1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Тесни грла во испораката на лекови

Гудрун Хајзе
29 октомври 2022

Речиси 300 различни лекови во моментов се недостапни, не само во Германија. За поголемиот дел од нив има достапни заменски лекови, но не секогаш.

https://p.dw.com/p/4IKLV
Во аптеките има повремено недостиг и од инсулин дијабетес
Во аптеките има повремено недостиг и од инсулинФотографија: Photoshot/picture alliance

Аптекарите и лекарите го вклучија алармот, а на крај и пациентите, бидејќи пациентите се тие што страдаат доколку потребниот лек го нема во аптеките и постојано слушаат од аптекарите дека  „лекот во моментов не е достапен“.  На листата на Германскиот институт за лекови и медицински производи, БФАРМ, за лекови за кои има тесни грла во испораките, се и лекови како на пример за ХИВ-терапија или инсулин кој луѓето со Дијабетес 1 мора редовно да го примаат. Но, од БФАРМ велат дека и покрај проблемот со испораката, пациентите сѐ уште се снабдени. 

Тесно грло во испораката не значи и тесно грло во снабденоста

Многу е важно да се направи разлика меѓу тесно грло во испораката и тесно грло во снабденоста, нагласуваат од БФАРМ. „Tесно грло во испорака значи дека има прекин или намален обем на испорака од предвидениот во период од две недели, или пак значително зголемена побарувачка на која не може соодветно да се одговори,“ стои во појаснувањето на веб страната на Институтот.

Притоа особено е важно дали се достапни  алтернативни лекови  за терапија и дали тие се моментално достапни на пазарот. Но, проблемите со краткорочната испорака се и дополнителен товар за аптекарите, бидејќи дури и да се достапни други генерички лекови, и тие треба да се најдат и да се набават.

Списокот на лекови кои недостасуваат сè подолг

Податоците на списокот на БФАРМ со лекови кои недостасуваат, доаѓаат од производителите на лекови и од новата германска База за лекови (АмАнДА). Покрај инсулинот и лековите за ХИВ, има недостаток и од антибиотици, спрејови за астма, лекови за разретчување на крвта, онколошки лекови, за епилепсија па сѐ до ибупрофен и  парацетамол.  Оваа листа лесно може да се прошири.

Не сите лекови кои недостасуваат се од витално значење за пациентите. „Така на пример од 250 пријави за тесни грла во снабдувањето, само 10 се однесуваат на лекови кои се неопходни и кои на пример мора да се земаат секојдневно, појаснуваат од БФАРМ.

Мартин Шерер од Дегам, Германското здружение за општа и семејна медицина, во моментов не гледа дека има недоволно снабдување со важните лекови во земјата.

„Детектираните тесни грла во снабдувањето, за мене како лекар не се причина да препишувам поголеми пакувања. Тоа може да биде и опасно, бидејќи сензитивните параметри како притисок, згрутчување на крвта или вредностите на тироидната жлезда треба редовно да се проверуваат и терапијата да се прилагодува според состојбата,“ вели тој.

Кога има недостиг од некој лек, во аптеките се нудат генерици
Кога има недостиг од некој лек, во аптеките се нудат генерициФотографија: Rolf Kremming/imago images

Тесни грла во испорака на лекови има на сите континенти

Земјите во цел свет се погодени од тесни грла во испораката на лекови. Колку се сериозни проблемите за секој посебно, не зависи од тоа за која болест се работи. Третманот на ХИВ пациенти со антивирусни лекови во меѓувреме е пракса во многу западни земји. Но, во Индија на пример многумина зависат од бесплатни лекови за ХИВ. Тие се дистрибуираат во државните медицински центри. Иако ги има и во приватни аптеки, ретко кој во оваа земја може да си ги дозволи. А, доколку нема, ХИВ лекови не може да се набават ниту во приватните аптеки, ниту во државните центри.

Додека ХИВ е раширен во целиот свет, во меѓувреме во Индија на пример постојат низа болести кои се непознати во Европа. Без терапија многу од нив би биле фатални. Меѓу нив е на пример и лепрата. Друг пример се убоди од змија, кои во Индија не се нешто невообичаено, а и тие може да завршат фатално доколку не се земе  потребниот лек  на време.

Во меѓувреме во Виетнам се загрижени поради недостатокот на лек кој се користи при операции на срце и кој го поништува ефектот на лековите како Хепарин.

Лекови после 15-ти, нема!

Ситуацијата во Африка и Азија

Во многу африкански земји ситуацијата не е ништо подобра. Таму пристапот до лекови и онака е доста ограничен, а сега работите се влошени со делумните тесни грла во испораката на глобално ниво. Центарот за инфективни болести на Универзитетот во Минесота, ЦИДРАП, на нивната веб страна објави дека таму недостасуваат речиси четири милиони дози вакцини за Ротавирусот.

Ова особено ги погодува децата во Кенија, Танзанија, Сенегал и Камерун. Инфекција со Ротавирусот предизвикува пролив, а кај малите деца може да доведе и до дехидрирање. Како последица на ова повеќе од два милиони деца секоја година завршуваат во болница.

Недостигот на лекови тангира повеќе области

Тесното грло со лекови е појава во цел свет. Болниците и операциите исто така делумно се погодени од тоа. Според податоците на журналот Бритиш Медикал недостатокот од средството Ремифентанил во Велика Британија има последици. Опијатот кој само кратко време делува во организмот, се користи при операции. Пациентите со помош на ваквото средство многу побрзо се опоравуваат од наркозата. Така може да бидат спречени нуспојави кои траат подолго, но сега има проблеми во испораката на лекот. 

Нема само една причина 

На пазарот со лекови има сѐ повеќе монополизирање.  Ако производителите западнат во проблеми, тоа може да има страшни последици затоа што често нема други фирми кои може непречено да продолжат со производството. Многу лекови се произведуваат во Азија. Таму трошоците се многу пониски. Пренесувањето на производните капацитети во Европа не може да се направи преку ноќ. Глобализацијата во многу погледи има висока цена.  

„Во глобализиран свет и производството на лекови е зависно од развојот на настаните во светот", вели Шерер. „Тоа на пример зависи од проблеми со суровини на меѓународно ниво, од пораст на цени и проблеми со транспортот од Кина или Индија. Дополнително на тоа, растечките трошоци за енергенсите влијаат врз снабдувањето со лекови."

Многу околности доведуваат до тоа производството на лекови краткорочно да стагнира или сосема да биде сопрено. Алтернативите потоа не се доволни. Па така, лекари, аптекари, фармаколошки компании и производни постројки мора да жонглираат со постоечките ресурси и да се надеваат дека тесното грло во снабдувањето со лекови ќе биде само краткорочно.