Зеленски: Само ѕверови обезглавуваат луѓе
12 април 2023Видеото кое се шири низ социјалните мрежи и прикажува наводно обезглавување на украински војник, за украинскиот претседател е уште еден доказ за бруталноста на Русија. Светот мора да согледа „колку лесномислено убиваат овие ѕверови, да ја види Русија онаква каква што е вистински", изјави Володимир Зеленски во својата видео реакција, обновувајќи го своето барање за кривичен прогон на одговорните за воени злосторства во Украина, „затворски казни за убијците, трибунал за терористичката држава“.
Русија е полоша од „Исламска држава“
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изрази шокираност од стравичното видео, а за Русија изјави дека „е полоша од Исламска држава“. Џихадистичката милиција ИД во изминатите години објави повеќе видеа на убиства, меѓу кои и отсекување глави на затвореници.
Една минута и четирисет секунди долгото видео со украинскиот војник е објавено во вторникот на социјалните мрежи. На него се гледа човек во воена униформа и маскирано лице, кој на наредба на руски јазик од лице зад камерата, обезглавува со нож човек во украинска униформа кој лежи на земја.
Нејасно е дали видеото е автентично. Москва побара негова проверка. „Живееме во свет на фалсификати“, коментираше портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
На почетокот на март се појави исто така видео снимка на која наводно руски војници обезглавуваат украински воен заробеник, која во Украина предизвика жесток револт. Во ноември Москва од своја страна објави снимка од наводно убиство на неколку руски војници, кои кратко претходно наводно и` се предале на украинската армија.
ОН во март ги обвини и Русија и Украина, дека од почетокот на руската агресорска војна во февруари 2022 година, вршат самоволно егзекутирање на воени заробеници без судска постапка.