Зеленски ги предупреди руските трупи: Време е да исчезнете
30 август 2022„Украина си ја враќа земјата назад“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во неговото дневно видео обраќање. Тој им порача на руските трупи дека ќе бидат гонети „сѐ до границата“ и од нив побара да бегаат: „Ако сакаат да преживеат, за руската војска е време да исчезне. Одете си дома!“, рече Зеленски.
Половина година по влегувањето на руските трупи во Украина, украинската армија започна контраофанзива.Надворешната одбранбена линија на Русите во регионот на Херсон е пробиена на повеќе места, соопшти украинската војска. Досега нема сигурни информации за офанзивата. Американската телевизија Си-Ен-Ен, повикувајќи се на украински армиски извори, јави дека се заземени четири села кај Херсон. Украинските власти бараат од луѓето да ги напуштат окупираните територии најбрзо што е можно. Доколку тоа не е можно, од нив се бара да се снабдат со храна и вода и да се сокријат во цврсти објекти.
Херсон е град кој беше заземен од страна на руските сили на почетокот на руската инвазија на Украина. Зеленски и украинското армиско раководство од јуни зборуваат за напад на југот на земјата. Украина политички се наоѓа под притисок, со оглед на тоа што Русија забрзано работи на присвојување на заземените региони и подготвува референдуми, најверојатно за септември.
Деманти од руска страна
Министерството за одбрана во Москва ги потврди украинските напади во регионите Херсон и Миколајив, но тврди дека доживеале „мизерен неуспех“. Украинската армија, според руски наводи, претрпела големи загуби во војска и техника. Докази за ваквите тврдења на Москва меѓутоа нема. Дека руската страна е нервозна покажуваат изјавите од управите во окупираните територии, од каде се вели дека ништо не се случува. Наводната офанзива „е вообичаено лага на украинската пропаганда“, тврди шефот на управата на Крим, Сергеј Аксјонов.