Зеленски доаѓа во Германија
13 мај 2023Украинскиот претседател Володимир Зеленски викендов ќе ја посети Германија за првпат по рускиот напад врз Украина. Владини кругови во Берлин денеска за повеќе новински агенции потврдија дека посетата ќе се случи во недела. Засега е нејасно дали Зеленски ќе пристигне во сабота навечер или дури во недела. Сѐ уште, поради безбедносни причини, не е објавена точната програма на посетата на украинскиот претседател на Германија во недела.
Според претходните најави се очекува, покрај средбите со германскиот државен врв, во недела попладне, на Зеленски да му биде врачена наградата Карло Велики за европски заслуги на градот Ахен, која им беше доделена на Зеленски и на украинскиот народ во декември. Денеска Зеленски првпат го посети Рим, каде се сретна со италијанскиот претседател Серџо Матарела, италијанската премиерка Џорџа Мелони а имаше и аудиенција кај папата Франциско.
„Италија целосно ја поддржува Украина во нејзиниот отпор против руската инвазија“, изјави италијанскиот претседател Матарела по средбата со Зеленски.
Матарела му порача на Зеленски дека му е чест што е во Рим, пренесоа италијанските медиуми.
„Побарав повторно да се сретнеме по нашиот разговор пред повеќе години и во овие различни околности, ние сме целосно на ваша страна“, рече италијанскиот претседател.
Зеленски, инаку, последен пат беше во Германија неколку дена пред руската инвазија во февруари 2022 година како учесник на Минхенската безбедносна конференција. Долго време по почетокот на војната, тој ја критикуваше германската влада дека се колеба да ѝ испорача оружје на Украина. Дури по ветувањето за испорака на борбените тенкови „Леопард 2“, критиките стивнаа.
Инаку претходно денеска германската влада ѝ вети на Украина дополнителни испораки на оружје во вредност од 2,7 милијарди евра.
Ова речиси ќе ја удвои германската помош за оружје за Украина од почетокот на војната во февруари 2022 година: досега официјален Берлин има одобрено испораки на оружје во вредност од 2,75 милијарди евра. Според тоа, Германија е еден од најважните поддржувачи на Украина - и воено и финансиски.