Заев во Брисел: ЕУ да го испорача ветеното кон нас
18 мај 2021Лидерите на земјите од Западен Балкан вечерва во Брисел на работна вечера со Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел разговараат за состојбата во регионот.
Пред почетокот на вечерата, македонскиот премиер Зоран Заев изјави дека во Брисел доаѓа со „пораките што лидерите на институциите на ЕУ добро ги знаат, а на средбите со нив што ги имавме минатата недела се уверивме и дека добро ги разбираат и ги одобруваат“.
Потенцирајќи дека државата си ги завршила своите обврски, Заев порача дека сега е време „ЕУ да го испорача ветеното кон нас“:
„Очекуваме да нема натамошно одлагање (на почетокот на преговори, н.з.), очекуваме одлука за прифаќање на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција со ЕУ, и со тоа да го официјализираме почетокот на преговорите уште во мандатот на португалското претседателство со Унијата. Претставниците на ЕУ знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет и македонскиот јазик не се и никогаш нема да бидат за преговори. Знаат и разбираат дека тоа ниту било ниту треба да биде на европската маса за преговори за членство на Северна Македонија во Европската унија. Во секој момент сме подготвени и имаме апсолутно добра волја за прашања од билатерален карактер да разговараме со Бугарија во секое време, без тоа да влијае на нашето пристапување во ЕУ.“
Заев уште додаде дека со „лидерите на земјите од Западен Балкан имаме неподелен став дека Европската унија не може да смета дека е целосна без регионот и дека секое одлагање на процесот на вклучување на земјите од Западен Балкан ја доведува во прашање неколкупати повторуваната определба на ЕУ за проширување и кредибилитетот на Брисел меѓу нашите граѓани.“
Повеќе:
Вечера кај Борел: Кој има апетит на Западен Балкан?
„Генералната проба“ за вечерата со Борел
Шефот на европската дипломатија Борел пред средбата, на која инаку учествува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, потенцираше дека со лидерите од регионот ќе биде согледано не само проширувањето, туку и пошироките геополитички предизвици во регионот. „На средбата на шефовите на дипломатии минатата недела, ЕУ застана на ставот дека Западен Балкан е еден од главните приоритети за Унијата и постигната е согласност да се засили преданоста кон тој регион и секој којшто ги разбира случувањата во регионот разбира дека тоа не се доведува во прашање, но мора да се направи повидливо“, рече Борел.