1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Америка избира претседател

30 октомври 2020

Ако Америка не одбере јасно и без сомнежи околу победникот, може да очекуваме влошување на поларизираната политичка ситуација во Америка, со несогледливи последици врз демократијата во целиот свет. Пишува Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/3kdEV
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

На 3 ноември, следниот вторник, САД ќе го изберат својот 46-ти претседател. Америка не избира само помеѓу Џо Бајден и Доналд Трамп, туку одлучува и за промена на 1/3 од Сенатот, но најмногу од се’, Америка избира помеѓу две дијаметрално различни и спротивставени идеи за својата иднина.

Се вели дека со секои избори, Америка одново се обмислува себеси, го редефинира својот идентитет, кој за разлика од Стариот континент, секогаш остана отворен кон промени и во постојана еволуција. За разлика од Европа, каде граѓанинот најчесто се идентификува со местото на раѓање, родителите, мајчиниот јазик и обичаите, во Америка се верува дека идентитетот на човекот е производ на слободен избор, дека секој има право да биде тоа што сака, или ако сака, одново да се измисли себеси. „Reborn", повторно роден - беше мотото и еден вид на слоган на поранешниот претседател Џорџ Буш помладиот.

Идејата за таа персонификација, лична и индивидуална посебност која одлучува за судбините на земјата, неизбежно се исцртува преку кандидатите за претседател. Тие се инкарнацијата и персонификацијата на една одредена кондензирана идеја за нацијата, која доколку победи, има не само за право, туку и должност, да ја пласира и моделира иднината на земјата согласно своите идеи, вредности, соништа и проекти.

Америка е земја на екстреми

Америка е судир на идеи, на личности, на политики, од најразлични до најекстремни, и затоа и ден-денес, дури и кога сме сведоци на една драматична демократска рецесија, земјата помеѓу два океани, останува најголемата и најкомплексната демократска лабораторија на светот.

Америка е земја на екстреми, социјални, економски до политички, и не е земја која контемплира компромиси или нерешени резултати. Напротив, најчесто на многу суров начин, што во политичките пресметки, што во изборните, за влакно или за некоја шака гласови, победува само едната страна, додека другата мора да загуби.

Оттука, историјата на Америка, е пред се’ и историја на претседателските избори и дуели, а потоа и на претседателот кој ја предводи во некоја нова насока и патека, поблиска или подалечна од типичниот „American way".

Доволно е да погледнеме само во последните 100 години. Теодор Рузвелт ја наметна модерноста преку реформи кои многумина ги отфрлаа. Вудро Вилсон го откри американскиот мултилатерализам наспроти изолационизмот. Френклин Делано Рузвелт беше архитектот на „New Deal“ и човекот кој ги отвори вратите за имигрантите. Труман ја откри идеолошката димензија на Америка наспроти комунизмот. Кенеди отвори нови граници и хоризонти соочувајќи се со најтемниот американски конзервативизам. Линдон Џонсон ги трансформираше демократите отворајќи ги вратите за граѓанските права, додека Никсон ја затвори војната во Виетнам и се отвори кон Кина. Реган ја подигна Америка од депресијата и омаловажувањата после Картер, додека Клинтон го измисли „третиот пат“ за демократите и ги смести во центарот. Џорџ Буш ја водеше ранетата и агресивна Америка по 11 септември, додека оптимизмот на Обама ја отвори Америка во својата пострасистичка фаза.

Трамп дојде како симптом на американската мака, како врвна експресија на бунтот на средната класа против Вашингтон и естаблишментот, партиите, институциите, глобализацијата. Бајден има намера да го предизвика бунтовниот и популистички Трамп, како обединувач на поделената нација.

Клучни сојузни држави

Во оваа финална, и како ретко кога жестока битка, и двајцата кандидати влегуваат со длабоко поделени партии и длабоко поделено општество. И како што наведов во претходната колумна околу надворешната политиката на САД, американската стратегија и проекција во светот нема да се промени поради едниот или другиот иден претседател. Тоа е прашање на институциите и прашање кое зависи пред се’ од домашните состојби. А на 3 ноември, за неколку дена, се одлучува токму за тоа - за домашната душа, идеја и идентитет на Америка.

