Администрацијата под лупа: Создавање ред во хаосот
25 јуни 2019Деполитизација и департизација за ефикасна и професионална администрација. Сите влади го посочуваа ова како еден од приоритетите, но досега ниту една не го реализираше. Како што растеа ветувањата за решавање на проблемот, така растеше и администрацијата - помалку во квалитет, повеќе во квантитет. Дали е на повидок почеток на ставањето ред во хаосот? Според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски - да!
„Влегуваме во реализација на сериозни проекти - реорганизација и оптимизација на институциите. Тоа значи заведување ред во хаосот кој со децении бил создаван во институциите“, рече Манчевски.
Во таа насока неговиот ресор ќе има обемна работа. Кон крајот на минатата година анализата на регулативата спроведена од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) покажала дека само 62 органи се регулирани со Законот за организација и работа на органите на државната управа, додека 66 со посебни закони. Тоа значи дека повеќе од половина од државните органи се формирани без да им се определи јасно статусот, не се препознаваат линии на одговорност, а постои и поклопување на надлежности. Поради тоа ќе биде потребно да се воспостават рамки за институционална (ре)организација, да се реши проблемот со преклопување на надлежностите, како и проблемот со институции со еден човек.
Време за резултати
Вториот чекор кој води во насока на деполитизација на администрација е новиот Закон за висока раководна служба.
„Со овој закон за првпат ќе се воспостави воедначена процедура за селекција и назначување на раководните позиции, темелена врз начелата на заслуги, еднаков пристап до работно место под еднакви услови, соодветна и правична застапеност и родова еднаквост. Кандидатите ќе се избираат преку индивидуализирани процедури од страна на Комисија за висока раководна служба“, изјави Манчевски на вчерашната конференција во Скопје „Како понатаму? Реформите на јавната администрација по јунскиот Европски совет“, која беше завршен настан на европскиот проект „Граѓанска алијанса за транспарентност” спроведуван од Фондацијата Отворено општество - Македонија (ФООМ) и Евротинк - Центар за европски стратегии.
А токму анкетата што ја спроведоа овие организации од 16.2. до 7.3. годинава, покажа дека 44,4 отсто од испитаниците како лоша ја оцениле работата на јавната администрација во земјата. Дури 73,8% од граѓаните сметаат дека во јавната администрација се вработува со партиска книшка, а 74,2% дека политичките партии ја злоупотребуваат јавната администрација за партиски и лични цели. Резултатите се речиси исти со оние добиени од анкетата на иста тема во 2017 година, што укажува дека состојбите не се менуваат.
„Помина времето на консолидација и сега треба да дојде времето на резултати“, порачуваат од невладините организации.
Повеќе:
Манчевски: Регистерот не дава реална слика за вработените во јавниот сектор!
Францускиот амбасадор во Скопје, Кристијан Тимоние, оцени дека се потребни суштински и квалитативни, а не квантитативни реформи, и професионализација на администрацијата наспроти постојаната состојба на нејзина партизација.
„И покрај добрата оцена за земјата во извештајот на ЕК, Република Северна Македонија треба активно да работи на суштински реформи и да се справи што поскоро со корупцијата која е особено видлива во администрацијата“, нагласи францускиот амбасадор.
Заев: Време е за служба со интегритет!
„Време е за служба со интегритет“, истакна и премирот Заев во честитката што ја упати до сите службеници вработени во јавниот сектор по повод 23 јуни - Светскиот ден на јавните службеници.
„На тоа нѐ повикуваат вредностите на јавната служба и ова е вистинскиот момент да се повикаме на нив. Време е за служба со интегритет! Интегритетот е во основата на вредностите на јавната администрација и клучен принцип за заштита од корупција и од лични интереси. Кога јавниот сервис им служи со интегритет на граѓаните, ги штити и суверенитетот, независноста, безбедноста и просперитетот на земјата. Прашање на интегритет е стремежот да се напредува во професијата за да се постигне совршена јавна служба како сервис на граѓаните“, напиша Заев.
Од вработените во јавните служби побара да покажат пример - што значи да се биде посветен кон потребите на граѓаните, и да имаат етика и храброст.
„Моралната вертикала и храброста нема да ги најдете во описот на вашето работно место или во огласот за работа на јавните службеници. Таа храброст треба да ја поседувате или да ја предизвикате кога ќе прифатите да бидете вработен во јавната администрација. Моралната храброст е моќна алатка зашто мотивира и се шири и ги охрабрува и другите да ја прифатат“, порача премиерот.