Бегалците – испит на човечноста
9 март 2020Светот деновиве се преобрази во констелација со длабоко симболично значење. Стравот владее со човештвото. Стравот, создаден од луѓе – оној од војните и сиромаштијата. И стравот од моќта на природата – оној од непознати болести. Сонот дека модерниот човек го контролира светот во кој живее, деновиве го доживува својот кошмар. Земјите погодени од епидемијата на корона-вирусот се заштитуваат со општ карантин, со затворање на границите. Тоа, како мерка на заштита, во прв миг, успокојува. Во истиот миг станува јасно дека тоа не може да биде трајна состојба. Затоа што тогаш слободата се преобразува во својата спротивност. Имено, смислата на модерниот свет се токму отворените граници и слободната комуникација на луѓе. Дури и пред другиот предизвик на европските општества – бегалците – затвореноста на границите не може да биде трајно решение. Се‘ додека на европските граници очајно чекаат бегалци кои Европа ја потсетуваат на нејзината некогашна визија за мирот и слободата. Затоа што Европа, особено Западот на Европа, за бегалците е сонот за спас. Западна Европа остана „Ветената земја“, во која е можен живот во мир и благосостојба. ЕУ не може да ги изневери очекувањата на бегалците, без да се изневери себеси.
Симбол за слободата и демократијата
Затоа бегалците сакаат по секоја цена да стигнат во Европа. Тие во неа гледаат последна заштита. Тоа, всушност, значи дека европскиот модел на мирот успеа да ја оствари својата суштина. Тој стана симбол во целиот свет за слободата и демократијата. Сега тој ист симбол покажува лицемерно лице. Должност е на сите демократски сили во ЕУ да потсетуваат постојано на ова сознание. Според Организацијата за бегалци на Обединетите нации, минатата година 70 милиони луѓе во светот се наоѓале во бегство. Бегалците од војните се најкревките, оти се целосно незаштитени. Тие се надвор од сите граници – државни и политички. Пред бегалците секогаш сме на испитот на нашата човечност. Тие стануваат огледало на нашето лицемерие, кога ние лесно го забораваме туѓото страдање. Кога го забораваме и сопственото страдање во минатото. Затоа што нема европски народ што не поминал низ агонијата на војните и бегалството.
Историјата е преполна со страдање на бегалците. Особено Балканот има долга бегалска историја, затоа што војните и прекројувањето на границите како никогаш да не завршуваат. Но имаше времиња кога балканските народи ги примаа бегалците. Оние од Ерменија, кои бегаа од геноцидот во татковината, кој Турција и ден-денес не го признава. Бегаа кон Западот преку Балканот и многу бегалци од оние два и пол милиони Руси, кои бараа спас по Октомвриската револуција. Многумина останаа на Балканот. Балканската рута на бегалството има долга традиција. Таа сведочи не само за страдање, туку и за човечност. Притоа зачудува зошто на тоа денес не се сеќаваат токму балканските држави. Зошто тие пак сонуваат за граници со бодликава жица?
Европа се заштитува со солзавец
Иако бегалството е најстарата состојба на човекот, затоа што постои откако постојат војните, сепак, во мигов се чини дека ниту цивилизираниот и богат западен европски свет не научил ништо од неа. И денес бегалците се најнепосакуваната категорија луѓе. Тие и денес во земјите со мир и благостостојба за многумина се опасност. Особено откако деснорадикалните и фашистичките партии стануваат се‘ погласни во Европа. Од страв пред нивното јакнење, доколку во Германија би се повторила солидарноста од 2015-тата, денес германската политика и понатаму бара решение во проблематичниот договор со Ердоган. Притоа брзо се заборава дека ЕУ беше создадена токму од трагичното сознание за страдањето кое го оставаат зад себе војните. Тоа сознание противречи на договорот со земја како Турција, која од сирискиот град Идлиб направи пекол за бегалците. Земјата која изгради 40 км долг бетонски ѕид на границата со Сирија за да се заштити од бегалците, додека во исто време, нејзината армија учествува на сирискиот фронт, не ја дели мировната визија на ЕУ.
