1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот- буре барут со запален фитил

15 септември 2020

Дали некој од борците за спасување на Македонија ги разбра зборовите на Жозеп Борел, првиот дипломат на ЕУ, упатени со критичка интонација и до Брисел и до сите земји членки на ЕУ? Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/3iT1K
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Балканот повторно е буре барут со запален фитил. Оваа страшна опомена не само до балканските земји, туку пред се до сите членки на Европската унија, не ја испратија како што е вообичаено намножените екстремисти, радикали и милитантни националисти, туку лично високиот преставник за  надворешни работи и безбедност на  Европската Унија Жозеп Борел.  Тој во интервју за угледниот и влијателен  Фајнешел тајмс без трунка дипломатски јазик вели: „ Ако не го стабилизираме Балканот тешко ќе се сметаме за геополитичка сила бидејќи никој друг нема да го стори тоа, само Европејците. Нашето соседство гори, Балканот особено ја загрижува ЕУ“.

Заложбата на Борел адресирана до Брисел има сериозни критички тонови во зборовите кога вели дека е неопходен силен и единствен одговор на ЕУ. А, тоа е јасната перспектива на балканските земји постапно да станат членки на ЕУ со решителна и сестрана поддршка да ги остварат реформите предвидени во бриселските поглавија. Обраќањето до „сите членки на ЕУ“ и до Брисел може да се толкува и како предупредување дека попречувањата на балканските земји на европскиот пат со условувања за внатрешно политички популистички поени од некои членки нанесува штета на целата Унија.

Гори од Либија до Белорусија

Кои се причините за големата загриженост за ваквата интонација на високиот функционер на ЕУ? Во последните десет месеци, вели Борел, нашето соседство беше зафатено со пламен од Либија до Белорусија. Рече, многу е полошо отколку што очекував. Тој укажува на затегнатите односи меѓу Белград и Приштина, за конфликтната ситуација на Медитеранот која може да прерасне во војна меѓу Грција и  Турција и двете, исто така, и балкански држави и членки на НАТО.

Deutschland Berlin | Treffen EU-Außenminister | Josep Borrell
Жозеп БорелФотографија: Getty Images/K. Niefeld

Но, тензиите за дестабилизација на регионот и пошироко на  Европа се присутни и во Црна Гора која е најблиску до членство во ЕУ. Ништо не е подобра состојбата и во Босна и Херцеговина на реалацијата Сараево – Бања Лука - Белград. Речиси и да нема балканска земја каде економската и политичката криза еднакво опасна како и пандемијата со коронавирусот, ако не и поопасна.

Други колумни од авторот:

-Татковината ги препознава луѓето

-Ќе ја уништиме ли епохалната шанса?

-Колку ќе трае владата

Што се случува во Македонија која беше пример за мирољубива политика, толеранција и подготвеност на компромиси уште од распадот на Југославија, единствената земја  која од крвавите војни успеа да излезе и да стане независна  без ниту една жртва и испукан куршум. Некои наши аналитичари тенденциозно тоа го нарекуваат среќа. Ни оддалеку тоа не беше среќа, туку успех токму на таа мирољубива политика и мудрост на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров.

По долгогодишниот застој на односите со соседите во периодот од 2006 до 2016 година и лошите политики, тешкиот инцидент на историјата кои го предизвикаа балканските политичари беше надминат повторно со храбрите компромиси на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас и нивните соработници, прво во севкупните односи меѓу Грција и Македонија со мировниот Преспански договор, како и со договорот за добрососедство со Бугарија.

Договорот со Бугарија потежок отколку со Грција

И сега по сите овие години на мачна и тешка транзиција кога работите, ако може така да се каже, се доведени до последната фаза по членството во НАТО, се појавија нови пречки во период кога веќе е добиен датумот за почеток на преговорите со ЕУ предвиден за декември годинава и кога Македонија  не преставува никаков проблем, ниту во регионот, ниту за Европа. 

Двете последни блокади доаѓаат од дома и од соседна Бугарија. Испадна работата дека Договорот за добрососедство со Бугарија е потежок товар од договорот со Грција.

Преспанскиот договор има решенија кои се неприфатливи за радикалите на двете страни и во Грција и во Македонија, но кои го прават Договорот одржлив на подолг рок. Кај нас се проблематизира промената на уставното име со географската додавка северна, а во Грција суштинското име на државата Македонија, македонскиот јазик, македонското државјанство и национална припадност на Македонците.

