Зеленски бара меѓународни мерки за нуклеарката Запорожје
16 август 2022Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика меѓународната заедница да спречи несреќа во нуклеарната централа Запорожје.
„Ако светот сега не покаже сила и решителност да одбрани една нуклеарна централа, тоа ќе значи оти светот ја загубил битката со тероризмот и се препуштил на нуклеарна уцена“, изјави Зеленски за време на своето редовно видео обраќање.
Русија ја презеде контролата врз нуклеарната централа Запорожје, најголема во Европа, набрзо откако во февруари изврши инвазија врз Украина која во Кремљ ја нарекуваат „специјална воена операција“.
Зеленски во последното обраќање повторно ја повика Москва да ги повлече своите војници од нуклеарната централа Запорожје. Тој уште еднаш предупреди на последиците од можна нуклеарна катастрофа. „Секој радиоактивен инцидент во нуклеарната централа Запорожје може да биде удар и за земјите од Европската унија и за Турција, и за Грузија и за земјите од подалечните региони“, рече тој. „Сето зависи само од насоката и брзината на ветерот“.
Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за гранатирањето на Запорожје во текот на изминатата недела. Според експертите, зголемена радиоактивност сѐ уште не е регистрирана.
Во првите напади на 5 август беше погоден трансформаторот на високонапонскиот далновод поради што автоматски беше запрен третиот реактор и се вклучија резервните генератори.
Во нападите во четвртокот беа оштетени пумпната станица и уредите за мерење на ниво на радијација.
Украинските власти бараат демилитаризација на зоната и повлекување на руските војници.