Европското обединување беше проект на мирот. Симболиката на европската идеја не беше никогаш само стопанската моќ, туку, пред се‘, воспитанието за мир, отворените граници. Затоа е горчливо сознанието кога денешните европски политичари говорат за „безбедност на европските граници“ пред бегалците - со силата на армијата и полицијата. Европа се заштитува со солзавец од тие луѓе, поради чие страдање пред седум децении се роди идејата за европското обединување. Реките од бегалци бегаат од војната во правец на ЕУ токму затоа што таа, барем досега, беше останала верна на својата визија за живот без војни, за отворени граници, за еднаквост на народите и културите. Бегалците бегаат во правец на ЕУ затоа што во овој свет, што секој ден се‘ подлабоко пропаѓа во војни и на геополитички борби за превласт, таа се чини единствениот остров на мирот и стабилноста.
Бегалството не завршува со азилот во туѓата земја
Најтешко за мене е да го издржам погледот на децата на фотографиите од бегалските збегови. Траумата на бегалските деца трајно ќе остане со нив. Тие ќе ја пренесат и на идните генерации. Бегалството не завршува со азилот во туѓата земја. Тоа трае долго во животот на бегалецот, како невидлива фурија од трауми. Стигмата на бегалците ја препознаваат во очите на децата најдобро оние, кои и самите биле родени во бегалство. И јас сум родена во бегалско прифатилиште, во фамилија на егејски бегалци. Грчката држава една година претходно им го беше одзела државјанството на моите родители. Таа засекогаш ја затвори границата за нив. Женевската Конфереција е помлада од мене само неколку месеци. Прогласена е на 28 јули 1951, а стапи во сила во 1954-тата. Тогаш и моите родители добија официјален статус на бегалци. Само тој статус правно ги заштитуваше, иако не им помогна за се отвори грчката граница и за нив.
Претходни колумни од авторката:
Гоце Делчев - биографија над сите балкански национални граници
Вистинската величина на регионот Македонија
Женевската конвенција го определи правниот статус на бегалците и ги пропиша должностите на државите кои им нудат азил. Иако речиси 150 земји во светот ја имаат потпишано Конвенцијата. Иако земјите на ЕУ со тоа ги прифатија должностите кои произлегуваат од неа, денес одбиваат да примат бегалци тие земји, кои, додека беа членки на Варшавскиот пакт, самите долго во Западот на Европа го гледаа сонот за слобода и демократија. Уште поразочарувачки е што речиси сите земји од Источна Европа, откако го остварија својот сон за слобода и благосостојба, брзо се вратија на фашистичките идеологии. Зошто земјите кои го претставуваат симболот на некогашниот Запад, а кои често се нарекуваат и старите европски демократии, дозволија правилата на однесување да ги диктираат луѓе како Виктор Орбан, кој од Унгарија најрадо би направил фашистичка тврдина на стравот од туѓото и различното? Зарем не би требало да се посилни демократските и хуманистички сили во ЕУ, кои не се плашат од десничарите и неонацистите во своите земји, доколку и тие самите не ги имаат заборавено принципите и визиите заради кои беше создадена идејата на европското обединување?
Можеби политичарите во ЕУ треба да бидат почесто потсетувани на трагичната конференција во францускиот град Евијан, 1938-та, која се одржа на иницијатива од американскиот претседател Френклин Рузвелт. На неа во мугрите на Втората светска војна се беа собрале 32 држави и 24 добротворни организации од целиот свет. Тие требаше да најдат решение за се‘ поголемиот број Евреи кои бегаа од Германија и Австрија. Конференцијата беше неуспешна. Ниту една од земјите не беше подготвена да прими поголем број еврејски бегалци. На конференцијата како посматрач била и Еврејката Голда Меир, подоцнежната премиерка на Израел. Таа јасно ја согледала трагедијата која произлегла и од неспособноста на делегатите на конференцијата во Евијан, да согледаат со каков стравотен проблем наскоро ќе се соочи светот, доколку демократските сили не превземат решителни мерки и не им помогнат на европските Евреи да најдат прибежиште во нивните земји. Подоцна Голда Меир пишува за своето длабоко разочарување, додека ги слушала претставниците на 32 држави како, еден по друг, го изразуваат своето жалење што не можат да примат бегалци од Европа, иако радо би сакале. „Посакав да станам и гласно да извикам кон сите: не знаете ли дека тие проклети „бројки“ се луѓе кои, доколку вие не ги примите, ќе мораат остатокот од својот живот да го поминат во концентрациони логори или бегајќи од едниот на другиот крај од земјината топка?“
Мудрите политичари учат од историјата. А човечните никогаш не забораваат дека во овој свет секој од нас може еден ден да се најде во трагичната состојба на бегалците.