Бајден: Нема да ја оставиме Украина на цедило
3 јануари 2022САД ќе реагираат одлучно доколку се случи руска инвазија врз Украина, истакнал Бајден. Во вчерашниот телефонски разговор тој ја повторил американската поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како што соопшти портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.
Зеленски од своја страна ја поздравил непоколебливата поддршка на САД за неговата земја. Со Бајден тој дискутирал околу заедничкиот настап на САД, Украина и нивните партнери за зачувување на мирот во Европа и за спречување на натамошна ескалација, напиша украинскиот претседател на Твитер.
Бајден, според Псаки, ја истакнал неговата поддршка на дипломатските напори за деескалирање на украинскиот конфликт. Владини претставници на САД и на Русија на 9 и на 10 јануари во Женева ќе одржат советувања околу украинскиот конфликт. Два дена потоа се предвидени советувања меѓу НАТО и Русија, а на 13 јануари ќе следат консултации меѓу Русија и Организацијата за европска безбедност и соработка.
Во четвртокот Бајден телефонираше со рускиот претседател Владимир Путин, заканувајќи му се со драстични санкции како реакција на евентуален руски напад врз Украина. Путин пак го предупредил американскиот претседател од воведување строги санкци и против Русија.
Масивно распоредување руска војска на границата кон Украина во изминатите недели во Киев и кај Западот разбуди стравувања од закана од нова руска инвазија врз соседната земја. Москва демантира било какви напаѓачки планови, обвинувајќи ги Киев и НАТО за провокации.