1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зближување на Русија и Кина: „Единството придвижува планини“

ЖА / агенции
24 мај 2023

Русија и Кина, во екот на војната во Украина, продолжуваат да ги унапредуваат меѓусебните односи.

https://p.dw.com/p/4RkVH
Михаил Мишустин Ли Чијанг Русија Кина
Рускиот премиер Михаил Мишустин со кинескиот колега по функција, Ли Чијанг:„Односите меѓу Русија и Кина денес се на невидено високо ниво“Фотографија: Alexander Astafyev/dpa/picture alliance

Рускиот премиер Михаил Мишустин е највисокиот по ранг руски политичар кој е во посета на Пекинг од почетокот на руската инвазија врз Украина. „Односите меѓу Русија и Кина денес се на невидено високо ниво“, изјави Мишустин демонстративно при неговата средба со кинескиот колега по функција, Ли Чијанг. Билатералните односи се одликуваат со меѓусебен респект и желбата заеднички да се реагира на предизвиците поврзани со „нараснатите турбуленции на меѓународната сцена и примерот на сензационален притисок од страна на колективниот Запад.Како што би рекле нашите кинески пријатели: единството придвижува планини“, изјави Мишустин.

Рускиот и кинескиот премиер потпишаа редица договори за намери, меѓу кои и за продлабочување на трговските односи и соработка во спортот. Русија засилено ги чувствувапоследиците од санкциите воведени од Западот поради агресорската војна во Украина, па владата во Москва трескавично се обидува да најде нови купувачи за најважните извори на приходи – нафта и гас. Таа посебно се надева на поддршката од Кина. Русија смета дека испораката на енергенси во Кина годинава ќе се зголеми за 40 проценти, а од друга страна се зголемува и кинескиот извоз во Русија. Само во април, според податоците на кинеските царински власти, кинескиот извоз во Русија пораснал во однос на истиот месец ланската година за 153 проценти, откако во март бил удвоен.

„Кина има желба за соработка со Русија, а поттикот на прагматична кооперација во различни области неа може да ја подигне на ново ниво“, изјави Ли. Во март кинескиот претседател Ши Џинпинг го посети неговиот руски колега Владимир Путин, истакнувајќи ги пријателските односи меѓу двете земји. Кратко пред почетокот на војната во Украина, двете страни се изјаснија за „безгранично партнерство“. Кинеската влада досега не изрече јавна осуда на руската инвазија врз Украина, но се понуди да игра улога на посредник за окончување на конфликтот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема