Што е зихераштво? Етимолошки, според познавачите на германскиот јазик, подразбира точност, прецизност, навременост. Но во домашниот новоговор, на тој збор прв пат имам наидено кога близок пријател се обидуваше да ги објасни карактерните особености на еден политичар. Па така, според неговото толкување, зихераш е некој кој е вртикапа која чека на финалниот исход, несигурен во себе, со еден збор – колебливец. Со тек на времето, го дознав и поширокиот контекст на зихераштвото, како позајмица од „langsam, langsam aber sicher”, преведено како „кроце, кроце ама потамам”. Домашниот сленг има и други слични верзии на темата, од типот на шибицарење или кибицарење, но зихераштвото си е тамам зихер погодено по нашиот менталитет.
Кога сме кај карактер-политичарите кои нѐ имаат владеено овие 30 години, можеби единствените кои не беа красени со таква пежоративна дамка се Љубчо Георгиевски, Бранко Црвенковски и Абдурахман Алити, додека беа на власт. Не велам дека беа безгрешни, за фалење или кудење, но за добро или зло си имаа капацитет за завземање став и носење одлука. За разлика од, да речеме Киро Глигоров кој чекаше „каде ќе тргне Македонија”, Стојан Андов кој чекаше „каде ќе остане Македонија” или Арбен Џафери кој се двоумеше дал во Приштина да чека ил’ во Тетово да се врати.
Ни нашите историски настани не се лишени од зихераштво. Почнувајќи од самото зихерашко референдумско прашање за независноста. Или зихерашкиот мотив на Ахмети за потпишување на Рамковниот штом дозна дека ќе биде амнестиран и внесен во политика. Сѐ до скорешните договори со Грција и Бугарија од кои зихерашки се очекуваше персонален ќар, а потоа зихерашки се користеа за патетично лелекање од своерачно потпишаните.
Денешното зихераштво
Денеска зихераштвото го препознаваме во евтините ветувања на Мицкоски и стравот да се произнесе на повиците на О’Брајан да излезе машки на мејдан. Мицкоски, типично зихерашки, знае дека доколку ја каже вистината - или ќе добие санкции од партнерите или пак шамари од поддржувачите. Па затоа, зихерашки се обидува да се убеди себеси и помалку нас дека сѐ ќе биде полесно доколку вистината ја каже како премиер, а не како лидер. Што е ништо повеќе од реприза на Заев кој откога ја исцица „Шарената” за да стигне до Илинденска, си ја призна желбата истите да ги прати „во мајчина”. Како што редовно бива, политиките базирани на перцепции „ако вака - ние така, ако така- ние вака”, редовно завршуваат со една голема кака. Врз сопствена глава.
Зијадин Села ви е жив доказ за тоа. Обидот зихерашки да искамчи денар повеќе од реалната цена на крај заврши со објавата на Таравари дека е банкрот, проследено со порака од Али Ахмети дека Алијансата му беше битна додека беше целосна. Но сега, кога лидерот со куп министри и пратеници премина во опозиција, цената на Села е повеќе прашање на некаков хуманитарен, сожалив гест од Али отколку на солидна политичка проценка за битноста на двоецот Села-Лога на гласачкиот пазар. Села може единствено да се теши и, пред тоа малку преостанати следбеници, да се правда со тоа дека единствено Ахмети испадна поголем зихераш од него. И тоа не еднаш, не два пати, туку пет пати во последната година.
Првото зихерашко лизгање надолу, Ахмети си го приреди со зихерашкото висење како петто тркало во придружба на Александар Вучиќ при посетата во Охрид. Доволно за да зихерашки биде блиску ама зихерашки на дистанца, но недоволно за од рака да му се избие имиџот на албански бранител од српските политики. Шест месеци подоцна, спомнувањето на Вучиќ во контекст на Ахмети беше рамномерно на спомнување прасе во техеранска џамија. Вториот зихерашки момент беше неуспехот зихерашки да го приведе Албин Курти кон себе, а притоа зихерашки им помага на неговите противници во Приштина. Операција од која поцрвене од срам по дома и доби потсмев во Приштина. Третиот зихеризам на Ахмети беше обидот да дрибла среде четвороаголникот Ковачевски-Пендаровски-Мицкоски-Заев преку вметнување на кругот на Груевски среде квадратот, за да на крај заврши како Милош Шестиќ на проба во Бајерн Минхен. На трибини. Петтиот обид за зихерај на Али Ахмети беше блефот дека ДУИ ќе се засили без Изет Меџити. Што на крај заврши со очајничкиот крик на неговиот конфидант и неслужбен претставник во Приштина, Нури Беџети кој по сите жестоки напади и критики упатени на адреса на итриот чаирчанец, на крај со дигнати раце и пред телевизиски камери ќе ја пренесе замолницата од Ахмети: дали за добро на Aлбанците, за добро на Македонија, Меџити е согласен да се врати во ДУИ? Одговорот на Изет, не беше зихерашки.
