1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амандмански сопки за кризниот ребаланс на буџетот

Костадин Делимитов
15 октомври 2020

ВМРО ДПМНЕ го напаѓа рекордно тешкиот буџет со над 170 амандмани. Власта бара конструктивност, опозицијата нуди поддршка, но условена. Експертите предупредуваат среде финансиска, да не се креира и политичка криза.

https://p.dw.com/p/3jxOK
Symbolbild Wirtschaft und Finanzen
Фотографија: picture-alliance/K. Ohlenschläger

Стартува битката во парламентот за предлог ребалансот на буџетот. Десет дена амандманска расправа и пет дена пленарна седница е законскиот рок кој треба да се изоди пред да се усвои владиниот предлог со кој државната каса се напумпа на рекордни 4.1 милијарда евра. Овие пари, доминантно треба да и помогнат на македонската економија за да преживее во кризата наметната од пандемијата. Власта очекува конструктивност, идентично и опозицијата, која сепак најавува и сериозен напад со голем број на амандмани: 

„За комисиската расправа имаме вкупно 186 амандмани од кои 176 се поднесени од страна на ВМРО ДПМНЕ. Како опозиција активно ќе учествуваме на комисиската но и на пленарната расправа и ќе се обидеме да ја убедиме власта за некои добри законски решенија кои ќе го подобрат животот на граѓаните во областите од каде што доаѓаат пратениците и се барања на граѓаните“, изјави за Дојче веле Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ.

Што конкретно содржат амандманите детали нема, но она што најавуваат од опозицијата е дека тие ќе бидат насочени кон дополнителна поддршка на здравството, но и за справување со проблемот со загадување, кој допрва се очекува да добие на актуелност. Дали ќе има слух кај власта допрва ќе се види, но од тоа ќе зависи и поддршката на опозицијата за предлогот:

„Практиката досега кажува дека нема многу конструктивност. Она што го зацртала владата, тенкото мнозинство си го гласа во собранието. Знае да се случи да поминат еден или два амандмана на опозицијата, но ќе видиме како ќе биде. Подготвени сме за поддршка, но само доколку навистина се разговара за одредени законски решенија, а не тие да доаѓаат тука сервирани, туку да можеме и ние да придонесеме“, коментира Мицевски.

Од пратеничката група на СДСМ не сакаат да коментираат ништо поконкретно пред да започне расправата. Законските рокови се јасни и очекуваат дека законот ќе биде изгласан навреме:

„Расправата трае десет дена според деловникот, без разлика колку амандмани има поднесено. Така што нема што да се зборува за конструктивност. Што и да се случува, до десетиот ден на полноќ завршува амандманската расправа и потоа оди на пленарна седница. Како и да е до крајот на месецов би требало да заврши се`, да се изгласа за да може да се спроведат мерките од четвртиот антикризен пакет кои се предвидени да стартуваат со важност од октомври. Значи да видиме, треба да почне дискусијата, општата расправа па дури потоа доаѓаат амандманите. Рокот за нив е десет дена, но може и побргу да поминат“, изјави за Дојче веле, Јован Митревски координатор на пратеничката група на СДСМ.

Копја се кршат околу онлајн работењето на Парламентот

Ребалансот влегува во собраниска расправа во услови кога владејачкото мнозинство бара седниците да се водат онлајн, а не со физичко присуство, поради проблеми со пандемијата. Премиерот Зоран Заев апелира до ВМРО ДПМНЕ да не го доведува во криза работењето на законодавниот дом и да го прифати предлогот. Во овие моменти вели потребна е мудрост и одговорност:

„Во Парламентот имаме три или четири наши позитивни пратеници. Ова го прави големиот проблем, а тоа е столбот на демократијата да биде ставен надвор од системот, да не работи, а тоа ќе значи неможност да се носат одлуките кои што значат плати социјална помош поддршка на здравствените работници“, предупреди Заев.

Повеќе:

ММФ и Владата со различни прогнози: Пад на економијата од 5,4 или 4.4 отсто?

Нужна е правна, но и техничка подготвеност за онлајн седници

Викенд без ДДВ: Ризик, но и помош во кризата

470 милиони евра, гаранција за економски мирна Ковид-зима!?

