1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Балканот меѓу нов почеток и експлозија поради Косово

ЖА/ печат
27 август 2018

Тачи: „Не сакаме да бидеме заложници на границите од Титова Југославија. Никој не смее да се чувствува загрозен поради можниот договор меѓу Косово и Србија“, пренесува весникот „Стандард“ од средбата меѓу Вучиќ и Тачи.

https://p.dw.com/p/33pWi
Österreich Europäisches Forum Alpbach
Фотографија: picture-alliance/APA/picturedesk/H. Neubauer

„Конфликтот меѓу Србија и Косово конечно би требало да биде решен, и тоа со поместување граници, а не со поделби“, пишува австрискиот весник „Стандард“ во текстот за средбата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ со претседателот на Косово, Хашим Тачи. Домаќинот на средбата во Алпбах, австрискиот шеф на државата Александер ван дер Белен, на некој вид мини-балканскиот самит оцени дека станува збор за позитивен момент кој може да биде корисен. „Шансите за помирување меѓу Србија и Косово одамна не биле подобри. На тој начин растат шансите целиот регион да се приближи кон ЕУ“, пишува „Стандард“. 

Во анализите на дипломатите пренесени од австрискиот весник, се оценува дека ова е позитивен развој на настаните, но и можна „голема експлозија“ на Балкан. Бившиот висок претставник на меѓународната заедница во БиХ, Волфганг Петрич, во разговор за „Стандард“ изјави дека „гледа добри шанси за можен договор, а никако одраз на односите во БиХ, каде постои изразито силна тенденција за одделување на Република Српска.“ Словенечкиот претседател Борут Пахор, кој исто така присуствуваше на состанокот, ја критикува ЕУ поради нејзиниот став во граничниот спор со Хрватска. „ЕУ од една страна инсистира на решавање гранични спорови, додека од другастрана не се придржува на договорите.“ „Стандард“ потсетува притоа дека Словенија и Хрватска спорат околу Пиранскиот Залив. 

Тачи: Ќе има поместување граници, но не и поделби

Косово, според зборовите на претседателот Хашим Тачи, ќе го задржи „мултиетничкиот дух“. „Србија и Косово се во финална фаза на разговорите. Ќе има поместување граници, но не и поделби“, изјави Тачи за австриски „Стандард“. Тој потсетува дека од почетокот на дијалогот со Белград поминаа неколку години, а сега тој влегува во финална фаза. „Досега зборувавме за процес, но не и за детали, мислам на идејата за корекција на границата. Постојат големи разлики, но единствена можност е продолжување на дијалогот. Без договор, обострано си го попречуваме патот во ЕУ.“

На прашањето што се очекува од посетата на Вучиќ на Северно Косово, Тачи вели дека „Косово нема да биде поделено и нема да има размена на територии. Досега не сум чул да се зборува воопшто во таа насока. Косово ќе го задржи мултиетничкиот дух. Мораме да работиме на решавање на амозитетите присутни веќе 200 години. Не сакаме да бидеме заложници на границите поставени од Титова Југославија. Југославија веќе не постои. Косово има добри односи со сите соседи, со Македонија, Црна Гора и Албанија. Затоа никој не смее да се чувствува загрозен поради можниот договор меѓу Косово и Србија.“

Österreich Europäisches Forum Alpbach
Тачи: Косово ќе го задржи мултиетничкиот духФотографија: picture-alliance/APA/picturedesk/H. Neubauer

„Јас сум секогаш песимистичен, зашто знам колкави пречки треба да се совладаат и колкави се разликите во нашите ставови“, изјави Александар Вучиќ. Но, дојден е часот, зашто во спротивно „овој замрзнат конфликт“ било кога ќе се одмрзне, „а потоа ќе имаме војна“, рече Вучиќ. 
Повеќе: 

Македонија мора во НАТО да го дочека српско-косовскиот расплет

Албанија и идејата за корекција на границите

Британија и Кина против промена на границите?

„Изгледа како едноставно и прагматично решение. Претседателите Александар Вучиќ и Хашим Тачи договараат размена на територии - северот од Косово, претежно населен со Срби, би требало да ѝ припадне на Србија, додека Прешевската долина, воглавно населена со Албанци, би требало да му припадне на Косово. За возврат, Србија би го признала Косово. Со една таква постапка, би се намалил бројот на оние кои се малцинство“, коментира пак новинарката на „Стандард“, Аделхајд Велфл по средбата во Алпбах.

Во случај на размена на териотории, смета таа, за граѓаните нема да се промени речиси ништо. „Северот на Косово, без оглед што тамошната полиција и правосудството се интегрирани во косовските структури, и натаму е под контрола на Белград. На Косово, но и во Србија, граѓаните и во иднина ќе страдаат поради загадената животна средина, недоволното владеење на правото и ниските плати. Правно гледано, одлучувачки нема да биде договорот меѓу Вучиќ и Тачи, туку демократскиот легитимитет во земјата и меѓународното признавање. Хашим Тачи, кој на внатрешнополитички план е многу слаб, многу политички актери на Косово не го признаваат за легитимен преговарач. Велика Британија и Кина пак имаат добри причини во Советот за безбедност на ОН да ја спречат дебатата за промена на граници. Но, не станува збор само за проблематичната реализација, туку за правни принципи и регионалната стабилност, која може да биде загрозена. Затоа постојат отпори од цивилното општество и експертите. Зашто, досега промена на границите беше табу. При распадот на Југославија, постоеше ориентација кон меѓународниот правен принцип „uti possidetis", односно новонастанатите држави во моментот на стекнување независност да ги задржат постојните административни граници.

Повеќе: 

Меркел: нема промена на границите на Западниот Балкан

Од овие принципи се раководи и кохерентната политика на ЕУ кон земјите-наследнички на Југославија и на Советскиот Сојуз. На тоа укажува и германската канцеларка Ангела Меркел, која поради историска свест и почитувајќи ја правната сигурност, е стриктно против промена на граници. И самата дебата за ново повлекување граници веќе има дестабилизирачки влијанија. Милорад Додик, прорускиот претседател на Република Српска, составен дел од БиХ, човек против кого Барак Обама воведе санкции и чија цел е разорување на БиХ, смета дека му чукнал часот. Неодамна тој изјави дека 'границите не се дадени од господ'. Додик веќе со години се залага за независност на РС и нејзино приклучување кон Србија. Предложената демаркација според етнички критериуми во Косово за него е предизборен подарок. Со оглед на големоспрските сонови, повторно се јавува и идејата за Голема Албанија“, заклучува Аделхајд Велфл во коментарот под наслов „Поделба на Косово - предлог со подмолности“ во весникот „Стандард“.