Возило Тесла експлодира пред хотел на Трамп во Лас Вегас
2 јануари 2025Едно лице загина при експлозија на „сајбертрак“ Тесла пред хотел на Трамп во Лас Вегас. Неколку лица се повредени кога возилото се запалило, соопшти локалната полиција. Властите започнаа истрага поради сомнение за тероризам.
Според Кевин Мекмахил, шериф на Метрополитен полицискиот оддел во Лас Вегас, возилото било изнајмено во Колорадо и тоа преку истата веб-страница од која напаѓачот од Њу Орлеанс го изнајмил пикапот што го возел таму на новогодишното утро и со кој влета во толпата која славела и уби 15 луѓе.
Се испитува можна поврзаност меѓу двата случаи. Во моментов нема знаци за поврзаност со терористичката организација Исламска држава (ИД), како што се чини дека постои во убиството во Њу Орлеанс. „Веруваме дека ова е изолиран инцидент“, изјави Мекмахил.
Шеф на производителот на електрични автомобили Тесла е милијардерот Илон Маск, кого идниот американски претседател Доналд Трамп го избра за свој специјален советник. На својата платформа за кратки пораки X, Маск напиша дека инцидентот го истражува „целиот раководен тим на Тесла“. „Никогаш досега не сме виделе вакво нешто."
„Сајбертрак“ е футуристичко возило од три тони кое не е регистрирано во Европа.
Маск кратко потоа објави: „Сега добивме потврда дека експлозијата била предизвикана од многу голема петарда или бомба ставена на багажникот на изнајмениот ’Сајбертрак’ и нема никаква врска со самото возило“. Тој не даде никаков доказ за ова и не наведе извор за информацијата.
Според полицијата, инцидентот се случил во средата наутро во 8:40 часот по локално време. Мекмахил на прес-конференција соопшти дека едно лице е пронајдено мртво во возилото, додека седум други лица се полесно повредени. Видео снимка покажала како возилото кое стоело пред влезот на хотелот се запалило, проследено со помали експлозии како огномет.
„Како што можете да замислите, по експлозијата овде на познатиот булевар Лас Вегас, ги преземаме сите неопходни мерки на претпазливост за да ја обезбедиме сигурноста на нашата заедница. Бараме евентуални дополнителни експлозивни направи“, изјави Мекмахил, додавајќи дека во моментов не постои понатамошна закана за јавноста.
Возилото пристигнало во Лас Вегас околу еден час пред експлозијата и извесно време возело горе-долу пред хотелот, информира шерифот, што се заснова на снимките од надзорните камери и автоматското снимање на регистарските таблички.
Информиран американскиот претседател Бајден
Полицијата е особено претпазлива поради претходниот напад во Њу Орлеанс. Во јужната американска метропола, маж влета со возило во толпа за време на новогодишната прослава, при што според властите убил најмалку 15 лица, а 35 други биле повредени.
Американскиот претседател во заминување, Џо Бајден бил информиран за инцидентот во Лас Вегас, соопшти Белата куќа. Тој наредил федералните власти да обезбедат помош доколку е потребно. Бајден ја потврди информацијата на шерифот дека се испитува можна поврзаност на настаните во Лас Вегас и Њу Орлеанс, но дека засега нема докази за поврзаност на двата инциденти.
Новоизбраниот американски претседател Трамп е исто така претприемач. Неговата организација вклучува неколку хотели, како што е кулата Трамп во Њујорк, винарија и бројни терени за голф во неколку земји.