Владата на Меркел во слободен пад
24 март 2021Крај на март 2021 година: очајна слика на сојузната влада во борбата против пандемијата на коронавирус. Се наметнува една мисла која уште лани, пред само неколку недели, беше речиси незамислива: дали канцеларката ќе успее на борбата против пандемијата повторно да ѝ даде структура и смисол? Или мора да даде оставка? Да се откаже?
До тоа нема да дојде, па макар и само затоа што никој не би сакал да ја преземе диригентската палка среде најлошата владина криза во текот на повеќе десетлетија. Но падот на авторитетот на оваа глобално почитувана жена во сопствената земја го одзема здивот. Само на почетокот од оваа седмица, на енергично инсистирање на Ангела Меркел, премиерите на сојузните покраини решија да го продолжат локдаунот за четири недели, а деновите за Велигден да ги прогласат за „фаза на мирување“.
Бунт на министерот за внатрешни работи
Уште тогаш ретко кој ја сфаќаше смислата на тие пет дена целосно застанување на животот. Уште повеќе што големо мнозинство од граѓаните во Германија ионака не планираше некое поголемо патување или луди забави. Но Меркел сепак успеа да го наметне својот став. Очигледно ги уценила премиерите на сојузните покраини, од кои некои сакаа да допуштат лесни форми на велигденски туризам. Се тврди дека јасно дала на знаење: ако не ме поддржите, нема ни јас да го поддржам договорот во целост.
Оваа закана дејствуваше само неколку часа. Дојде до жестоки протести на стопанствениците, црквата и опозицијата. Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер од ЦСУ отворено се спротистави на велигденското мирување. Истовремено, партијата на Меркел, ЦДУ, според најновите анкети се најде во слободен пад, што сигурно е последица и на грдата афера во врска со некои пратеници кои се збогатиле со набавка на заштитни маски.
Сега дојде значи до пресврт. Велигден нема да биде „празник на мирување“, самата Меркел зборува за грешка. Голема е диспропорцијата меѓу предностите и лошите страни на одлуката, вели Меркел сега. Имаше премногу прашања без одговори. Признавање пораз.
Потфрлување на државата
Сите вклучени во борбата против пандемијата, и сојузната влада и покраините, безнадежно се загубија во деталите. А главна последица е граѓаните веќе да не разбираат кои правила сега се во сила. Прво се издава забрана за патувања кои се однесува за сите за Велигден, а потоа одделни покраини отстапуваат од неа само неколки часа по конференцијата на кои и самите учествуваа. А факт е и дека уште за време на разговорите на Меркел со челниците на сојузните покраини, во медиумите протекуваат информации, што е доказ дека почитта кон канцеларката слабее.
Притоа, од почетокот на пандемијата, Ангела Меркел беше посвесна за големината на предизвиците од многумина други. Но, по повеќе од една година со коронавирус, нивниот одговор е само воведување натамошни ограничувања. Потоа се воведуваат претпазливи отворања во комбинација со брзи тестови, единствено што тестовите не се достапни во потребна количина. А кампањата на вакцинирање се влече со брзина на полжав. Германија загуби ориентација во борбата проотив коронавирусот.
Трагедијата на Ангела Меркел
Тоа е трагично за жена чија сериозност, спремност за компромиси и силни нерви се почитувани во цел свет. Меѓутоа, вотретиот бран на пандемијата токму нејзиниот начин на слушање на другите и настојување да го сослуша и последниот учесник во дебатата и во процесот на наоѓање решенија, се покажа како замка.
Не може да се рече дека таа лично е виновна за тоа, германскиот федерализам забранува и оневозможува управување со цврста рака. Но во овој момент оваа влада едноставно не е во состојба да дејствува. А бројот инфекции расте и расте. Навистина, во иднина може да биде само подобро.