Со промена на власта во Грција беше прифатена реалноста и од опозицијата. Првата изјава по седнување на премиерската фотелја на Кирјакос Мицотакис беше во таа насока. Во Бугарија пак, која западна деновиве во нова политичка криза, Договорот со Македонија повторно се крева на повисоко ниво како загроза на бугарските национални интереси со тврдиот став за крај на историјата со условувачки барања од „братскиот народ“ како што милуваат да кажат бугарските политичари.

Nord-Mazedonien Bulgarien Borissov zu Besuch bei Zaev in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Чиј е Гоце Делчев, како тој се изјаснувал за време на османлиската империја, кога Бугарија веќе има своја држава, чии се преродбениците, чии се македонските револуционари се до АСНОМ, а сега со најнова навреда и оспорување и на Антфашистичкото собрание на Македонија искажана  од познат бугарски европратеник како антибугарско оснивањето на македонска држава, повторно ја става Македонија во неизвесност. Ептен братско палење на фитилот на бурето со барут. Нема што.

Колку и да е разбирлива потребата да се отстранат од учебниците иделошките толкувања на историјата кои предизвикуваат повеќедецениска омраза меѓу бугарскиот и македонскиот народ, толку се неразбирливи бугарските тенденции за пишување нова историја проблематизирајќи ја вистината за окупацијата на Македонија од Бугарија во Втората светска војна и на македонскиот литературен јазик како дијалект на бугарскиот јазик. Отфрлањето  на реалноста за Македонија во Бугарија е дигнато на уште повисоко ниво како проблем на Европската Унија со условувања за пишување на историја по диктат на бугарската политика.

Ветер во грбот на ВМРО- ДПМНЕ

Како и се друго на Балканите  оваа ултимативна и уценувачка политика на Бугарија во Македонија е дочекана како ветер во грбот на опозициската ВМРО ДПМНЕ која протестите за уривање на владата од поскапување на струјата, организираниот криминал и корупција ја префрли на чуствителната тема- чиј е Гоце Делчев, чии се македонските преродбеници, чиј е  македонскиот јазик? 

ВМРО ДПМНЕ со тоа влегува во опасна зона на дестаблизација на државата и блокирање на предпристапните преговори на Македонија со ЕУ. 

Nordmazedonien Protest VMRO-DPMNE Strom-Preise
Фотографија: Petr Stojanovski

Наместо со мудра политика да се прифатат предупредувањата од Брисел и од високиот преставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Борел упатено до сите членки на ЕУ за посилна поддршка на балканските земји за постапно членство во ЕУ, ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот врв повикува на улични демонстрации во одбрана на Гоце Делчев оправдувајќи го тоа како поддршка на Комисијата за историја која води повеќегодишни тешки преговори со бугарските колеги за изнаоѓање на заеднички прифатливи решенија. Не, тоа не  е поддршка ниту на членовите на македонската комисија, ниту на Македонија.

Напротив, тоа е опасен обид за заострување на односите кои одат во прилог на Бугарија и на тезата дека отпорите не се од нивна страна, туку од Македонија, што се изедначува со атак на ЕУ. Индикативен е фактот што функционерите на ВМРО ДПМНЕ со ниту еден збор не се спротивставуваат ниту на бугарските, ниту на грчките услови, туку вината ја бараат во „домашните предавници“ кои ги продаваат националните државни интереси.

Префрлањето на борбата за уривање на штотуку комплетираната влада и конституирањето на парламентот по предвремените парламентарни и корона избори на теренот на односите со соседите и меѓуетничките односи во земјата како предавство е директно насочена против стратегиските државни приоритети.

Во Македонија, не е тешко да се разгори огинот на меѓуетничка омраза кој постојано тлее и кога е под пепел, како што не е тешко да се заострат односите со сите соседи. Очигледно најтешко е да се постигне единство во остварување на најзначајните историски цели.

Владите и натаму ќе се менуваат порано или подоцна, но изгубените шанси и изгубеното време е ненадоместливо. Најголемото злосторство е украдениот живот на денешните генерации и утрешните поколенија. Може секој ден милион пати да се повторува дека сите барања на политичките партии и на огромното мнозинство граѓани е во поглавјата на ЕУ во кои се содржани реформите за пристојна европска држава, за спас од распаѓање и делби, но битките за власт и привилегии се уште се доволно силни да направат катастрофа.