Битката и овој пат, како и во 2016-та година, се очекува да биде одлучена во таканаречените „Swing States“, колебливите држави, кои беа причината за шокот на Хилари, која исто како и Бајден денес, водеше според сите релевантни анкети. Географски, со исклучок на комплицираната Флорида, тие држави се наоѓаат во американскиот „Midwest". Социјално гледано, станува збор за електорат кој претежно е работнички. Станува збор за дел од Америка кој се чувствува напуштен и заборавен, издаден од политичката и либерална коректност на демократите, позаинтересирани за правата на малцинствата, отколку за работничката класа. Тој дел се нарекува уште и „Rust Belt", зарѓаниот појас на Америка, кој порано важеше за срцето на американската индустрија, а денес говори за една депресивна и осиромашена територија, каде фабриките се затвораат, додека средновечната бела популација е оставена без работа и иднина, најчесто во вртлогот на зависности и ситен криминал. Голем дел од борбата за Белата куќа се одлучува токму тука, исто како и во 2016-та.

Другите клучни држави се Флорида, Аризона и Северна Каролина. Но, евентуалниот реизбор на Трамп, неминовно зависи од освојување на државите од зарѓаниот појас. Во поглед на големите електори, државите од овој појас имаат релативно голема тежина. Пенсилванија вреди 20 големи електори, Охајо – 18, Мичиген – 16 и Висконсин – 10. Пред 4 години, Хилари важеше за убедлив победник во овие колебливи држави. На крајот, сите овие држави завршија на контото на Трамп.

Хилари подоцна беше обвинета, и не без право, дека посветила премалку внимание на овие држави. Во реалноста, се појави само на неколку митинзи, а ниту еднаш во Висконсин. Конечно, во поразот беше предадена токму од белите жени, од работничката класа, од сите оние кои претходно во големо мнозинство гласаа за Обама.

Бајден одбра да не ја повтори истата грешка и се одлучи за помека позиција кон индустријата, со што пак го оддалечи младото и радикално крило од партијата. Бајден нема намера да му ги подари на Трамп гласовите на работниците во енергетската индустрија, се’ уште важна гранка во областа на Питсбург и во Охајо. Токму таму живее осиромашената бела популација, која елитите пејоративно ја нарекуваат „white trash" или „rednecks".

Пред 4 години Хилари доживеа историски пораз во Охајо, со одвај 43% од гласовите, најлош резултат од времето на Реган. Во Мичиген, срцето на автомобилската индустрија, Трамп победи за влакно, со разлика од само 10 илјади гласови од речиси 5 милиони. И токму на овие теми се води една од најжестоките борби помеѓу Бајден и Трамп. Трамп се претставува како бранител на изгубените работни места, што како последица на глобализацијата, што поради либерализацијата на пазарите и подемот на Кина, за што, според него, се виновни политичарите како Бајден. Но, Бајден е далеку пожилав и помалку ранлив на овие теми од Хилари, и веќе има изградено имиџ на човек од средната класа, како човек од народот.

Далеку на југот од американскиот Midwest, се наоѓа најважната од колебливите држави, односно Флорида. Со 29 од големите електори, Флорида денеска е на трето место според изборната тежина или важност, заедно со Државата Њујорк и веднаш зад Калифорнија и Тексас. Изборната тежина на секоја држава зависи и се менува врз основа на популацијата, а таа на Флорида постојано расте. Флорида имаше 15 милиони жители кога во 2000-та година ја одлучи претседателската трка помеѓу Буш и Ал Гор, додека денес има 22 милиони жители.

Флорида

Постојаната демографска трансформација на Флорида ја прави државата мошне непредвидлива. На пример, хиспано популацијата не гласа како единствен блок или тело. Кубанците и Венецуелците се повеќе десничарски настроени поради левичарските диктатури во своите земји на потекло, Порториканците пак гласаат најмногу за демократите. Останатата популација, со потекло од Мексико или Централна Америка, гласа слично како белата популација: младите за демократите, постарите и оние со средно високи примања за десницата.

Доколку очекуваме од најдолгата ноќ во Америка, брзи и јасни изборни резултати, тогаш среда наутро мора да ја следиме Флорида. Доколку тука Бајден има силна предност, тогаш речиси со сигурност ќе биде идниот претседател. Во моментов разликата помеѓу двајцата кандидати во Флорида е само 0,4%, односно, комплетно се изедначени. Според експертите, Бајден може и да си дозволи да ја изгуби Флорида, но Трамп ја нема таа комоција. Оттука, ако Бајден почне силно да води во Флорида на почеток на пребројување на гласовите, а во Флорида гласовите се бројат побрзо и порано отколку во другите држави, тогаш работата е речиси готова.