Тури - претури со капиталните инвестиции за спас на економијата од „Ковид 19“

Опозицијата засега е против онлајн собрание и бара седниците да се одвиваат со физичко присуство:

„Ние сме против затоа што заболени има секаде. За власта е проблем тенкото мнозинство, а не се заболените. Да имаа на пример 80 пратеници тие три немаше да се почувствуваат. Но тие направија влада со 62 пратеника. Но не е спорно да се добие поддршка на тие колку што ќе ги имаат во моментот доколку навистина се разговара за одредени законски решенија, а не да доаѓаат тука сервирани, да можеме и ние да придонесеме“, порачува Мицевски.

Креирање политичка криза е неодговорно

Во целата неизвесност, она што е јасно е дека без усвојување на ребалансот, оперативноста на антикризните мерки е практично невозможна. Дел од упатените предупредуваат дека во вакви услови е неодговорно да се креира политичка криза:

„Настрана амандманите, кои и онака како и секоја година се во огромен број. Многу повеќе ме загрижува тоа што сме сведоци на препукување околу одвивањето на седниците. Гледаме што се случува со пандемијата и ако продолжи трендот на заболени пратеници може многу лесно да се компромитира целиот процес. Да нема доволно мнозинство и на сцена да стапат некакви уцени, условувања и пазарења, што дефинитивно би ги компликувало работите. Мислам дека е потребна трезвеност и договор“, предупредува претставник на експертската јавност кој со загриженост ги следи случувањата. 

Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Во Собранието претстои веројатно бурна дебатаФотографија: Regierung Mazedonien

Сепак и вака скроен, ребалансот на буџетот не предизвикува којзнае какво задоволство, пред се кај бизнис заедницата. Напротив, коментарите се дека проекцијата е оптимистички скроена:

„Тоа што го најавува Владата е оптимистичко, очекуваме полоша состојба од она што е планирано и секако дека Владата треба да размисли како да му помогне максимално на бизнисот периодов, особено преку кратење на непродуктивните трошоци и ефикасно реализирање на буџетот“, реагираше во изјава за Дојче веле  Дриљон Исени, Извршен директор на Стопанска комора на Северозападна Македонија.

Во кратењето, преживеаја најголем дек од капиталните расходи, а власта тврди дека се кратат непродуктивни трошоци. Министерот за финансии е оптимист и очекува дека прекројувањето на државната каса сепак ќе донесе стабилност:

„Овој ребаланс се прави за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки, и очекуваме дека ќе донесе стабилност. Со овој пакет ќе придонесеме за ублажување на ударот и ќе се создаде услови за солиден раст, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Со ребалансот треба да се обезбедат 70 милиони евра поддршка за исплата на плати, околу 27 милиони евра ќе чини мерката за домашната платежна картичка. Викендот без ДДВ кој се спроведе за време на продолжениот празничен викенд ќе се финансира со 17 милиони евра. За Државна гарантна шема и царинска гаранција - 13 милиони евра. Околу 5,5 милиони евра грантови ќе се доделат за игротеки, туристички агенции, ресторани за свадби.

Сепак анализата на структурата на државната каса покажува дека ребалансот креира и проблеми. Има значително повеќе пари за привремени вработувања, извршители, набавка на мебел за дел од институциите. Но затоа нема пари на пример за дополнителни вработувања во инспекциските служби:

„Министерството за финансии го одби барањето за вработување на 20 инспектори потребни во Државниот пазарен инспекторат. До крајот на годината се очекува 37 инспектори да заминат во пензија, а новите примени од пред година, две се` уште се на обука пред да излезат на терен. Немаме доволно инспектори меѓутоа постапуваме максимално со капацитетот со кој располагаме, предупреди директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.

Со вториот ребаланс годинава, прв на новиот владин состав, државата ќе има рекорден буџетски дефицит од дури 920 милиони евра или 8,4 проценти од БДП. Дополнителната дупка која што се отвора е во износ од 170 милиони евра. Од Владата планираат овој минус да не се покрива со ново задолжување од надвор, туку со комбинација од депозитите на државата и од задолжување со хартии од вредност на домашниот пазар. Владата го крои овој ребаланс со прогноза за пад на домашната економија односно пад на БДП за 4,4 процентни поени, што е пониско остварување од првично очекуваното. Пред два дена Меѓународниот монетарен фонд предупреди дека македонската економија годинава ќе ја заврши во минус од 5,4%.