Бегалците - жртви на насилство на Балканската рута
6 април 2017Во извештајот со наслов „Опасна игра“, организациите за човекови права Оксфам, Белградски центар за човекови права и Македонско здружение на млади правници, констатираат дека бегалците на Балканската рута биле тепани, ограбувани и нечовечки третирани. Освен тоа, тие немале ниту пристап до фер постапка за азил. Во повеќе случаи е констатирано „илегално групно протерување“. Покрај тоа, како што се вели во извештајот, полицајците во Унгарија ги принудувале бегалците да се соблечат голи и да седат на снег. Притоа, полицајците ги полевале бегалците со студена вода. Цел на злоставување биле и деца бегалци.
Со истражувањето на трите организации за човекови права биле опфатени 140 бегалци, кои барале засолниште во Македонија и Србија.
„Луѓето кои во своите татковини често се изложени на неверојатно насилство, сега мора и овде во Европа да искусуваат брутално насилство“, критикува референтот за кризи и конфликти на Оксфам Германија, Роберт Линднер. Тоа е шокантно и срамно, вели тој.
Трите организации бараат од владите во Македонија, Србија, Хрватска, Унгарија и Бугарија да стават крај на повредите на правата на луѓето кои бараат заштита. Тие мора да обезбедат правно гонење на извршителите на кривични дела. И ЕУ би морала да се погрижи да се почитуваат обврските во делот на човековите права и стандардите во Европа.