред француските институции и експерти (...) во време кога не сите европски партнери и експерти од Брисел ја разбираа длабочината на тие проблеми.” (БГНЕС.)
Ко-авторство на предлогот
Со одликувањето од Радев, впечатокот за портпаролка поминува во сознание за нејзиното авторство или најмалку коавторство на „францускиот предлог”. (Дотолку е порелевантен нејзиниот поранешен исказ дека нема две верзии на тој предлог.) Но, најсуштествено во објаснувањето на Робин е она што е само нејзино - адресирањето на догматиката и доктринерството. Како и да се мислат овие две категории, без нив не се може, зашто тие упатуваат на знаење за предметот, на наука, теорија, систем, кохеренција итн. Нивното игнорирање имплицира револуционерен метод, што сам по себе, исто, претставува доктрина, и тоа во нејзиниот најпроблематичен вид на волунтаризам и хетерономија. Објективно, ветото на Радев е второ вето. Македонската дипломатија го собори Борисовото вето како замена на тезите и како инкомпатабилен и со договорот со Грција, и со договорот со Бугарија, споделени во ЕУ како европски вредности. При првото вето го немаше барањето за внесување на Бугарите во Уставот на Македонија. Такво барање нема ни во договорот за пријателство. Тоа е услов плус, како што го формулира Радев.
„Францускиот предлог” условот плус го унапредува во предуслов, го става пред условите на првото вето кои не поминаа, а „францускиот предлог” го шверцува како универзална европска вредност! Овој трик за мали деца содржи во себе неверојатна контрадикција. Ветото на Борисов и ветото на Радев не се комплементарни, туку се инкомпатибилни. „Бугарите во Уставот” се негација на „заедничката историја”, а ветото на Борисов се повикува на таа историја - што е, пак, противречно на позицијата на Желју Желев и на Филип Димитров за безусловна и добронамерна политика на Бугарија спрема Македонија заради нејзиното внатрешно, регионално и меѓународно етаблирање. Желев веќе го нема, а Филип Димитров (како и авторот на овој текст) чемрее над ова безумие. Додека генералот на постот, Претседател на Републиката, во време кога со армијата раководат цивилни лица, и бившиот премиер се дават во противречности, и сами по себе, и меѓусебно. Да останел Радев на „Бугарите во Уставот” како замена на условите на Борисов, а не како „услов плус”, ќе имавме барем две јасни позиции. Вака, амалгамот од Радев и Борисов генерира етички и логички самрак, во кој поимите како такви се раствораат и дијалогот се заменува со дрдорење, кое без задршка се шири во медиумскиот простор на двете држави.
Жртви се вистината и човештината.
Итарпејовскиот скеч на Владата
На самиот старт на „францускиот предлог” настрада поимот политика, употребен како придавка во синтагмата „политичка меѓувладина седница”, за почеток на преговорите меѓу ЕУ и Македонија. Во неа поимот политика буквално значи привид, зашто таа не е вистински почеток на преговарачкиот процес. Вистинската ќе уследи откако ќе се исполни „предусловот”. Така што, привидниот почеток има функција на мамка и на криенка за ултиматум.
Дома, Владата прво не знаеше за „францускиот предлог”, после јуначки го отфрли, после го прифати обзнанувајќи дека и самата учествувала во неговото обликување; па го измами Собранието дека билатералниот спор не влегува во преговарачката рамка, па се пушти во операција составување двотретинско мнозинство за промена на Уствот, со аргументација - кој не е со нас, е против државата и против Европа. Пратениците, наместо да ја санкционираат Владата поради маалското мангупско постапување, ја голтнаа јадицата - си ги префарбаа со бела боја црвените линии од резолуцијата што претходно ја имаа изгласано.
- Францускиот предлог како најголема пропаганда за евроскептицизмот
За да се даде благослов на тој итарпејовски скеч на Владата, се оформи ад-хок мнозинство, со вклучување на сите партии од албанскиот етнички блок. И тука се крие можеби најголемиот ризик на ветото, унапредено во европска позиција. Нашите партии, формално идеолошки, историски или етнички укотвени, никогаш не се измориле во натпревар за доброто на општото добро - рес публика, што ја прави суштината на државата, нејзината стабилност, одржливост и благосостојба. Споделувањето на таа висока и справедлива цел всушност и ги легитимира партиите и власта. За жал, нашите партии не се оптоварени, како што би рекла Флоренс Робин, со догматика и доктринерство па кон општото добро се однесуваат како кон плен. Бидејќи власта го овозможува приграбувањето од пленот, да се биде на власт значи да се биде.
Ескалација на разликите
При таква состојба на замрен дух, „францускиот предлог”, мотивиран со безбедносната монолитност на Европа спроти војната во Украина, освен што ја зголемува дистанцата меѓу Македонија и Бугарија, кај нас стимулира ескалирање на разликите во раздор. СДСМ и ДПМНЕ уште подлабоко ги закопаа секирите во меѓусебната „комуникација”, партиите од албанскиот етнички блок се хомогенизираа. Откако сложно го прифатија „францускиот предлог”, сега „предусловот” го условуваат со внесување во Уставот барања со етнички предзнак, со потенцијал за системско преуредување, та дури и за дезинтеграција на државата. Ахмети лично ја практикува унилатералната изјава на Бугарија за непризнавање на македонскиот јазик - станува Борисов од неодамна и Радев денес.
- Радев од Берлин: Нема да дозволиме легитимација на македонизмот во Европа
Колку тежи за партиите републиканската идентификација, ако прифаќаат соработка при исходување од другата страна за нашата држава како вештачка творба, кое Робин, неоптоварена од догматски и доктринерни скрупули, со таква леснотија го прешалтува во универзална европска вредност?! Со каква логика се бара внесување на Бугарите во Уставот на држава која така елементарно се игнорира? Го содржи ли ова исходување духот на пријателство од договорот со тоа име?
Брана пред овој апсурд беше Владата на Заев со министри членови на СДСМ и претставници на „шарената револуција”, носители на изборните листи на партијата. На моја голема жал, во стилот на Нерон, на заминување Заев устоличи на своето место „јунак” засолнет во мутлите, а не тркач на изборниот мегдан, ги реконструира министрите заслужни за победата на партијата, тутна во Владата една партија што му беше противник на изборите - му отвори пат на ветото.
Тоа е своевиден дворски преврат. Прегазен е парламентаризмот, изневерена е партијата, изневерена е „Шарената револуција”, пречекорен е Рамковниот договор. Поставена е Влада која не е соодветен и легитимен репрезент на нацијата.
Ветото, родено од криминал, раѓа криминал. Со него републиката е на колена - во Македонија, Бугарија и во ЕУ. Тоа е нашата тажна заедничка сегашност, скриена во самракот на ветото, кое прави очи да си вадиме далдисани во минатото.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.