Ница: Атентаторот не се наоѓа на терористичките листи
30 октомври 2020Главниот обвинител за борба против тероризмот во Франција, Жан-Франсоа Рикар, беше огорчен во вечерните часови: медиумите уште попладнето го објавија идентитетот на осомничениот атентатор, за кој се тврди дека е одговорен за убиствата на три лица базиликата Нотр Дам во центарот на Ница. Избрзаната идентификација ја комплицира работата на полицијата, која трага по можни соучесници на сторителот и сака да ја разјасни заднината на злосторството, се пожали Рикар.
Осомничениот дошол преку бегалските рути
Осомничениот Брахим А. е тешко повреден и се наоѓа во болница. Кога бил уапсен, тој и’ се заканувал на полицијата со пиштол и потоа бил застрелан, рече обвинителот. Туниската полиција во меѓувреме отвори сопствена истрага за човекот, чие семејство живее во пристанишниот град Сфакс. Местото е оддалечено само 130 километри од италијанскиот остров Лампедуза и го користат многу мигранти од регионот како отскочна штица кон Европа. Брахим А. не им бил познат ниту на туниските ниту на француските власти како осомничен терорист.
Тој го напуштил Тунис на 14-ти септември со брод и дошол во Италија преку Лампедуза, каде се вели дека пристигнал на 27-ми септември. Италијанските власти, во согласност со стандардната пракса, го пуштиле на слобода по кратко време, а тој потоа од Бари стигнал до Франција. Француските власти сега се обидуваат да го реконструираат неговото патување. Единствениот документ што го пронашле кај него била картичка издадена од италијанскиот Црвен крст. Колку со тоа можат да се потврдат неговото име и идентитет, сè уште не е сигурно.
Случајни жртви
Атентаторот пристигнал на централната железничка станица во Ница нешто пред 7 часот наутро и чекал таму некое време. Во 08:30 часот влегол во катедралата Нотр Дам, каде и го пресекол грлото на 60-годишна жена. Втората жртва, црковен службеник, била усмртена на ист начин. Друга 44-годишна жена со сериозни повреди прво успеала да побегне во блискиот ресторан, каде по кратко време починала. Полиција пристигнала на лице место во рок од неколку минути, упаднала во црквата и го совладала напаѓачот.
Човекот имал три ножа со себе кога бил уапсен, од кои едниот бил оружјето со кое ги извршил убиствата. Освен тоа, кај него се пронајдени и лични предмети и телефон. Убиствата се класифицираат како исламистички тероризам затоа што се вели дека Тунижанецот извикувал „Алаху Акбар“ кога пристигнала полицијата.
Нацијата во шок
„Ова е трет напад за еден месец“, рече јавниот обвинител Рикар, велејќи дека исламистичкиот тероризам е активен во Франција и ја загрозува слободата на сите Французи. Единствената причина за нападот врз трите жртви е тоа што тие во тој момент се наоѓале во црквата.
Повеќе:
-Тројца убиени во нападот со нож во Ница
-Растат анти-француските чувства во муслиманските земји
-Тешката борба на Франција против исламизмот
Злосторството одново ја шокираше Франција. Само пред две недели, во близина на Париз, на сличен начин беше убиен и професорот Самуел Пати. Тој претходно на своите ученици во рамките на наставата за слободата на изразување им ги покажувал карикатурите со Мохамед. Кон крајот на септември имаше уште еден напад со нож пред зградата на сатиричното списание Шарли Ебдо во Париз, во кој двете жртви преживеаја тешко повредени. Во изминатите пет години, исламистичкиот тероризам доведе до 271 жртва во Франција.
Напад врз целата земја
Претседателот Емануел Макрон пристигна во Ница вчера попладне за да разговара со безбедносните сили и локалните политички претставници. „Цела Франција беше нападната“, рече претседателот. Според Макрон, Франција е нападната поради нејзините вредности и правото на слобода на изразување. „Нема да отстапиме“, порача тој од Ница.
Пред само неколку недели Макрон одржа обраќање до нацијата за борбата против исламистичкиот сепаратизам и паралелните општества во Франција. Тој притоа вети засилено дејствување против исламистичкото насилство.
Овие најави и анализата на Макрон за ситуацијата во Франција доведоа до остра расправија со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој упати навредливи коментари за состојбата на умот на Макрон.
Макрон се покажа како најостар критичар на Ердоган и неговата експанзионистичка политика на Блискиот исток. Турската влада се заканува дека ќе ги бојкотира француските производи, а тоа наидува на поддршка во некои муслимански земји во регионот.
Француските власти во моментов се наоѓаат под огромен притисок: од една страна, тие мора да ја стави под контрола епидемијата на коронавирусот, а од друга страна да ја засилат борбата против исламистичкото насилство, со цел чувството на несигурност кај француските граѓани да не доведе до контраакции и бунт.