Делење етикети
Сепак, аурата на зихераштво на предизборието секако му припаѓа на Димитар Ковачевски и неговите обиди за наметнување на СДСМ како некаков ексклузивен фактор во делење етикети на западњаштво и источњаштво. Да не елаборираме премногу, туку јасно да му пренесеме на Ковачевски дека иако раководството на ВМРО-ДПМНЕ е со доминантно происточно настроение, не секој кој ќе гласа за нив е автоматски происточно мотивиран. И обратно, дури и ако се подразбира дека раководството на СДСМ или ДУИ се прозападно ориентирани, тоа не значи дека нивните мотиви се диктирани од западни стандарди, ниту пак дека сите гласачи се по дефолт прозападни. Геополитиката може да биде битен фактор на влијание во изборот на партијата, но секако не е побитна од економските, социјалните и административните мотиви или поттици во изборот на претставниците. Пренебрегнувањето на геополитиката во изборните процеси е наивност која скапо се плаќа, подеднакво како што ставањето на сите надежи во корпата на геополитиката е пречесто употребувано зихераштво за да заврши без соодветна казна.
Што е Западот за ВМРО-ДПМНЕ? Во основа, с’клетисаниот Мицкоски сака да нѐ убеди дека (ионака напукнатата) соработка со Виктор Орбан е доволен доказ за да се побијат аргументите на опонентите. Но во секој друг аспект, вистината е дека никој во Европа, па ни во САД не ја разбира и не ја поддржува неговата политика на „верувајте ми на збор”. И тоа не е поради некаква убиствено убедувачка политика на владата и дипломатијата на СДСМ и ДУИ, туку едноставно поради нешто што е всушност најголемата и најболната мака на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. А тоа е дека влијанието на бугарската и грчката дипломатија, но и на други блиски земји, резултира со стратешка-државничка солидарност на ЕУ и САД со Бугарија и Грција и тактичко-дипломатска климоглавост кон ионака климавите беседења на лидерот на македонската десница. И тоа е најтешкиот, најнеподносливиот и најоптеретувачкиот мираз и арач кој Христијан Мицкоски лично го има наметнато врз сопствената партија.
Но што е Западот за Ковачевски и Ахмети? Во основа, Западот е сведен на амбасадорска изборна база на СДСМ, започнато уште од времето на Бучковски па заклучно со денешното раководство. Но ова веќе не е геополитика на „рамо до рамо со партнерите”, туку на дете-бељаџија кое го цима џандарот да му ги прости корупциските пакости во замена за послушност. Од призма на Западот, проблемот не лежи во цимолењето на ногавиците, туку во непријатното сознание дека „малиот” се има извештачено веќе во пиесата прерасната во општа култура на „кради си раат, на крај те спасува Запад”. И тоа веќе сосема јасно се надзира во тоа што Западот е навистина видливо резигниран од ВМРО, но ниту приближно еуфоричен, со симпатии, наклонетост и поддршка свртен кон СДУИ.
Ахмети против Меџити
Она што е веќе сосема видливо и разбрано за меѓународната заедница е дека ВМРО-ДПМНЕ може да дига тензии, но нема ниту ќе има капацитет за истите да ги држи под контрола кога тие ќе бидат превземени од други, источни фактори. Поради што, сепак, на крајот истата меѓународна заедница ќе биде цимолена и молена од Мицкоски да интервенира и му ја спаси посакуваната фотеља. Но тоа и не е некој проблем за докажано превртливиот Мицкоски. Вистинскиот проблем е што таа интервенција за спас ќе дојде со прилично скапа цена и една крастава жаба која ќе биде далеку помачна за голтање од претходните кермити сервирани на Заев-Димитров.
Она што е уште повеќе видливо е дека таа меѓународна заедница не дава пет пари за љубовните солзи на Ковачевски и Ахмети во искажување зихерашка љубов кон Западот. Нема никаква љубов кон Западот, туку мака за спас на сопствените кожи. Папочно врзаниот за Артан Груби екс-премиерот Ковачевски однапред се определи за губитничкото самозалажување дека „ДУИ е подеднакво на Албанците” и со тоа ги изгуби слободните гласови на Албанците или пак им овозможи на истите да си ја дигнат цената која ќе биде поболна за исплата од сите досегашни пазарења со Груби-Ахмети. Затоа и заминувањето на Таравари беше поболно пречекано во про-СДСМ-овската јавност отколку во онаа на ДУИ.
Колку и да звучи преурането, пренагласено или дури етнички субјективно, извесно е дека стратешко-политички епицентарот на судирот на следните избори нема да биде двобојот меѓу СДСМ и ВМРО, туку соочувањето на Али Ахмети и Изет Меџити. На овој или оној начин, Меџити со својот „отворен кон сите, дистанциран од сите” став веќе го има истиснато Ахмети од позицијата на неприкосновен policy-maker на домашната политичка сцена. Тоа не значи дека веќе ја има добиено и улогата на king-maker, која Ахмети сеуште се обидува да ја задржи. Сепак, дискретните отварања на меѓународната заедница кон албанската опозиција и кон Меџити особено е предзнак за пресврти кои ќе се одвиваат во периодот пред изборите. Внимателната дистанца и неопределба на Меџити кон ВМРО и СДСМ, способноста за привлекување и градење сојузи, но уште повеќе фактот што неговото ДУИ-искуство ветува мирна транзиција во албанскиот кампус и севкупната политичка сцена на земјата се фактори кои битно влијаат во неговото профилирање во очите на меѓународната заедница. И нејзиниот автентичен пристап и разбирање на ‘лангзам, лангзам абер зихер’.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.