Флорида е важна и од уште еден аспект, а тоа е дека доколку тука победата на Бајден биде чиста и доминантна, плановите на Трамп за оспорување на изборите и комплицирање на пребројувањето, драматично ќе му се поматат. Тоа би било идеалното сценарио за демократите, но внимание, Флорида е историски позната како изборен кошмар за демократите. Во 2018-та изгубија гувернер и едно место во Сенатот, додека во фамозната 2000-та, ги загубија изборите заради разлика од само 537 гласа. Трамп е крајно претпазлив со Флорида, па дури и се откажа од својата официјална резиденција во Њујорк за поблагата и потопла клима во Мар-а-Лаго.

Други колумни од авторот:

Трамп–Бајден, кошмар со отворени очи

Бизнис-дипломатијата на Трамп отвара нови сценарија на Блискиот исток

Трамп води кампања како да е аутсајдер

Каква атмосфера владее во моментов во Америка? Чувството е дека масата луѓе во овој момент е на страната на Трамп, од проста причина што го има насекаде. Во последните недели, Трамп е како торнадо, помина преку 10 држави, вклучувајќи ги и колебливите, каде се расплетува крешендото и гранд финалето на неговата изборна кампања. На секој од неговите митинзи владее комплетен спектакл, за разлика од демократите, кои се одлучија за мали собири, најчесто во форма на драјв-ин, со цел да се одржува дистанца. Дури и Обама, човекот кој знае да ги подигне масите, се ограничи на микро настани, речиси интимни средби. Оттука, иако сондажите го даваат во предност Бајден, спекталот и атмосферата од митинзите на Трамп отвараат можност за конечен пресврт.

Настрана митинзите, чувството е дека Трамп помина подобро на третата и последна дебата и тоа се гледа од наглиот пораст на донациите во негова корист. Неговата кампања е крајно негативна и зборува единствено за опасноста – Бајден. Својот противник го опишува како типичен политичар на левицата кој само оданочува и троши, кој би ги зголемил даноците, би го поскапел бензинот и би ја продолжил економската депресија, во момент кога економијата доживува рекорден раст. Иако е актуелен претседател, Трамп води кампања како да е аутсајдер - лидер на опозицијата против естаблишментот, буквално исто како и во 2016-та.

Бајден е различен од Хилари

Кај демократите владее благ оптимизам, иако се свесни за можниот пресврт. Оптимисти се од проста причина: сметаат дека веќе е предоцна за пресврт. Дури и кога Трамп би бил во подем, веќе преку 80 милиони Американци предвремено гласале, додека бројката на неопределени е многу помала од онаа во 2016-та година. Скандалите кои се обиде да ги актуелизира Трамп, особено околу Хантер, синот на Бајден, излегоа предоцна. Конечно, демократите силата на Бајден ја гледаат во неговата различност од Хилари, како човек кој не создава поделби и антагонизам. Екс заменикот на Обама не важи за харизматичен политичар, не создава ентузијазам и не ги подига масите, но не ги ни поларизира.

Што ако биде тесно?

Останува непознаницата, во услови на тесни избори, Трамп да се обиде да ги оспори резултатите, особено оние преку пошта, кои ќе бидат во огромен број поради пандемијата. Ако резултатите се јасни и на страната на Бајден, верувам дека постојат инструменти, меѓу кои и притисокот од самите републиканци, Трамп веднаш да ги признае резултатите. Проблемот е што е мошне веројатно на почетокот да води Трамп, а потоа со броење на гласовите преку пошта Бајден да го престигне. Тука Трамп би можел да ја закочи работата со недели, водејќи ја до државните и федералните судови. Во најлош случај, исходот од изборите би можел да зависи од Врховниот суд - поле на кое Трамп одигра набрзина и без респект за демократските правила - и тогаш проблемот би можел да се пролонгира со месеци, нешто што би произвело политички и улични судири, паника на берзите и општа глобална несигурност.

Америка избира и останува да се надеваме дека ќе одбере јасно и без никакви сомнежи околу победникот. Во спротивно, може да очекуваме влошување на веќе премногу поларизираната политичка ситуација во Америка, со несогледливи последици врз демократијата и демократските процеси низ целиот свет.