1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Манчевски: Регистерот не дава реална слика за вработените

30 август 2017

Потрошени се два милиона евра за Регистер кој не се користел. Проверките покажаа дека дел од институциите не внесувале податоци за вработените, а дел не ги ажурирале редовно, вели министерот Дамјан Манчевски.

https://p.dw.com/p/2j3kI
Damjan Mancevski
Фотографија: Privat

До пред објавувањето на „бомбите“, 600 лица земале плата од Владата без да одат на работа, а еднаш неделно се потпишувале како присутни според однапред подготвен распоред. По 2015 година бројката се намалила и варирала, но од буџетот и натаму се одлевале пари за плати за неизвршени работни обврски. Колкава е реално бројката на вработени во јавниот сектор, допрва ќе се утврдува. „Сегашните податоци не ја одразуваат реалната слика“, вели министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски. Институциите кои не ја почитувале законската обврска да ги внесат податоците за бројот на вработени, добија рок тоа да го сторат до 5-ти септември.  

ДВ: Како се случи овој апсурд - МИОА формално да има Регистер на вработени во јавниот сектор, но реално да го нема?

Дамјан Манчевски: Во изминатиот период, јавноста била доведувана во заблуда дека имаме реален Регистер на вработени во јавниот сектор. Тоа едноставно не е точно. Податоците за вкупниот број на вработени кои ги објави претходната Влада се добиени преку вкрстување на бази на податоци од повеќе институции. Согласно со Законот за вработените во јавниот сектор, Министерството за информатичко општество и администрација преку Информационен систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР), воспоставува и води Регистер на вработените во јавниот сектор. МИОА сега нема Регистер што ги содржи реалните информации за сите вработени во јавната администрација. Иако за него се одвоени два милиони евра за период од 5 години (2014-2018), тој не ја рефлектира реалната состојба со бројот на вработени. Се работи за проблем на непочитување на законите од страна на институциите. Во сите институции треба да има задолжено и обучено лице за внесување и ажурирање на податоците во ИСУЧР. Сепак, дел од институциите во системот никогаш не ја внеле новата систематизација, дел само ја внеле систематизацијата без никакви податоци за вработените, а дел иницијално ги внеле податоците, но не ги ажурираат редовно. Секако дека има и институции кои ревносно го пополнуваат регистерот. Некој веројатно ќе се запраша каде е тука проблемот. Проблем можеби ќе немаше, доколку не беа потрошени два милиона евра за регистер кој не го користиме. Сега МИОА активно работи на ажурирање на податоците и на подобрување на функционалноста на скапиот систем за управување на човечки ресурси.

Колкав е бројот на институции кои немаат внесено податоци за своите вработени?

Во Македонија постојат 1.302 институции. Има две категории на институции што не ја исполниле законската обврска да внесуваат податоци за вработените во Регистерот. И покрај тоа што добиле согласност за систематизација од МИОА, 150 институции немаат внесено податоци за своите вработени. Некои од нив се: Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Агенцијата за електронски комуникации, Јавното обвинителство на Република Македонија, Здравствен дом Битола, ЈП за Државни патишта, ЈП за железничка инфраструктура Македонски железници Скопје, ЈП Македонски шуми Скопје, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии - Управа за јавни приходи, Народен правобранител на Република Македонија, Националната установа „Македонски народен театар“ Скопје, Националната установа Музеј на современата уметност Скопје, Археолошки музеј, Фонд за здравствено осигурување на Македонија и голем број на основни и средни општински училишта. Втората категорија на инсититуции се тие кои немаат побарано согласност од МИОА и немаат внесено податоци во Регистерот. Тоа се 197 институции од различни области: култура, здравство, јавни претпријатија, образование..., како на пример: ЈП Водовод и канализација - Скопје, ЈП Македонска радиодифузија, ЈП Улици и патишта - Скопје, Центрите за развој на планските региони, дел од универзитетските клиники во Скопје и здравствени установи/домови, Комисијата за хартии од вредност, некои музеи, основни, средни училишта и факултети...

За разлика од претходниве, има ли позитивни примери?

Одобрена систематизација имаат 918 институции и имаат внесувано податоци. Сепак, постојат сериозни индиции дека и кај овие институции голем број на податоци не се уредно пополнети. Активна систематизација имаат и 37 институции во кои што спаѓаат судовите, без добиена претходна согласност од МИОА, затоа што според закон не им е потребна.

Колкав е вкупниот број на вработени во сите овие институции?

Во моментов  располагаме со податоци за 115.729 лица вработени во јавната администрација. Како што претходно кажав, овие податоци не произлегуваат од Регистерот, туку се добиени со вкрстување на податоци од повеќе институции. За да ја добиеме оваа бројка и на ваков начин, немало потреба да се трошат 2 милиони евра од парите на граѓаните. Оваа бројка не е официјална и не ја претставува реалната слика. Дополнително, во оваа бројка не влегуваат вработените во акционерските друштва во државна сопственост, како што се на пример, ЕЛЕМ, МЕПСО, АД за управување на станбен простор, и.т.н., како и вработените со договор за времено вработување, односно т.н. договор на дело.

Кои се причините што системот не бил користен, ниту била почитувана законската обврска?

Се работи за сплет на одговорности и не би можеле да ја лоцираме само на едно место. Системот од технички аспект е функционален, но се работи за непочитување на законот од страна на институциите, пред сѐ од оние 197, односно 150 институции, што воопшто немаат внесено податоци, но и кај останатите што не го ажурирале редовно Регистерот. Колективна е одговорноста, но факт е дека во изминатиот период јавноста беше донесена во заблуда со објавување на број на вработени во јавната администрација, до кој е дојдено на незаконски начин. Треба да се работи и на подобрување на функционалноста на системот, кој не бил соодветно дизајниран за да му овозможи на МИОА директен пристап и соодветни анализи за состојбата со човечките ресурси во јавниот сектор.

Тоа значи дека не е реален ни Годишниот извештај на вработени во јавниот сектор?

Да. Проблемот во Регистерот се рефлектира и на „Годишниот извештај  на вработени во јавниот сектор“. Покрај тоа што со Законот за вработени во јавниот сектор е предвидено извештајот да се подготвува врз база на податоците од Регистерот, тоа во практика не се спроведувало. Како резултат на непотполниот Регистер, Годишниот извештај за 2016 година е подготвен врз основа на податоците од повеќе државни институции како што се Централниот регистер, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Министерството за финансии. Секојдневно работиме на решавање на овие проблеми и сакам да им гарантирам на граѓаните дека следниот Годишен извештај ќе ја отсликува реалната бројка, до која ќе биде дојдено по законски пат.

На кој начин ќе трагате по реалните бројки?

Во моментов МИОА прави проверка на сите институции поединечно. Проверката ни покажа дека се соочуваме со поголем проблем од тоа што го очекувавме. Неактивни систематизации, невнесени договори за вработување, недостиг и неажурирани податоци за вработените во јавната администрација, итн. На 150-те институции без активна систематизација, им е испратена опомена, со рок до 5-ти септември, до кога треба да ги внесат податоците во Регистерот. На ниво на Влада, МИОА активно работи на подигнување на свеста кај институциите за важнота на ова прашање. Воедно, подготвуваме и предлог мерки кои би ги донела Владата, а кои едноставно ќе ги принудат институциите да го почитуваат законот, доколку сакаат да останат функционални.